Македонија
Грковска – Фратини: Ќе ја продлабочиме соработката меѓу Италија и Северна Македонија

Заменик-претседателката задолжена за политики за добро владеење, Славица Грковска, денеска имаше состанок со претседателот на Државниот совет на Република Италија и поранешен еврокомесар за правда и безбедност, Франко Фратини, на кој се разговараше за можностите за меѓусебна соработка, особено во делот на добрите практики што Италија ги има во креирањето на антикорупциските политики, унапредување на регулативата за јавните набавки, како и политиките за добро владеење воопшто.
„За мене и за мојот кабинет, важно е искуството што Италија го има во креирањето и имплементирањето на антикорупциските политики. Јас се залагам за долгорочни, одржливи решенија, но и да испорачаме ефикасни резултати. Според првичните анализи, иако имаме релативно нов закон за јавни набавки, кој обезбедува висок степен на транспарентност, неопходни се одредени интервенции, кои ќе ја зголемат конкурентноста и ќе ги отстранат сите можности за манипулации“, рече вицепремиерката Грковска.
Претседателот Фратини нагласи дека во моментот Италија работи на ново законско решение за јавни набавки, во кое ќе биде вклучен и постојниот модел – ефикасен алгоритам што ги евалуира стандардите во сите јавни набавки и алармира доколку утврди одредени нелогичности.
„Одговорна за оваа дигитална електронска платформа е италијанската антикорупциска комисија. Во духот на пријателството и соработката меѓу Италија и Северна Македонија, со задоволство ќе ги споделиме искуството и начинот на примена на ова решение“, рече Фратини.
Тој додаде дека Италија како претседавач на eвропската мрежа на членови на претседатели на врховни и управни судови на земјите членки на ЕУ ја отвора можноста на овие состаноци да присуствуваат како набљудувачи и претседателите на врховните и управните судови на земјите кандидатки за членство во ЕУ.
Двајцата соговорници оценија дека чекорите за реализација на овие две прашања можe да почнат веднаш и изразија подготвеност да ја продлабочат соработката и во други општествени сфери, кои се важни за транспарентно, професионално и одговорно владеење.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Груби-Ќучук: Да продолжи дијалогот за брзо решавање на спорот со Бугарија

Првиот вицепремиер и министер за Политички систем и односи меѓу заедниците, Артан Груби се сретна денес со бугарскиот европратеник и известувачот за Северна Македонија во Европскиот парламент, Илхан Ќучук.
На оваа средба, Груби и Ќучук разговараа за досегашниот тек на преговорите со соседна Бугарија, потребата од нивно динамично продолжување со уште поконструктивен пристап за деблокирање на интеграцијата на нашата земја во Европската Унија, како и за билатералните проекти кои ќе ги продлабочат добрососедските односи.
Првиот вицепремиер Груби на бугарскиот европратеник му ја истакна решителноста и непоколебливоста на земјата на патот на евроинтеграциите, како и го информираше за унапредувањето на работниот процес за реализација на Коридорот 8, најголемиот инфраструктурен проект што поефикасно ќе ги поврзе двете земји.
Европратеникот Ќучук му ја пренесе на Груби неговата посветеност за континуираното лобирање за геополитичката важност на интеграцијата на Северна Македонија во ЕУ.
Груби и Ќучук ја завршија средбата со оптимизам за европската перспектива на Северна Македонија и за прогресивниот развој на двете земји.
Македонија
Од денес повторно е отворена македонската амбасада во Киев

Министерот за надворешни работи, Бујар Османи во рамки на посетата на Украина ја отвори Амбасадата на Република Северна Македонија во Киев, која беше привремено затворена заради безбедносни причини, по руската инвазија врз Украина.
Со свечено подигнување на знамето од страна на Министерот, Амбасадата отпочна со извршување на своите редовни активности.
„Ова не е само симболична порака, туку суштински израз на пријателство и солидарност кон украинскиот народ и држава“, изјави Османи.
Министерот на средбата со неговиот хомолог Дмитро Кулеба, информираше и за одлуката на Владата која беше донесена во пресрет на посетата, со која се обезбедува итна финансиска помош за Украина во износ од 100 илјади евра.
Македонија
Ковачевски: Покачувањето на платите на универзитетските професори е планирано во Буџетот

Претседателот на Владата, Димитар Ковачевски, на новинарско прашање одговори дека покачувањето на платите на универзитетските професори е веќе планирано во буџетот и тоа од месец септември.
„Го видов писмото од универзитетските професори и контактирав со нив и ги информирав дека покачувањето на платите е предвидено во Буџетот од септември. Точно е дека во целиот образовен сектор треба да се покачат платите и доколку го погледнете буџетот во тој дел ќе видите дека од година во година се зголемува износот во однос на платите во високото образование“, истакна премиерот Ковачевски.
Ковачевски уште додаде дека, освен за платите, има раст и за инвестициите во образованието и науката.