Македонија
Град Скопје ја заврши реконструкцијата на улицата 808 во општина Гази Баба

Градот Скопје соопшти дека ја заврши реконструкцијата на улицата 808 во општина Гази Баба, која била во катастрофална состојба поради повеќе децениското неодржување.
Улицата 808 е една од најфреквентните сообраќајници во овој дел од општина Гази Баба, а по истата се движат и голем број на товарни возила бидејќи се работи за индустриска зона.
Во првата фаза по подготвителните градежни работи, целосно се реконструираше водоводната мрежа и останата хидротехничка опрема, а со цел комплетна обнова на мрежата во овој дел на градот. Воедно се изврши реконструкција на атмосферската канализација, како и замена на нефункционалните сливници со што во иднина се превенираат поплави на овој потег.
На оваа фреквентна сообраќајница на потег од крстосницата со улица 16та Македонска Бригада до крстосницата со булеварот Киро Глигоров, покрај новата водоводна и канализациона мрежа, реконструкцијата опфати обнова на коловозот на површина од 9.200 квадратни метри, а дополнително се изведоа и соодветно пешачка и велосипедска патека од двете страни. Градежните работи на улица 808 ги изведе јавното претпријатие Улици и патишта Скопје.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Коцевски: Издадена наредба за приведување на седум полицајци, истрагата за Кочани се проширува

Издадена е наредба за приведување на седум полицајци со што практично се проширува истрагата за пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани во која загина 61 лице, а над 100 беа повредени.
„Во однос кои се тие полициски службеници и што се дел од истрагата, јавното обвинителство за дел веќе има отворено истрага, меѓутоа еве ќе кажам во моментов, ми јавуваат, дека има издадено наредба за приведување на уште седум полициски службеници и утре ќе бидат изведени пред јавниот обвинител, а потоа и пред судија на претходна постапка“, рече државниот обвинител Љупчо Коцевски во емисијата „Топ тема“ на телевизија „Телма“.
Коцевски рече дека објектот „Пулс“ не бил познат само на полицијата туку бил познат на целиот град, на локалната самоуправа и на сите надлежни институции кои што требало да функционираат.
Тој, исто така, истакна дека 13 години во Кочани не е извршен никаков инспекциски надзор на објектот.
Македонија
Сончево и топло време за Велигден

Времето утре ќе биде променливо облачно со сончеви периоди. Кон крајот на денот и во текот на ноќта ќе има локални врнежи од дожд и услови за појава на ретки грмежи. Ќе дува слаб до умерен, а наместа долж Повардарието повремено засилен ветер од југоисточен правец, информира УХМР.
Минималната температура ќе биде во интервал од 5 до 11, а максималната ќе достигне од 19 до 23 степени.
Во Скопје, променливо облачно со сончеви периоди. Кон крајот на денот ќе има врнежи од дожд и услови за појава на ретки грмежи. Ќе дува умерен, во делови од котлината повремено засилен ветер од југоисточен правец. Минималната температура ќе се спушти до 10, а максималната ќе достигне до 23 степени.
До петок ќе се задржи променливо облачно и нестабилно време со повремени локални врнежи од дожд, наместа поројни, проследени со појава на грмежи и засилен ветер. Во деновите од викендот времето ќе биде стабилно, сончево и топло.
Македонија
Антикорупциска со низа замерки за Законот за угостителска дејност

Државната комисија за спречување на корупцијата утврди низа пропусти во законите за угостителска дејност,инспекциски надзор и законот за заштита и спасување. Од таму бараат измена и ревизија, а ова доаѓа по катастрофалниот пожар во дискотеката „Пулс“ во Кочани.
Меѓу слабостите е уписот на физички лица во Регистарот за вршење угостителска дејност без претходна проверка од надлежен орган за исполнетоста на минимално техничките услови и постапката и условите за давање лиценца
ДКСК утврди слабости и кај казнивоста односно висината на казните не е сразмерна со тежината на можните последици особено кога прекршувањата се однесуваат на заштитата на животот, здравјето и безбедноста на луѓето.
Според антикорупционерите, исто така, неопходно е прецизирање на законските членови со кои се уредува издавањето лиценци за угостителските објекти, бидејќи според нив има недоречености, нејасни правила, судир меѓу законите и недозволени дискрециони овластувања.