Македонија
Град Скопје објави итни мерки и препораки поради загадувањето
Бесплатен јавен превоз, запирање на градежните работи и поскапен паркинг се дел од итните мерки од надлежност на Град Скопје, кои се воведени поради загадувањето на воздухот и ќе стапат во сила денеска од 18 часот.
Овие мерки се преземаат по добиеното известување од Министерството за животна средина дека квалитетот на воздухот последователно два дена е надминат над законски пропишаниот минимум, односно над 175 μg/m3 на мерните станици во Карпош и Лисиче.
Мерките и препораките што преку соопштение ги објави Град Скопје ги пренесуваме во целост.
„1. Град Скопје од денеска (27 јануари 2020 година) од 18 часот воведува бесплатен јавен превоз во автобусите на ЈСП и во автобусите на приватните превозници сè до моментот на намалување на загадувањето за што јавноста дополнително ќе биде известена.
2. Град Скопје ги прекинува сите градежни активности на градилиштата под своја надлежност. Ги повикувам сите градоначалници од општините во град Скопје да ги прекинат градежните активности на градилиштата во нивна надлежност.
3. Цената на паркирањето на паркиралиштата на „Градски паркинг“ од овој момент двојно се зголемува, и тоа важи сè до укинувањето на итните мерки.
4. Град Скопје изминатите недели вршеше интензивен инспекциски надзор на инсталациите што се во негова надлежност со мерење емисии во воздухот. Притоа извештаите се објавуваат редовно во јавноста.
5. Град Скопје ја интензивира контролата на градилиштата, односно возилата што излегуваат од градилиштата мора да имаат измиени тркала и да се покриени со церади заради контрола на прашината.
6. Го задолжуваме ЈП „Комунална хигиена“ да го продолжи интензивното чистење на градските улици и булевари што се во надлежност на Град Скопје и им препорачувам на скопските општини да го направат истото тоа на улиците што се во нивна надлежност.
7. Град Скопје врши зајакната контрола на имателите на одобренија за доставување стока преку Инспекторатот на Град Скопје. Воедно, го повикуваме Министерството за внатрешни работи да спроведе засилени контроли на правните субјекти што поседуваат одобренија за доставување стоки издадени од страна на Град Скопје.
8. Апелираме до вработените во Град Скопје, јавните претпријатија и институции на работа да доаѓаат со автобусите на јавниот превоз.
9. Ги повикуваме градоначалниците на општините во градот Скопје да ги интензивираат инспекциските надзори над субјектите што управуваат со отпадни гуми и отпадни масла.
10. Го повикуваме Министерството за внатрешни работи да спроведе ограничување на обуките на автошколите од 9.30 до 14.30 и по 18 часот.
11. Ги повикуваме Министерството за животна средина, Државниот инспекторат за животна средина и општините да извршат засилени контроли над инсталациите што се под нивни ингеренции.
12. Бараме од Министерството за внатрешни работи да ги зајакне контролите на почитување на забраната за движење на тешки товарни возила чија крајна дестинација не е град Скопје и кои ќе се упатуваат да ја користат скопската обиколница во согласност со поставената сообраќајна сигнализација.
13. Бараме од Министерството за внатрешни работи да врши зачестени контроли на издувните гасови на возилата што учествуваат во сообраќајот“, наведуваат од Град Скопје.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Посебен режим на сообраќај денеска во Скопје
Денеска, во официјална посета на Република Северна Македонија ќе престојува генералниот секретар на НАТО, Н.Е. Марк Руте.
Поради посетата, Единицата за безбедност на патниот сообраќај ќе преземе мерки за воспоставување посебен режим на сообраќај во централното градско подрачје на Град Скопје.
СВР Скопје апелира до сите граѓани учесници во сообраќајот да ги почитуваат наредбите и насоките што ќе ги даваат полициските службеници, со цел безбедно и непречено одвивање на сообраќајот.
Македонија
Без вода делови од Центар и Сарај
Од ЈП Водовод и канализација – Скопје, известуваат дека денеска:
· Поради дефект на водоводна цевка со пречник од Ф-2 цол на улицата Св. Кирил и Методија 38 (на паркингот кај Трготекстил), 09:00 часот до санирање на дефектот, прекинато водоснабдување ќе имаат корисниците на дел од ул. Св. Кирил и Методија, општина Центар;
· Поради чистење и дезинфекција на двете комори во резервоарот за питка вода во село Бојане, во наредните 4 дена (03.03 до 06.03.2026 година) помеѓу 08:00 и 13:00 часот, можно е да има намален притисок и краткотрајни прекини на водоснабдувањето во село Бојане, општина Сарај.
Македонија
Делови од Бутел и Карпош денеска без струја
Од ЕВН Македонија АД известуваат дека поради зафати во електродистрибутивната мрежа, денеска без електрична енергија ќе останат:
· од 08:30 до 15:00 часот, корисниците од стопанските објекти во Индустриската зона – Момин Поток, општина Бутел;
· од 09:00 до 15:30 часот, корисниците од ул. Јан Хус бр. 11а, општина Карпош.

