Македонија
Град Скопје и ЈСП склучија договор за организиран превоз на лица со потешка телесна инвалидност

Градот Скопје и Јавното сообраќајно претпријатие – Скопје склучија договор за реализирање организиран превоз на лица со потешка телесна инвалидност на кои заради движење им е потребна инвалидска количка и на лица со тешки моторни пречки.
Превозот на корисниците се реализира со посебно адаптирани возила со автоматски управувана рампа за инвалидска количка, рачки за држење, колани и штанги за закочување на инвалидските колички.
Возилата што се сопственост на Град Скопје, се дадени на користење на ЈСП.
„Реализацијата на превозот на дестинации на подрачјето на Град Скопје е во согласност со Програмата за активностите во областа на социјалната, детската и здравствената заштита во град Скопје, за 2022 година“, посочуваат градските власти.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Независниот синдикат на професионални војници со шатори и вреќи започнува штрајк пред Владата

Независниот синдикат на професионални војници на Македонија најави дека од 11 часот ќе постави шатори и вреќи за спиење пред Vладата.
„Независниот синдикат на професионални војници на Македонија од основањето континуирано и интензивно работи за подобрување на стандардот на вработените во Армијата на Република Северна Македонија, на подобрување на односите Синдикат – работодавач – Министерство за одбрана на Република Северна Македонија, подобрување на условите за работа, инсистира на зголемување на буџетот, на подобрување на опремата за вработените, на корекции во Законот за служба во АРСМ за подобрување на условите за живот и работа на вработените“, е потенцирано во нивното соопштение.
Појаснуваат дека согласно член 40а од Законот за служба во Армијата, професионалните војници со наполнување на 45 години старост се префрлуваат во други сродни институции. Но веќе 2 години од страна на Владата, како што велат, за дел од професионалните војници не се превземени никакви активности за префрлување во друга институција.
„Затоа синдикатот превзема активности со своите членови и на ден 22.05.2022 година пред Владата на РСМ ќе постави шатор и вреќи за спиење долж тротоарот пред Владата и таму ќе остане се додека не се исполни нашето барање“, е потенцирано во најавата од независниот синдикат на професионални војници.
Македонија
Сончево и топло со мала до умерена облачност и температури до 33 степени

Денеска се очекува сончево и топло време со мала до умерена облачност. Околу пладне и попладне, претежно во западните делови ќе биде нестабилно со пороен дожд и грмежи, локално и во форма на краткотрајно невреме. Ќе дува умерен, а вдолж Повардарието засилен северозападен ветер. Минималната температура ќе биде во интервал од 7 до 15, а максималната ќе достигне од 24 до 33 степени. УВ=7
Во Скопје, времето ќе биде сончево и топло со мала до умерена облачност. Ќе дува умерен, повремено засилен северозападен ветер. Минималната температура ќе се спушти до 13, а максималната ќе достигне до 28 степени.
Во наредните денови ќе се задржи многу топло време со максимални температури над просекот за овој период од годината.
Во попладневните часови на места ќе биде нестабилно со пороен дожд, грмежи и засилен ветер, особено утре и во понеделник кога локално процесите ќе бидат и поинтензивни во форма на невреме.
Македонија
Тренчевска: Грижата за ранливите категории е високо на нашата агенда

Министерката за труд и социјална политика, Јованка Тренчевска при посетата на Општина Берово, беше во посета на установи од социјална заштита кои се во надлежност на Министерството за труд и социјална политика.
Заедно со градоначалникот на Општина Берово, Звонко Пекевски и поранешната министерка Јагода Шахпаска, го посетија Домот за стари лица д-р Иван Влашки – Берово каде што во моментот се сместени 37 корисници. Капацитетот на домот се прошири за 10 легла во 2021 година со отворање на третата ламела. Поради големата заинтересираност и реалната потреба на старите лица за згрижување во дом, направен е проект за објект – четврта ламела со тоа што би се зголемил капацитетот за уште 28 легла, информираа од министерството.
„Грижата за ранливите категории на граѓани, вклучително и старите лица е високо на агендата на Владата на Република Северна Македонија и Министерството за труд и социјална политика. Преку унапредување на правата и услугите кои произлегуваат од системот на социјална заштита обезбедуваме поголема грижа и задоволување на потребите на највозрасните граѓани во нашата држава,“ рече Тренчевска.
Таа го посети и малиот групен дом во Берово, отворен во 2009 година како организациона единица на Меѓуопштинскиот центар за социјална работа Берово а во него се сместуваат деца без родители и родителска грижа. Тој е прв од таков вид во нашата држава. Во моментов во него се згрижени четири деца , а за нив се грижи тим од 3 стручни лица (едукатори) и две негователки.
Посетата на Берово беше заокружена со средбата со вработените во Центарот за социјални работи што воедно беше можност за разговор во врска со правата и услугите од социјална заштита, и нивната успешна испорака до оние граѓани на кои поддршката им е потребна, соопштија од кабинетот на Тренчевска.