Македонија
Грковска: Законот за конфискација на имот во граѓанска постапка ќе биде додадена вредност во алатките за борба против корупцијата
Формалната работна група за подготовка на предлог на Закон за конфискација на имот во граѓанска постапка денеска го одржа првиот состанок, на кој беше усогласена интензивна динамика на работа во наредниот месец. Целта е до средината на септември да се подготви решение, кое ќе се достави на мислење до Европската Унија и Венецијанската комисија. Во таа насока, заменичката на претседателот на Владата задолжена за политики за добро владеење, Славица Грковска, која претседава со оваа работна група, нагласи дека е важно за државата овој закон да се донесе во најбрз можен рок, затоа што тој ќе претставува додадена вредност во алатките за борба против корупцијата.
Вицепремиерката Грковска ги информираше членовите на работната група за нацрт текстот на овој закон, кој изминатава година се подготвуваше во соработка со Советот на Европа. Овој првичен документ е солидна основа за да се изработи закон кој ќе биде функционален, применлив, кој нема да биде контрадикторен со други законски решенија и со кој ќе бидат запазени меѓународните стандарди.

Од физибилити студијата, анализата на состојбите и моделите на конфискација во модерните правни системи, досегашната, неформална експертска група заклучи дека постојното кривично и управно законодавство не може целосно да ги опфати случаите кои се појавуваат во пракса, кога во постапките не може целосно да се одземе имот стекнат од незаконски извори. Оттаму, повеќе меѓународни и домашни документи беа разгледувани како основа за подготовка на ново одржливо законско решение, преку кое ќе се овозможи воспоставување на дополнителен механизам за успешно спречување на неосновано збогатување и конфискација на имот кој не бил стекнат од законски извори, се наведува во соопштението на Владата.
Презентираниот првичен документ ќе се надогради од оваа работна група, составена од претставници на: Кабинетот на Заменик на претседателот на Владата задолжен за политики на добро владеење, Државната комисија за спречување на корупцијата, Министерството за правда, Министерството за внатрешни работи, Министерството за финансии, Управата за јавни приходи, Управата за финансиска полиција, Управата за финансиско разузнавање, Царинската управа, Агенцијата за управување со одземен имот, Јавното обвинителство на Република Северна Македонија – Канцеларија за поврат на имот, Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција, Основното јавно обвинителство Скопје, Основниот кривичен суд Скопје, Основниот граѓански суд Скопје, Управниот суд, Државното правобранителство, претставник од академската заедница, како и претставници на Платформата на граѓански организации за борба против корупцијата и Блупринт групата за реформи во правосудството.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Притвор од 48 часа за сопругот по смртта на неговите жена и ќерка во Карпош
Судот му определи 48 часовен притвор на сопругот од Карпош чија жена и ќерка починаа по пад од зграда.
„Основното јавно обвинителство Скопје до судијата на претходна постапка од Основниот кривичен суд Скопје поднесе предлог за определување мерка краткотраен притвор од 48 часа против едно лице за кое постојат сомненија за сторени кривични дела – Телесна повреда од член 130 став 2 во врска со став 1, Загрозување на сигурноста од член 144 став 3 во врска со став 2 и став 1 и Наведување на самоубиство и помагање во самоубиство од член 128 став 4 од Кривичниот законик“, соопштија од Обвинителството.
Од таму појаснуваат дека притворската мерка е неопходна со цел преземање на сите истражни дејствија со цел обезбедување докази во однос на сомненијата и додаваат дека по предлог на јавниот обвинител, судот определи притвор.
Македонија
МНР ги повика македонските државјани заглавени во ОАЕ да се јават во амбасадата во Абу Даби
Министерството за надворешни работи и надворешна трговија информира дека, имајќи ја предвид актуелната безбедносна состојба, Амбасадата на Република Северна Македонија во Абу Даби, во координација со локалните власти во Обединетите Арапски Емирати, активно работи на финализирање на деталите околу организацијата на комерцијален лет за евакуација на македонските државјани.
Се повикуваат сите граѓани кои се заинтересирани за евакуација, а сè уште не се пријавиле, во најкраток рок да стапат во контакт со Амбасадата во Абу Даби преку следните контакти:
Телефон: +971 56 441 7532
Е-маил: [email protected]
„Безбедноста на македонските државјани останува највисок приоритет. Пријавените лица навремено ќе бидат информирани за понатамошните чекори и условите за безбедна реализација на евакуацијата“, велат од Министерството.
фото/Depositphotos
Македонија
(Фото) Руте во посета на Армијата: Дејствувате над вашите капацитети кога станува збор за истурените копнени сили
Генералниот секретар на НАТО, Марк Руте, денес во касарната „Илинден“, Скопје, оствари посета на Армијата, која се реализира во рамки на неговата официјална покана на Македонија.
Генералниот секретар беше пречекан од началникот на Генералштабот на Армијата, генерал-мајор Сашко Лафчиски и министерот за одбрана Владо Мисајловски.

Во рамките на посетата, генералниот секретар се обрати пред припадниците на Армијата истакнувајќи го придонесот што нашата држава го прави во рамки на Алијансата.
„Вие навистина дејствувате над вашите капацитети кога станува збор за истурените копнени сили (Forward Lend Forces)“, истакна Руте, потенцирајќи „со тоа се грижите навистина да ја одбраниме секоја педа од територијата на Алијансата“.

За време на посетата беше извршена смотра на построените единици, како и на опремата и средствата со кои располагаат Лесната пешадиска баталјонска група и декларираните единици од составот на Баталјонот на специјални сили.
Во знак на признание за придонесот во зајакнувањето на соработката и поддршката на Армијата на Република Северна Македонија во рамки на Алијансата, началникот на Генералштабот на Армијата, генерал-мајор Сашко Лафчиски му додели Голема плакета на Армијата на генералниот секретар на НАТО.

На настанот присуствуваа генерали на Армијата и претставници од Армијата и Министерството за одбрана.

