Македонија
Градските јавни претпријатија работат на расчистување на улиците по невремето
Градските јавни претпријатија излегоа на терен со цел расчистување на улиците по невремето кое предизвика поплавувања во делови од градот.
Екипи на ЈП Водовод и канализација – Скопје соопштија дека ги расчистуваат сливниците и шахтите, со цел нормална функционалност на атмосферската канализација.
Со спроведување на овие активности, како што објавија, ќе се продолжи сè додека не се овозможи нормална функционалност на атмосферската канализација во сите делови на градот.

И ЈП Комунална хигиена – Скопје објави дека спроведува засилени активности за расчистување по обилните дождови.
„По денешните обилни врнежи од дожд, екипите на ЈП Комунална хигиена – Скопје спроведуваат активности за расчистување на јавните и сообраќајните површини, со цел да се овозможи проодност на движењето на пешаците и безбедно одвивање на сообраќајот. Активностите се одвиваат во координација со Градот Скопје и останатите јавни градски претпријатија. Претпријатието работи со максимален капацитет и ангажираност на сите расположливи работници на терен, како и употреба на целокупната механизација. Активностите се одвиваат во сите скопски општини, во тек е расчистување на булеварот Гоце Делчев, подвозникот на стоковната куќа ‘Мост’, подвозникот Павел Шатев, како и повторно поставување на садовите за одлагање на отпадот коишто беа изместени во текот на невремето. ЈП Комунална хигиена – Скопје ќе продолжи со активностите во текот на целата ноќ, во насока на целосно санирање на последиците од невремето на терен“, велат од Комунална.
Интервенираат и екипите на ЈП Улици и патишта. Денес 20тина крстосници се целосно искчучени или на трепкаво светло и во координација со полиција се регулира сообраќајот.
„Со ангажираност на сите работници и механизација се вршат активности на улиците во сите општини, се исправуваат латерни на семафорите, се санираат дефектите на сите семафори, се санираат оштетените заштитни столбови и екипи во координација со Градот и другите јавни претпријатија вршат активности за отстранување на паднати дрвја, како и за расчистување на шахтите и сливниците.
Екипите продолжуваат со потребните интервенции во текот на целата ноќ со цел да се санираат сите оштетувања на собраќајниците како последица од невремето“, информираа од „Улици и патишта“.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Интеграциите во ЕУ и управувањето со отпад во фокусот на средбата меѓу Хоџа и чешкиот амбасадор
Министерот за животна средина и просторно планирање, Муамет Хоџа, денеска се сретна со амбасадорот на Република Чешка во Република Северна Македонија, Јарослав Лудва. На средбата беше потврдена одличната билатерална соработка и пријателските односи меѓу двете земји, со акцент на можностите за нивно понатамошно продлабочување.
Министерот Хоџа изрази благодарност за континуираната поддршка што Чешката Република ѝ ја дава на Северна Македонија во процесот на пристапување кон Европската Унија, истакнувајќи ја и активната улога на чешката амбасада во Скопје во унапредувањето на соработката во областа на животната средина.
Во тој контекст, на средбата беше направен осврт и на заклучоците од последната седница на Мешовитата комисија за економска соработка, одржана во март 2025 година во Прага, како и на остварените контакти меѓу ресорните министерства. Се разговараше за квалитетот на воздухот, контролата на индустриското загадување и современите практики во управувањето со отпад, вклучително и искуствата од посетата на центарот за управување со отпад на градот Прага.
Македонија
„Визер“ привремено ги прекинува летовите кон повеќе дестинации на Блискиот Исток
Авиокомпанијата „Визер“ соопшти дека поради неодамнешната ескалација на безбедносната состојба во Иран ги суспендира сите летови кон и од Израел, Дубаи, Абу Даби, Аман и Саудиска Арабија, заклучно со 7 март.
Од компанијата информираат дека континуирано ја следат состојбата и се во постојан контакт со локалните и меѓународните власти, агенциите за безбедност во воздухопловството и други релевантни институции. Во зависност од развојот на ситуацијата, можно е да бидат донесени дополнителни оперативни одлуки и да дојде до измени во распоредот на летови.
„Визер“ наведува дека ќе ги информира патниците за сите очекувани промени што е можно поскоро. Патниците кои направиле резервација преку трети страни треба да се обратат директно до нив за дополнителни информации.
Од компанијата нагласуваат дека безбедноста и сигурноста на патниците, екипажот и авионите останува нивен највисок приоритет. Патниците со засегнати резервации ќе бидат директно контактирани со информации за достапните опции.
Македонија
Општина Илинден објави јавен повик за субвенционирање на велосипеди
Општина Илинден и оваа година објавува Јавен повик за доделување субвенции за набавка на велосипеди, во рамки на Програмата за финансиска поддршка на целни групи граѓани за 2026 година.
Со мерката се предвидува еднократна парична помош за жителите кои имаат постојано место на живеење на територијата на општината, а кои ќе набават нов велосипед во периодот од 02 март до 30 април 2026 година.
Целта на повикот е поттикнување на користењето велосипеди како еколошко превозно средство, како и унапредување на сообраќајната култура и заштитата на животната средина.
Финансиската поддршка изнесува 50 проценти од вредноста на купениот велосипед, но не повеќе од 4.000 денари по лице. Барањата ќе се разгледуваат по принципот „прв дојден – прв услужен“, односно според датумот и времето на нивното пристигнување.
Сите дополнителни информации заинтересираните граѓани можат да ги добијат на официјалната веб страница на Општина Илинден ([email protected]), како и во просториите на Општината.

