Македонија
Граѓански здруженија бараат темелна истрага за институционалните пропусти во случајот со Мијалков
Три граѓански здруженија бараат темелна и брза истрага за институционалните пропусти во врска со недостапноста на органите за прогон на поранешниот директор на Управата за безбедност и контраразузнавање, Сашо Мијалков.
„И покрај епилогот на овој случај, кој значеше обезбедено присуство пред судските органи на обвинетиот и сега веќе притворениот Мијалков, сметаме дека е неопходно итно утврдување на одговорност од страна на надлежните органи за настаните што му претходеа на изрекувањето на пресудата“, се наведува во соопштението на Хелсиншкиот комитет за човекови права, коалицијата „Сите за правично судење“ и Фондацијата „Отворено општество – Македонија“.
Тие сметаат дека бегството се случило токму поради отсуството на соодветна реакција за пропустите и неажурноста на институциите, што му овозможиле бегство од земјата и на Никола Груевски, кој беше осуден на двегодишна казна затвор со правосилна пресуда во случајот познат како „Тенк“, како и на други три лица од високопрофилираните кривични постапки.
„Истрагата и понесувањето одговорност е од исклучителна важност за градењето правна држава и владеење на правото поради очигледните пропусти на македонскиот кривично-правен систем. Добиените сознанија за институционален пинг-понг и непотребни преписки од моментот кога се добиени индиции за бегство на обвинетиот Мијалков до моментот кога му се губи трагата ја потврдуваат неажурноста на надлежните органи во борбата против криминалот“, велат здруженијата.
Токму затоа, додаваат тие, инсистираме на истраги преку кои ќе се утврди одговорноста за пропустите во постапувањето на Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција (ОЈОГОКК), на Министерството за внатрешни работи и на Агенцијата за национална безбедност.
Здруженијата, соодветно на резултатите од истрагата, бараат да бидат санкционирани сите раководни лица и службеници кои не ги почитувале законските и подзаконските акти, со што помогнале во бегството на Мијалков.
„Сите контрадикторни тврдења, изјави во медиумите, целокупното однесување и постапување на ОЈОГОКК , фрлаат дамка врз непристрасноста и стручноста во постапувањето на ОЈОГОКК поради што бараме Советот на јавните обвинители на Република Северна Македонија да спроведе постапка за да се утврди одговорноста за пропустите во постапувањето. Сметаме дека само со сериозен пристап за утврдување на вистината и одговорноста во самите институции може да се изгради функционален систем кој обезбедува правда и во кој сите се еднакви пред законот“, велат од Хелсиншкиот комитет за човекови права, коалицијата „Сите за правично судење“ и Фондацијата „Отворено општество – Македонија“.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Сончево време со температута од 17 степени, за утре метеоролозите најавија повремени локални врнежи од дожд
Времето претпладне ќе биде сончево со мала до умерена облачност и со услови за појава на утринска магла по одделни котлини. Попладне облачноста ќе се зголеми и ќе преовладува променливо облачно време со сончеви периоди. Ќе дува слаб до умерен ветер претежно од јужен правец. Минималната температура ќе биде во интервал од -2 до 5, а максималната ќе достигне од 13 до 17 степени.
Во Скопје, претпладне сончево со мала до умерена облачност, а попладне променливо облачно со сончеви периоди. Ќе дува слаб до умерен ветер од јужен правец сончево со мала до умерена облачност. Минималната температура ќе се спушти до 4, а максималната ќе достигне до 17 степени, јавува УХМР.
Во следните денови ќе преовладува сончево и релативно топло време со мала до умерена облачност, освен во четврток кога ќе има повремени локални врнежи од дожд. Утре и во четврток по одделни котлини ќе има услови за појава на слаба магла.
Македонија
Притвор од 48 часа за сопругот по смртта на неговите жена и ќерка во Карпош
Судот му определи 48 часовен притвор на сопругот од Карпош чија жена и ќерка починаа по пад од зграда.
„Основното јавно обвинителство Скопје до судијата на претходна постапка од Основниот кривичен суд Скопје поднесе предлог за определување мерка краткотраен притвор од 48 часа против едно лице за кое постојат сомненија за сторени кривични дела – Телесна повреда од член 130 став 2 во врска со став 1, Загрозување на сигурноста од член 144 став 3 во врска со став 2 и став 1 и Наведување на самоубиство и помагање во самоубиство од член 128 став 4 од Кривичниот законик“, соопштија од Обвинителството.
Од таму појаснуваат дека притворската мерка е неопходна со цел преземање на сите истражни дејствија со цел обезбедување докази во однос на сомненијата и додаваат дека по предлог на јавниот обвинител, судот определи притвор.
Македонија
МНР ги повика македонските државјани заглавени во ОАЕ да се јават во амбасадата во Абу Даби
Министерството за надворешни работи и надворешна трговија информира дека, имајќи ја предвид актуелната безбедносна состојба, Амбасадата на Република Северна Македонија во Абу Даби, во координација со локалните власти во Обединетите Арапски Емирати, активно работи на финализирање на деталите околу организацијата на комерцијален лет за евакуација на македонските државјани.
Се повикуваат сите граѓани кои се заинтересирани за евакуација, а сè уште не се пријавиле, во најкраток рок да стапат во контакт со Амбасадата во Абу Даби преку следните контакти:
Телефон: +971 56 441 7532
Е-маил: [email protected]
„Безбедноста на македонските државјани останува највисок приоритет. Пријавените лица навремено ќе бидат информирани за понатамошните чекори и условите за безбедна реализација на евакуацијата“, велат од Министерството.
фото/Depositphotos

