Македонија
Субвенции за 1.300 домаќинства кои ќе купат инвертер-клими
Градот Скопје за првпат досега распишува јавен повик за субвенционирање на инвертер-клима уреди и други современи уреди за затоплување на домаќинствата, како уште една од мерките за борба против аерозагадувањето.
„За секој купен инвертер клима-уред, секој граѓанин којшто ќе ги исполни условите за субвенционирање ќе има можност да добие половина од вкупната вредност на уредот, но не повеќе од 15.000 денари. Со оваа мерка повеќе од 1.300 домаќинства од годинава ќе добијат можност евтино да ги затоплуваат своите домови водејќи грижа за намалување на аерозагадувањето“, рече на денешната прес-конференција градоначалникот Шилегов.
Анализите на Град Скопје покажале дека интересот кај граѓаните за набавка на посовремени уреди за затоплување е голем и заради тоа е донесена одлука со субвенционирање на овие уреди да се намалат трошоците на оние што ќе одлучат да го одберат овој начин на затоплување. Како што велат од Град Скопје, субвенциите за инвертер клима-уредите заедно со субвенциите за печките на пелети се од големо значење до спроведувањето на процесот на гасификацијата кој бара време за да стигне до крајните корисници.

„Убеден сум дека оваа мерка заедно со другите мерки кои досега ги презедовме во рамките на нашите надлежности ќе значи уште еден чекор напред во борбата против загадувањето на воздухот во Скопје“, додаде Шилегов.
Субвенцијата има за цел да ги мотивира граѓаните кои ги загреваат своите домови со печки што користат огревно дрво, нафта и други скапи и нееколошки енергенси да ги заменат со далеку поевтините и поеколошките инвертер клима-уреди или други современи системи за затоплување. Инвертер клима-уредите трошат околу 30 проценти помалку електрична енергија од обичните клима-уреди, а повеќе од 50 проценти ги намалуваат трошоците во однос на греењето со огревно дрво. За оваа намена во буџетот на Градот се предвидени 20 милиони денари.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Делови од Карпош и Чучер Сандево денеска без струја
Од ЕВН Македонија АД известуваат дека денеска без електрична енергија ќе останат:
– во периодот од 09.00 до 15.00 часот, корисниците од село Горно Нерези (општина Карпош), како и корисниците од селата Глуво и Мирковци. (општина Чучер Сандево )
Македонија
Претпладне магла, во текот на денот сончево и претежно тивко
Сончево со мала до умерена облачност. Во утринските часови наместа ќе има појава на магла. Ќе дува слаб до умерен ветер претежно од северозападен правец. Минималната температура ќе биде во интервал од -6 до 0, а максималната ќе достигне од 9 до 13 степени.
Во Скопје, претпладне во делови од котлината ќе има појава на магла. Во текот на денот времето ќе биде сончево и претежно тивко. Минималната температура ќе се спушти до -5, а максималната ќе достигне до 9 степени.
Времето во наредните денови
До крајот на неделата времето ќе биде сончево и претежно тивко. Во утринските и ноќните часови на одредени места ќе има појава на магла. Максималната температура ќе биде над просекот за овој период од годината.
Македонија
Средба на Сиљановска-Давкова со претставници од групата на АЛДЕ
Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова денеска прими претставници на Алијансата на либерали и демократи за Европа (АЛДЕ) од Европскиот Парламент, учесници на меѓународната конференција „Quo vadis Europa 2025?”, што се одржа во Скопје.
Гостите ја потврдија јасната заложба на АЛДЕ за деблокирање на македонскиот евроинтегративен пат, како и брзо и целосно интегрирање на Западен Балкан во ЕУ, преку посегање по креативни решенија во овој исклучително тежок геополитички моментум.
Претседателката, низ призма на принципите и вредностите гарантирани со европските конститутивни акти, презентираше свои видувања и предлози за излез од блокадата.
Гостите изразија не само интерес, туку и подготвеност да помогнат во надминувањето на неодржливиот status quo во којшто се наоѓаме, преку иницирање можни решенија во рамките на Европскиот парламент.
Претседателката го поздрави конструктивниот пристап на АЛДЕ, во духот на европските демократски принципи и вредности.
На средбата присуствуваа Свења Хан, претседателка на АЛДЕ и германска европратеничка, Рик Дамс, потпретседател на АЛДЕ и поранешен претседател на Парламентарно Собрание на Совет на Европа, Весна Пусиќ, прва претседателка на Мрежата на либерали од Југоисточна Европа (ЛИБСЕН) и поранешна вицепремиерка и МНР на Хрватска, Моника Зајкова, претседателката на Либерално-демократската партија и Емил Кирјас, потпретседател на Либералната интернационала.

