Македонија
Граѓанска акција за мапирање на ѓубрето и дивите депонии во земјава
2018 ја одбележува годината на најголемата граѓанска акција во светот – Светскиот ден на чистење. На тој ден, милиони волонтери од целиот свет ќе се здружат и ќе исчистат милиони тони ѓубре. Чистењето ќе се одржи во септември, а процесот започнува денес со мапирање на ѓубрето и дивите депонии во природата и во градовите.
Светскиот ден на чистење ќе започне на 15 септември, 2018 година, во 10 часот во Нов Зеланд. Светскиот бран чистења го следи сонцето низ 24 временски зони и завршува 36 часа подоцна на Хаваи. Милиони волонтери од 150 земји ќе се приклучат на најголемото позитивно граѓанско движење во светот во борбата против еден од најзагрижувачките проблеми во животната средина – отпадот.
Според Извештајот на UNEP за глобалниот отпад, секоја година милиони тони нелегален отпад достигаат до дивината и океаните. Иако многу организации го следат ѓубрето во различни делови на светот, предизвикот лежи во недоволното мапирање на отпадот.
Слепилото за ѓубрето е најголемата пречка за создавање почисти заедници”, нагласи Антонио Јовановски од граѓанското здружение Гоу Грин”. Луѓето живеат толку многу навикнати на ѓубрето што повеќе не го забележуваат, ниту пак неговите ефекти. Од клучно значење е да се започне со мапирање на ѓубрето што ќе му помогне на светот да ја сфати тежината на проблемот со отпадот и да се бори против ова слепило”.
Мапирањето на отпадот е организирано низ целиот свет, а повеќе од 2.400 луѓе ширум светот работат на прибирање и прилагодување на постоечките податоци, но следниот чекор е да се направат активности за мапирање на национално ниво со цел да се мапираат дивите депонии низ целиот свет. Апликацијата World Cleanup или други слични апликации за мапирање на ѓубре помагаат да се соберат податоците.
„Мапирањето на отпадот е првиот чекор – кога ќе знаеме каде и колку ѓубре има, можеме да почнеме да го чистиме”, додава Антонио. Апликацијата World Cleanup е лесна за користење и им овозможува на сите да учествуваат во мапирањето на ѓубрето за да се лоцираат значителен дел од копнениот отпад во светот во текот на годината сѐ до Светскиот ден на чистење. Податоците собрани со апликацијата ќе помогнат да се планираат активностите за расчистување на нелегалниот отпад на Светскиот ден на чистење.
„Ние сме дел од глобалното движење и нашата задача е да го мапираме и подоцна да го исчистиме ѓубрето во Република Македонија, па оттука и да бидеме дел од најголемата граѓанска акција во светот. Со акцијата за мапирање сега и чистењето подоцна, го правиме првиот но важен чекор кон одржлив свет и почисти заедници, а со тоа и подобра и побезбедна иднина за нашите деца”, заклучува Антонио.
Здружението Гоу Грин од Скопје е дел од Let’s Do It! движењето иницијатор на Светскиот ден на чистење. Иницијативата повикува 150 земји да се приклучат на Светскиот ден на чистење на 15 септември 2018 година, со цел да се мобилизираат милиони луѓе во еден ден за чистење на нелегалниот отпад. Оваа акција ќе послужи на целта за започнување на брзи промени за почиста планета. Движењето е започнато во Естонија и од 2008 година до сега се ангажираа повеќе од 20 милиони луѓе во национални кампањи за чистење и иницијативи за нула отпад, бидејќи справувањето со загадувањето од отпадот, усвојувањето одржливи системи за управување со отпадот, редизајнирањето и иновациите за максимално употребување на материјалите ќе играат значајна улога во постигнувањето на целите за одржлив развој.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Се вршат разговори и се прибираат докази по трагедијата во Карпош, соопшти Обвинителството
Дежурен јавен обвинител од Основно јавно обвинителство Скопје извршил увид на локацијата во скопската општина Карпош, каде попладнево животот го загубија жена и малолетно дете по пад од зграда.
Од Обвинителството соопштија дека е наредена обдукција на телата, како и обезбедување и анализа на сите траги и материјални докази, со цел да се утврдат причините и околностите на настанот.
„Јавниот обвинител нареди обдукција на телата на починатите и прибирање траги и докази.
Се вршат разговори со повеќе лица кои би можеле да имаат сознанија за причините за настанот“, соопшти обвинителството.
Македонија
„Денес потфрли целиот наш систем“: се огласи братот на жената која заедно со ќерката паднаа од зграда во Карпош
„Иако ми е тешко, сакам да се обратам во име на моето семејство – денес се случи убиство“.
Ова на социјалните мрежи го објави Александар Стојаноски, брат и вујко на починатите мајка и ќерка кои денеска починаа по пад од зграда во скопски Карпош.
Стојаноски во објавата се обрати во име на семејството, обвинувајќи дека институциите потфрлиле, посочувајќи дека жената пријавувала насилство, а институциите не реагирале.
„Иако ми е тешко, сакам да се обратам во име на моето семејство, денес се случи убиство
Денес потфрли МВР, Социјалните служби, денес потфрли целиот наш систем. После години на пријавувано семејно насилство, физичко и психичко насилство врз двете, закани, пријавувања, обид за убиство во сред државна институција, ги загубив внуката и сестрата.
Државата овозможи да згаснат млади животи, ве молам да не шпекулирате што се случило, никој нема да ми ги врати најмилите, но правдата ќе мора да се истера до крај и нема да запреме додека не се случи тоа!
Со оглед на тоа што и покрај сите пријави и случувања, институциите не постапија до сега, барам фокус од јавноста и медиумите за ова, нема да дозволиме да помине само како бројка, правдата мора да го стигне секој еден!
Сестра ми денес требала повторно да иде во социјално, за сите овие работи, а со внуката се слушнавме за Прочка, ми рече – вујче прости ми ако сум ти згрешила нешто … вујчино, прости ми ти, прости на овие неспособни институции, а јас вујче, нема никогаш да простам и да заборавам
Споделете, да не се заборави и изгуби низ нашиот систем“, пишува Стојаноски во објавата.
Македонија
Поради утрешната посета на Руте посебен режим на сообраќај во Скопје
Утре во официјална посета на Република Северна Македонија ќе престојува генералниот секретар на НАТО, Марк Руте, соопшти МВР.
Поради посетата, Единицата за безбедност на патниот сообраќај ќе преземе мерки за воспоставување посебен режим на сообраќај во централното градско подрачје на Град Скопје.
СВР Скопје апелира до сите граѓани учесници во сообраќајот да ги почитуваат наредбите и насоките што ќе ги даваат полициските службеници, со цел безбедно и непречено одвивање на сообраќајот.

