Македонија
Град Скопје го продолжува јавниот повик за субвенции за инвертер клими
Град Скопје ги информира граѓаните дека од денеска го продолжува распишаниот јавен повик за субвенции на инвертер клима уреди за затоплување на домаќинствата, каде што граѓаните ќе може да аплицираат и онлајн.
Откако Градот Скопје ги обработи пристигнатите 4.282 барања за субвенции и утврди дека не се исцрпени сите средства предвидени за оваа намена, ја информира јавноста дека повикот продолжува и ги повикува граѓаните да аплицираат и на тој начин да придонесат за почист воздух во Скопје.
Јавниот повик за доделување субвенции за инвертер клима уреди за затоплување на домаќинствата ги опфаќа граѓаните кои купиле инвертер од 01.01.2020 година, до денот на исцрпување на средствата.
Во Буџетот на Град Скопје за 2020 година за оваа намена се предвидени 322 милиони и 400 илјади денари, обезбедни од Владата на Република Северна Македонија и со овие средства се очекува замена на некаде околу 5.300 печки со инвертери, односно околу 5.000 оџаци помалку во скопската котлина.
Согласно со условите, на овој јавен повик поради состојбата со коронавирусот, онлајн можеа да аплицираат сите жители (домаќинства) на територија на Град Скопје кои немаат искористено субвенции за затоплување на своето домаќинство од Градот Скопје и кои немаат приклучок или можност за приклучок на централно греење во објектот каде што ќе го инсталираат инвертерот.
Новитет годинава е што граѓаните за да добијат субвенции за инвертери ќе треба доброволно и без надомест да ги предадат постојните печки на дрва, јаглен, мазут или нафта, а досега се предадени над 1.000 печки на пунктовите во Сарај, Шуто Оризари и во пунктот во Рециклажниот двор на ЈП „Комунална хигиена“ во Карпош. Акцијата во општина Карпош почна вчера, а ќе трае и денеска и утре од 10 до 16 часот.
Средствата што Градот Скопје ќе ги субвенционира се во нето износ не повеќе од 62.000 денари.
Во наредните две години, согласно со условите од јавниот повик, градската или државната инспекција може да врши инспекциски надзор на лицата што добиле субвенција, во однос на тоа да се види дали навистина ги користат инвертерите или е направена измама, за што ќе биде поведена постапка за враќање на финансиските средства.
Сите информации за повикот, како и формуларите за електронското пријавување може да се најдат на следниов линк.
Онлајн аплицирање: https://www.surveymonkey.com/r/gradskopje-inverter2020.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Без вода денеска делови од Центар и Сарај
Од ЈП Водовод и Канализација, известуваат дека поради изведување на водоводен приклучок ф-100мм на ул. Христо Смирненски 13, од 09:00 часот до завршување на интервенцијата, прекинато водоснабдување ќе имаат корисниците од дел од истата улица, поточно потегот од Зур – Маркет до бул. Партизански Одреди, во општина Центар.
Исто така во понеделник ќе се изврши редовно чистење на резервоарот за питка вода во село Рашче. За време на активностите во периодот од 09:00 – 13:00 часот, прекинато водоснабдување ќе имаат корисниците од населените места: Рашче Копаница и Бојане, општина Сарај.
Македонија
Дел од Карпош денеска без струја
Од ЕВН Македонија АД известуваат дека денеска без електрична енергија ќе останат:
– во периодот од 09.00 до 15.00 часот, корисниците од улицата Леринска лоцирани околу број 3, општина Карпош.
Македонија
Претежно облачно со повремени врнежи од дожд, пообилни попладне
Времето денеска ќе биде претежно облачно со повремени врнежи од дожд. Наместа врнежите ќе бидат поројни и пообилни (над 30 l/m² за 24 часа) со услови за појава на грмежи. Ќе дува слаб до умерен ветер претежно од јужен правец.
Минималната температура ќе биде во интервал од 7 до 12, а максималната ќе достигне од 14 до 18 степени.
Во Скопје, претежно облачно со повремени врнежи од дожд, пообилни попладне. Ќе дува слаб до умерен ветер од југоисточен правец. Минималната температура ќе се спушти до 10, а максималната ќе достигне до 17 степени.
Времето во наредните денови
Во вторник во претпладневните часови ќе има локални врнежи од дожд. Ќе дува умерен, вдолж Повардарието засилен северен ветер. Потоа до крајот на неделата времето ќе биде стабилно и суво со пониски утрински температури.

