Македонија
„Го сакам Водно“: Од сите владини заклучоци итно се испочитува само тој да продолжи изградбата низ шумата

По месечна борба на претставки и жалби, стигнавме до амбис, велат од граѓанска иницијатива „Го сакам Водно“ во врска со градежните активности за изградба на гасовод низ оваа планина.
Од иницијативата јавно ги прашуваат надлежните како планираат да донесат закон за Водно кога во исто време се копа и корне низ него.
„Пред повеќе од месец дена Министерството за животна средина требаше да подготви предлог-закон за Водно, за Матка и за парк-шумата Гази Баба, за која тогаш, меѓудругото, никој не кажа дека има веќе донесен закон. Дали Град Скопје донесе програма за рекултивација и пошумување? Ветувања многу, реализација нема. Од сите донесени заклучоци на Владата пред два месеца, само еден се испочитува, и тоа веднаш. МЕР да продолжи со изградбата на гасоводот низ парк-шума Водно“, се наведува во соопштението.
Оттаму додаваат дека за да се донесе закон за Водно најпрво треба да се дополни инвентарот со нови податоци за природни живеалишта и видови во парк-шумата Водно од национално и ЕУ значење.
„Како да се направи тоа кога на дневна основа се уништуваат природните живеалишта и видови со продолжување на овој ужасен проект?! Мисли ли некој во оваа држава на општото добро? На почитување на закони и прописи? Законот за Водно требаше да го донесете за 30 дена, кон крајот на септември. За да е готов, треба да се направи биомониторинг на живеалишта и видови, а тоа е невозможно да се направи ако се гради низ Водно. Или планот ви е прво да го изградите гасоводов, да уништите живеалишта и видови, па после да носите мртов Закон за немање потреба од заштита на Водно“, ги прашуваат од граѓанската иницијатива, надлежните.
Од „Го сакам Водно“ истакнуваат дека студијата за оцена на влијанието врз животната средина (ОВЖС) на овој проект е можен фалсификат.
„Еден од професорите потпишан како соработник сам, јавно се иззема, изјавувајќи дека прв пат слуша дека бил дел од изработката на ваков проект. Директорката на фирмата ‘Технолаб’, која стои зад изработката на студијата потврди пред сите, пред Реџепи, Макрадули, Шилегов, пред член од инспекцискиот совет, пред професорот од шумарски Иван Блинков и редица други, дека е во прашање печатна грешка каде што стои името на професорот Мицевски како соработник“, објаснуваат од „Го сакам Водно“ и велат дека несфатливо е како лажирано име на соработник може да се изедначи со печатна грешка и сите глумат дека не е страшно што имаат потенцијален фалсификат во рацете.
Од иницијативата од каде за борат за заштита на шумското подрачје и еко-системот на Водно, додаваат дека на спустот кон Шишево багерите се на ивица од провалија и прашуваат дали се потребни жртви за да запре, како што велат, лудилото.
„Се работи на исклучително тежок терен со наклони од 63% во должина од 107 метри, од 71% во должина од 163 метри, итн. Работниците треба да ги носат багерите во амбис, зошто така оди трасата на гасоводот. Неколку дрвја се гледаат напред и после тоа пука видик, зошто дрвјата се удолу. Треба да го ризикуваат својот живот за да се продолжи лудилово – по секоја цена гасовод низ Водно“, се наведува во соопштението на граѓанската иницијатива од каде додаваат дека досега до разни инспекторати имаат испратено околу 30 претставки и жалби во кои укажуваат на пропусти и недозволени состојби.
Од „Го Сакам Водно“ нагласуваат и дека мерките за заштита од ерозија не се применуваат, зошто, како што истакнуваат, постапката за јавна набавка за избор на фирма која ќе ги спроведе не е завршена.
„Дали некој од надлежните излезе со став да не се гради зошто нема кој да ги спроведе мерките за заштита од ерозија? Не. Се има правосилно одобрение за градење. Толку. Преведено на јазикот на институциите: може да се прави што се сака, по секоја цена“, стои во соопштението.
Од иницијативата пишуваат и за симптоматично обновување на решението за сеча од скопскиот градоначалник Шилегов.
„Решението за сеча на Град Скопје, истото она што истече пред повеќе од месец дена, е бесправно издадено, бидејќи е издадено за реализација на правосилно одобрение за градење, но проектираната траса не е користена за да се пресмета проценката за штета и висината на средствата од МЕР исплатени на Град Скопје, што е предуслов за да се издаде Решението. За тоа е користена изменета траса, која не е дел од тоа одобрение за градење и која сè уште не е одобрена. Владеење на правото? Секако дека не. На ова вакво истечено Решение од повеќе од три недели, после нашето алармирање, МЕР бара да му се измени рокот и Град Скопје веднаш го менува од 30 дена, до 1 март 2019. Ние, граѓаните и жители на Скопје, не сме имале право да се жалиме на ова бесправно Решение за сеча во парк-шума Водно, добро од јавен интерес, бидејќи не сме била странка“, потенцираат од „Го Сакам Водно“.
Оттаму како недозволен го сметаат и фактот што не постои дозвола односно мислење од Министерство за одбрана за градба во непосредна близина на бункери и загрозување на јавната безбедност.
„Го сакам Водно“ ги повикуваат сите движења, организации, професори кои се бават со правата на работниците и човековите права да се огласат и да го дигнат својот глас против спроведувањето на гасоводот низ Водно, кои, како што наведуваат оттаму, го става на ризик и животот на обичниот работник.
Воедно ја повикуваат и министерката за труд и социјална политика, Мила Царовска да преземе итни мерки веднаш и го запре загрозувањето на животот на работниците, а министерката Шекеринска да се изјасни по прашањето на загрозување на јавната безбедност, во контекст на бункерите и гасоводот.
„Ги повикуваме да ги прекинат сите понатамошни дејствија и повикаат на ревизија на проектот, во надлежност на министерот Сугарески, за да се запре лудилото пред да биде предоцна“, се наведува во соопштението на граѓанската иницијатива „Го сакам Водно“.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
ЗНМ: Апелите од Министерството за здравство се на граница на цензура

