Македонија
Град Скопје: Некогашниот напуштен простор во Кисела Вода сега е нова зелена површина
Во завршна фаза е уредувањето на новиот парк во Кисела Вода, лоциран меѓу улицата Лазар Димитров и железничката пруга, позади бараките во населбата 11 Октомври.
Овој простор, кој е во непосредна близина на центарот на нашиот град, со децении беше запуштен и на истиот се создаваа поголем број на депонии со шут и отпад, велат од Град Скопје.

Изминатиов период екипите на Град Скопје работеле на расчистување на просторот и рамнење на теренот, каде е посадена нова трева, а во наредниот период следува и садење на планираното зеленило.


„На новиот парк, што е на површина од околу 16.000 квадратни метри, во текот на есенската акција за садење ќе се засадат над 150 листопадни и 240 зимзелени садници, како и околу 400 украсни грмушки. Град Скопје продолжува со уредување на местата кои претходно биле диви депонии сега да прераснуваат во мали зелени оази со цел поздрава и поубава животна средина за сите граѓани“, велат од Град Скопје.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Ја удирал по главата и телото, ја давел за вратот и скршил ребро: скопјанец осомничен за физички напад и загрозување на сигурноста на жена
Јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Скопје поведе постапка против 51-годишен скопјанец за кого постои основано сомнение дека сторил кривично дело – Телесна повреда од член 130 став 2 во врска со став 1, како и Загрозување на сигурноста од член 144 став 3 во врска со став 1 од Кривичниот законик.
На 14 јануари, во видно алкохолизирана состојба, осомничениот ја нападнал својата партнерка во домот во Гази Баба во кој таа привремено престојувала.
Ја удирал по главата и телото, ја давел за вратот, а и се заканил и со нож со кој замавнал кон неа. Жената успеале да ја спасат двајца други потстанари во истата куќа, кои ја извлекле и повикале полиција.
Кај жртвата биле констатирани повеќе повреди, меѓу кои пукнатина на ребро и на градна коска.
Македонија
Инфлуенсерите, влогерите, креаторите на содржина и јутјуберите да се регистрираат во АВМУ, соопштија од агенцијата
Со измените на медиумската легислатива во јули 2023 година, за првпат официјално беше препознаено постоењето и влијанието на инфлуенсерите, влогерите, креаторите на содржини, јутјуберите, односно физичките лица кои се даватели на аудиовизуелни медиумски услуги по барање.
Овие субјекти сега подлежат на регулација и имаат обврска да се регистрираат во Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги, соопштија од таму.
„Обврската важи за оние инфлуенсери, влогери, креатори на содржини, јутјубери и слични даватели на аудиовизуелни медиумски услуги на барање кои ги исполнуваат следниве критериуми:
● аудиовизуелните медиумски услуги ги обезбедуваат преку платформи за споделување видеа (на пример YouTube, Instagram, TikTok и слично);
· имаат повеќе од 10.000 следбеници или претплатници;
· остваруваат економски интерес од медиумската услуга;
· во последните 12 месеци објавиле најмалку 24 аудиовизуелни содржини; и
· целта е да информираат, образуваат, забавуваат и за содржините имаат уредничка одговорност.
Критериумите подетално се објаснети во Правилникот на Агенцијата со кој се уредува формата и содржината на пријавата за евидентирање во Регистарот на даватели на аудиовизуелни услуги по барање.
Со оглед на тоа што станува збор за законска обврска, Агенцијата ги повикува сите инфлуенсери, влогери, креатори на содржини и јутјубери кои ги исполнуваат посочените критериуми, во најскоро можно време до Агенцијата да достават пријава за евидентирање во Регистарот.
Сите релевантни документи поврзани со работењето и обврските на овие субјекти се достапни на веб страницата www.avmu.mk, во посебниот банер „Инфлуенсери/Влогери“.
За дополнителни информации и појаснувања, заинтересираните субјекти можат да се обратат до Агенцијата на е-адресата [email protected]“.
Македонија
Божиновска со студентите инженери од проектот „Македонска Формула“: Македонија има талент за европската инженерска сцена
Министерката за енергетика, рударство и минерални суровини оствари работна средба со студентите инженери од проектот „Македонска Формула“. Тимот MES Racing – првиот и единствен македонски Formula Student тим, кој успешно ја претставува државата на меѓународната инженерска и технолошка сцена.
На средбата, студентите го презентираа својот проект, визијата и досегашните активности, преку кои младите инженери стекнуваат практични знаења и работат по принципи на реална инженерска компанија, развивајќи иновативни решенија и современи технологии. На проектот работат четириесетина студенти од различни факултети и секој во рамки на својата област дава придонес за развој на овој проект.
Министерката ја нагласи важноста од континуирана институционална поддршка за младите инженери, потенцирајќи дека инвестицијата во нивното знаење, креативност и иновации е директна инвестиција во иднината на државата. Таа истакна дека ваквите студентски иницијативи се од исклучително значење за развојот на техничките науки, јакнењето на домашниот инженерски кадар и задржувањето на младите таленти во земјата.
„Наш приоритет е да создадеме средина во која младите инженери ќе бидат охрабрени, поддржани и мотивирани да ги развиваат своите идеи и иновации. Проекти како ‘Македонска Формула’ покажуваат дека Македонија има знаење, визија и потенцијал да биде дел од европската и светската инженерска заедница,“ истакна министерката.
Од тимот MES Racing нагласија дека поддршката и соработката со институциите претставуваат значаен поттик за понатамошен развој на студентското инженерство, како и за унапредување на практичната едукација и технолошките капацитети во земјата.
Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини останува посветено на поддршка на младите, науката, иновациите и инженерските решенија, како клучен сегмент во градењето на одржлива и конкурентна економија, додаваат од министерството.

