Македонија
Граѓанско демократската унија ја поздрави намерата за една изборна единица
Граѓанско демократската унија ( ГДУ ) ја поздравува намерата на Владата да разговара за промена на бројот на изборните едници и земјава следните парламентарни избори да претставува една изборна единица.
„Ги охрабруваме политичките партии и граѓанските организации активно да се вклучат во најавениот процес за промени во изборниот процес, во насока на целосна професионализација на Државната изборна комисија. Без оглед на форматот според кој би се одвивал најавениот процес, ГДУ има намера пред јавноста да ги афирмира своите ставови по ова прашање. Македонија да претставува една изборна единица, листите со кандидати да бидат отворени а не утврдени од партиските раководства и Државната изборна комисија да работи според законските прописи, а не да претставува партиски форум“, соопшти ГДУ, преку партискиот Центар за комуникации.
Демократската Унија коментира дека доколку политичките партии во една таква расправа не се подготвени себе си да се демократизираат и реформираат, следсвено, немаат никакво морално право да тврдат дека се способни да го реформираат општеството и унапредат демократијата во земјава.
„ГДУ недвосмислено стои на ставот дека јавноста мора да може да влијае на партиските програми, поведение и реализација на обврските преземени пред истата јавност.
Улогата и влијанието на пошироката јавност во партиското делување во Европа е тренд кој само се унапредува ( прелиминарните избори на пример) учеството на граѓаните во политичкиот живот, при носењето решенија ( на локално и национално ниво) се придобивки со кои се бранат граѓанските и другите права, пред партиските интереси“, смета ГДУ.
Партијата во соопштението истакнува дека процесот не смее да биде во функција на меѓупартиски договарања и надмудрувања, туку процес кој треба да резултира со изборен модел кој ке содржи механизми за јавно, граѓанско влијание како фундаментална алатка за контрола и корекција на обидите за понатамошна партизација на државните институции.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Без вода утре, делови од Центар и Сарај
Од ЈП Водовод и канализација – Скопје, известуваат дека утре, 03.03.2026 година ( вторник ), поради дефект на водоводна цевка со пречник од Ф-2 цол на ул. Св. Кирил и Методија 38 (на паркингот кај Трготекстил), 09:00 часот до санирање на дефектот, прекинато водоснабдување ќе имаат корисниците на дел од ул. Св. Кирил и Методија. (Општина Центар)
· Поради чистење и дезинфекција на двете комори во резервоарот за питка вода во с. Бојане, во наредните 4 дена ( 03.03 до 06.03.2026 г.) помеѓу 08:00 и 13:00 часот, можно е да има намален притисок и краткотрајни прекини на водоснабдувањето во село Бојане. (Општина Сарај)
Македонија
Утре без струја делови од Карпош и Бутел
Од ЕВН Македонија АД известуваат дека поради зафати во електродистрибутивната мрежа, утре, 03.03.2026 година ( вторник ) без електрична енергија ќе останат:
· од 08:30 до 15:00 часот, корисниците од стопанските објекти во Индустриската зона – Момин Поток. (Општина Бутел)
· од 09:00 до 15:30 часот, корисниците од ул. Јан Хус бр. 11а. (Општина Карпош)
Македонија
Утре сончево и релативно топло со мала до умерена локална облачност и температура до 20 степени
Утре, сончево и релативно топло со мала до умерена локална облачност. По одделни котлини ќе има услови за појава на утринска магла. Ќе дува слаб до умерен ветер од северен правец. Минималната температура ќе биде во интервал од 0 до 6, а максималната ќе достигне од 14 до 20 степени.
Во Скопје, ќе биде сончево со мала до умерена облачност. Во делови од котлината ќе има услови за појава на утринска магла. Ќе дува слаб до умерен ветер од северен правец. Минималната температура ќе се спушти до 4, а максималната ќе достигне до 19 степени.
Во следните денови ќе преовладува сончево и релативно топло време со мала до умерена облачност. Во утринските часови по одделни котлини ќе има услови за појава на слаба магла. Во четврток се очекуваат повремени локални врнежи од дожд, особено во попладневните часови и во текот на ноќта.