Здружението на новинари на Македонија (ЗНМ) со загриженост ја следи јавната комуникација на Министерството за здравство, во која се упатуваат апели до медиумите кои се ограничувачки по својата содржина и претставуваат обид за воспоставување на лоша институционална пракса во односите со медиумите.
„Како ЗНМ, го осудуваме обидот на Министерството да наметнува практични правила за тоа како медиумите треба да известуваат, особено кога тоа се однесува на чувствителни настани од јавен интерес. Таквите инструкции, иако формално претставени како апели, во суштина се форма на институционален притисок и можна цензура, што е спротивно на основните демократски принципи и правото на слобода на изразување“, велат од ЗНМ.
Потсетуваат дека членот 16 од Уставот гарантира слобода на јавното информирање и забрана на цензурата, а прашањата поврзани со новинарската етика и професионализмот припаѓаат исклучиво на саморегулаторната сфера. За тие прашања постојат Советот за етика во медиумите и Судот на честа при ЗНМ, кои се единствено надлежни да оценуваат евентуални повреди на етичките норми.
„Ги повикуваме новинарите и медиумските работници да продолжат да известуваат со професионализам, етика и чувствителност, особено кога се работи за трагични настани и ранливи групи. Но истовремено, укажуваме дека секој обид за институционално ограничување на пристапот до информации и начинот на известување е неприфатлив и штетен по јавниот интерес“, велат од Здружнието.
ЗНМ останува отворено за дијалог со институциите со цел унапредување на транспарентноста и заемната соработка, но цврсто стои во одбрана на уредувачката независност, медиумската слобода и правото на јавноста да биде информирана – како темелни вредности на секое демократско општество.
Македонија
Евакуација во Психијатриската болница Бардовци, пожарот го зафати дворот

Попладнево избувна пожар во населбата Геге кој се прошири кон населбата Бардовци и зафати дел од површината на дворот на Психијатриската болница Бардовци, обраснат со висока сува трева и дрвја.
Од Центарот за управување со кризи (ЦУК) информираа дека пожарот претставувал опасност да се прошири во целиот комплекс на болницата. Пациентите и персоналот веднаш биле евакуирани, безбедно изнесени надвор од кругот на болницата.
ЦУК под водство на директорот Мухамед Али, побарал дополнителни сили од Бригадата за противпожарна заштита (БППЗ) и координирал со Хеликоптерската единица на Министерството за внатрешни работи (МВР). Првично се разгледувала можноста за пренасочување на воздушната поддршка, која дејствувала во општина Чучер Сандево – Блаце, за да помогне во гаснењето на пожарот во Бардовци.
Во моментот, пожарот е ставен под контрола и нема потреба од дополнителна воздушна поддршка. Хеликоптерот на МВР останува ангажиран кај Блаце, општина Чучер Сандево.
На лице место, заедно со директорот на ЦУК, Мухамед Али, беше и директорот на болницата, Иса Абдулаи, кои ја координираа целата акција.
Македонија
Хеликоптер го гасне пожарот кај Блаце

Хеликоптер на Министерството за внатрешни работи е веќе вклучен во акцијата за гаснење на пожарот кој избувна над магистралниот пат Скопје – Граничен премин Блаце.
Пожарот избил на потегот пред тунелот, од десната страна на коловозот. Зафатил тежок и непристапен терен, па по дојава на бројот за итни случаи 112, Центарот за управување со кризи (ЦУК) веднаш побарал воздухопловна поддршка. Хеликоптерската единица бргу се активирала, а акцијата на терен се координира заедно со припадници на противпожарните служби и други надлежни институции.