Македонија
Град Скопје подготвува нов закон за оџачарски работи, по германски пример
Град Скопје изработи текст на Нацрт – Закон за оџачарски работи, кој има за цел да ја возобнови и промовира професијата оџачар што е дефицитарна во Скопскиот регион и низ целата наша држава. Овој проект е дел од мерките што ги презема Градот за решавање на проблемот со аерозагадувањето во зимските месеци.
Во дводневна посета на Град Скопје се претставници од Нирнберг, коишто на работни состаноци со македонски правен експерт го усогласуваат текстот на Нацрт – Законот за оџачарски работи, во рамки на проектот „Оџачари за чисти печки и чист воздух во Скопје“.
Текстот на Нацрт – Законот го регулира оџачарството како професија и зема во предвид одредени аспекти од законодавството на Германија. Истиот како посебен закон има за цел да го пропише начинот и условите за вршење на оџачарските работи во согласност со законодавството на ЕУ. Со законското решение се предлага и креирање на оџачарски реони кои ќе овозможат јасни одговорности и начини за спроведување на работите кои оџачарот може да ги изведува единствено во рамките на својот реон, како и воведување на обврската домаќинствата и други субјекти еднаш годишно да ги исчистат оџаците.
„Оваа наша активност се стреми кон подобрување на состојбата со квалитетот на амбиентниот воздух во Скопје, преку донесување на законско решение кое ќе обезбеди услови за контрола и чистење на грејните тела од индивидуалните домаќинства, контрола и следење на изворите на емисии и спречување или намалување на штетните ефекти од загадувањето на амбиентниот воздух врз човековото здравје“, велат од Градот Скопје.
За потсетување, Градот Скопје доделува субвенции за исчистените оџаци и во 2018, 2019 и 2020 година беа доделени околу 1.000 субвенции, a Јавниот повик годинава трае до 30.11.2021 година, и ќе биде реализиран по принципот „прв дојден прв услужен“, односно до исцрпување на средствата во износ од милион денари предвидени за оваа намена со Буџетот на Град Скопје.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Над 19.000 сообраќајни прекршоци во февруари регистрирани преку „Безбеден град“
Во периодот од 1 до 28 февруари од страна на системот „Безбеден град“ на подрачјата на градовите и Коридорите каде се поставени камери, регистрирани се вкупно 19.066 прекршоци.
Од вкупниот број на регистрирани прекршоци најголемиот број се за управување на возило со брзина поголема од дозволената 18.172, потоа за минување на затворен сигнал (црвено светло) 220 прекршоци, а за управување со возило со измината важност на сообраќајната дозвола констатирани се 674 прекршоци.
Исто така, изречени се вкупно 653 мерки „забрана за управување со возило“, од кои 220 се за „минување на црвено светло“, а 433 се за „брзо возење“.
Гледано по седмици, најголем број на прекршоци се регистрирани во периодот од 02 до 08 февруари-4.991, а најмал во периодот од 09 до 15 февруари – 4.490, додека по денови најмногу на 28 февруари, а најмалку на 11 февруари – 377. Изминатиот месец дневниот просек изнесува 706 прекршоци.
Најголем дел од прекршоците се регистрирани на подрачје на град Скопје-12.073 или 63,3% од вкупниот број на регистрирани прекршоци. Значаен дел од прекршоците се регистрирани и на патните правци долж Коридорите 8 и 10-вкупно 5.702, а најмал број на подрачјето на СВР Тетово – 370 и останати локации-17 прекршоци.
МВР апелира до сите учесници во сообраќајот да се почитуваат сообраќајните правила и прописи за заеднички придонес за посигурни и побезбедни патишта.
Македонија
Интеграциите во ЕУ и управувањето со отпад во фокусот на средбата меѓу Хоџа и чешкиот амбасадор
Министерот за животна средина и просторно планирање, Муамет Хоџа, денеска се сретна со амбасадорот на Република Чешка во Република Северна Македонија, Јарослав Лудва. На средбата беше потврдена одличната билатерална соработка и пријателските односи меѓу двете земји, со акцент на можностите за нивно понатамошно продлабочување.
Министерот Хоџа изрази благодарност за континуираната поддршка што Чешката Република ѝ ја дава на Северна Македонија во процесот на пристапување кон Европската Унија, истакнувајќи ја и активната улога на чешката амбасада во Скопје во унапредувањето на соработката во областа на животната средина.
Во тој контекст, на средбата беше направен осврт и на заклучоците од последната седница на Мешовитата комисија за економска соработка, одржана во март 2025 година во Прага, како и на остварените контакти меѓу ресорните министерства. Се разговараше за квалитетот на воздухот, контролата на индустриското загадување и современите практики во управувањето со отпад, вклучително и искуствата од посетата на центарот за управување со отпад на градот Прага.
Македонија
„Визер“ привремено ги прекинува летовите кон повеќе дестинации на Блискиот Исток
Авиокомпанијата „Визер“ соопшти дека поради неодамнешната ескалација на безбедносната состојба во Иран ги суспендира сите летови кон и од Израел, Дубаи, Абу Даби, Аман и Саудиска Арабија, заклучно со 7 март.
Од компанијата информираат дека континуирано ја следат состојбата и се во постојан контакт со локалните и меѓународните власти, агенциите за безбедност во воздухопловството и други релевантни институции. Во зависност од развојот на ситуацијата, можно е да бидат донесени дополнителни оперативни одлуки и да дојде до измени во распоредот на летови.
„Визер“ наведува дека ќе ги информира патниците за сите очекувани промени што е можно поскоро. Патниците кои направиле резервација преку трети страни треба да се обратат директно до нив за дополнителни информации.
Од компанијата нагласуваат дека безбедноста и сигурноста на патниците, екипажот и авионите останува нивен највисок приоритет. Патниците со засегнати резервации ќе бидат директно контактирани со информации за достапните опции.

