Македонија
Грковска: Не сум убедена дека државен ревизор треба да има право на реизбор и дополнителни девет години мандат

Заменик-претседателката на Владата задолжена за политики за добро владеење, Славица Грковска, денеска присуствуваше на јавната расправа по драфт-верзијата на законот за државна ревизија, подготвен во рамките на твининг-проектот „Подобрување на надворешната ревизија и парламентарниот надзор“, поддржан од Европската Унија.
Во своето обраќање вицепремиерката Грковска ги истакна значењето на Државниот завод за ревизија како врховно ревизорско тело во државата и потребата да се изнајде функционален модел кој ќе обезбеди целосна и доследна имплементација на укажувањата што се наведени во ревизорските извештаи.
„Многу често се случува укажувањата на Државниот завод за ревизија да останат само укажувања, а институциите да не постапуваат по утврдените забелешки. Контролата на трошењето на буџетските средства е од исклучително значење и затоа Владата донесе одлука, во соработка со Државниот завод за ревизија, да изнајде подобар модел кој ќе ја зголеми ефикасноста на спроведување на укажувањата на ревизорските извештаи. Нашата цел е да обезбедиме системски и поорганизиран пристап по укажувањата на Државниот завод за ревизија“, нагласи вицепремиерката Грковска.
Таа истакна дека е многу важно да има добра законска регулатива, но ниту еден закон не може практично да се имплементира доколку нема човечки капитал и соодветна волја.
Од тој аспект, додаде вицепремиерката Грковска, важно е постојано да се зајакнуваат човечките капацитети, да се зајакнува професионалноста, да се организираат обуки и доквалификации, со што ќе се овозможи транспарентно, професионално, одговорно и ефикасно работење на Државниот завод за ревизија.
Во однос на драфт-верзијата на законот за државна ревизија, вицепремиерката Грковска истакна неколку забелешки, особено во однос на мандатот на државниот ревизор и неговиот заменик.
„Не сум убедена дека некои решенија што се предложени во драфт-верзијата на законот за државна ревизија ја следат намерата за зајакнување на независното, професионално и одговорно работење на Државниот завод за ревизија. Сметам дека нема потреба да се дава можност за дополнителен мандат од девет години за државен ревизор и негов заменик. Треба да се размисли и дали има потреба државен ревизор и негов заменик да имаат посебен имунитет, на исто ниво како пратеничкиот имунитет“, нагласи вицепремиерката Грковска и додаде дека за сите овие прашања очекува во наредниот период да се отвори сериозна дебата.
Главниот државен ревизор Максим Ацевски оцени дека целта на новото законско решение е да обезбеди финансиска и оперативна независност на Државниот завод за ревизија и додаде дека се добредојдени сите забелешки што се истакнати во текот на дискусијата со цел да се дојде до подобро законско решение.
На јавната расправа присуствуваа и претставници од Собранието на Република Северна Македонија, од Министерството за финансии, како и претставници од Делегацијата на ЕУ во државата, Државната комисија за спречување на корупцијата, како и повеќе експерти претставници на граѓанскиот сектор.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
СДСМ: Поради неспособноста на Арсовска Град Скопје остана без печатачи

За само шест месеци се покажа целосната неспособност на Данела Арсовска како градоначалник на Град Скопје, реагира СДСМ.
Од партијата велат дека заради таквата неспособност градската администрација вчера остана без печатачи со што се отежнуваат условите за работа на вработените, а граѓаните можат да останат без потребните документи.
„Арсовска и ВМРО-ДПМНЕ немаат капацитет да менаџираат ниту со канцелариска опрема во Град Скопје, а не пак да реализираат капитален проект за градот и граѓаните.
Првите шест месеци од мандатот Арсовска ги помина во неработење и партизација на адмиинистрацијата.
Нејзиниот пример го следат речиси сите градоначалници од ВМРО-ДПМНЕ.
Кадрите на Христијан Мицкоски се докажано најслаби градоначалници досега. За шест месеци не реализираа ниту еден проект за граѓаните туку работат исклучиво за лични и партиски интереси.
Градоначалниците од ВМРО-ДПМНЕ се пример дека во оваа партија предводена од Мицкоски нема никаква промена“, се наведува во соопштението на СДСМ.
Македонија
ВМРО-ДПМНЕ: Пациенти болни од рак оставени без терапија, владата и министерот загрозуваат десетици животи

90 пациенти на кои им е потребна биолошка терапија за колоректален, оваријален и цервикален карцином цел месец не можат да ја примат потребната терапија, велат од ВМРО-ДПМНЕ.
„Пациентите немаат примено терапија затоа што МЗ не распишало тендер за набавка на лековите.
Под ризик се и пациентите со рак на бели дробови, бубрег и дојка, за кои во наредните неколку месеци ќе се исцрпи потребната терапија.
Министерството за здравство да не си игра со животите на луѓето и веднаш да распише оглас за набавка на сите потребни терапии.
Дали власта сфаќа дека нивната неспособност убива луѓе?
Неспособноста и во здравството е една од причините зошто мора да има избори. Народот не смее да пати и страда заради криминогеноста и неспособноста на СДСМ и нивните коалициони партнери“, се наведува во соопштението на ВМРО-ДПМНЕ.
Македонија
Герасимовски: Со враќање на полициските редари се зголемува безбедноста во секое маало во Центар

Во соработка со Министерството за внатрешни работи, во секое маало во Општина Центар се враќаат полициските редари-позорникари. Оваа информација пред граѓаните во населбата Пролет ја сподели градоначалникот на Општина Центар, Горан Герасимовски.
Тој во присуство на двајца полициски службеници и инспектор за превенција на криминалитет при СВР Скопје, рече дека со овие маалски патроли, кои се враќаат најпрво во Општина Центар, ќе се зголеми безбедноста и спокојот на граѓаните.
„Враќањето на позорникарите во маалата беше барање но и реална потреба за граѓаните и мило ми е што со МВР успеавме да го реализираме. Отсега секое маало во Општина Центар ќе биде покриено со 1 до 2-ца позорникари кои ќе патролираат и ќе ги заштитуваат граѓаните. Доколку ги сретнете низ вашето маало запознајте се и побарајте совети како да го заштитите вашиот дом од кражби, кои се сѐ почести во летниот период. Во минатото маалските полицајци беа симбол на безбедноста во едно маало, а родителите беа сигурни да ги пуштаат децата на улица безгрижно да играат. Се надевам дека оваа сигурност повторно ќе ни се врати, затоа што полицајците позорникари ќе бидат нашите пријатели – заштитници “, рече Герасимовски пред граѓаните.
Полициските службеници пред граѓаните споделија основни совети за подигнување на безбедноста на домовите, при што ги поттикнаа доколку приметат нешто сомнително, да го пријават на телефонскиот број 192.
Инаку, маалскиот-полицаец треба да превенира и да обезбеди безгрижна детска игра надвор и безбедно враќање на тинејџерите дома. Тој го заштитува животот, личната сигурност и имотот на граѓаните, спречува извршување на казниви дела и загрозување на безбедноста на сообраќајот на патиштата, укажува потребна помош и заштита на граѓаните и врши набљудување на подрачјето и безбедносната состојба во населбата.