Македонија
Груби-Абазовиќ: Односите меѓу Северна Македонија и Црна Гора се одлични
Првиот вицепремиер и министер за политички систем и односи меѓу заедниците, Артан Груби оствари онлајн средба со вицепремиерот на Црна Гора, Дритан Абазовиќ.
На оваа средба и двајцата соговорници разменија мислења за актуелните политички теми во земјата и регионот. Во рамки на состанокот, како одлична беше оценета соработката меѓу Република Северна Македонија и Црна Гора.
Груби му честиташе на неговиот колега од Црна Гора, Дритан Абазовиќ за функцијата вицепремиер и за успешното спроведување на досега клучните политики кои одат во прилог на сите граѓани во Црна Гора.
Груби исто така му соопшти на својот колега Абазовиќ дека Северна Македонија е посветена на исполнувањето на потребните реформи и обврски со цел што побрзото отворање на преговорите со Европската Унија.
Од негова страна, вицепремиерот на Црна Гора, Абазовиќ му кажа на Груби дека Република Северна Македонија е пријателска земја и стратешки партнер на неговата земја. Абазовиќ вели дека односите со Скопје се изградени преку дијалог и добра соработка.
Груби и Абазовиќ за време на оваа онлајн средба се согласија дека полноправното членство на Северна Македонија и Црна Гора во НАТО, пријателството со меѓународната заедница и особено со стратешките партнери на двете земји, Соединетите Американски Држави и заедничкиот пат кон Европската Унија се додадена вредност за развојот на регионот и особено за мирот и стабилноста.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
(Фото) Ѓорѓиевски: По две децении, Драчево повторно доби свое кино
Градоначалникот на Град Скопје, Орце Ѓорѓиевски преку социјалните мрежи извести дека по две децении, Драчево повторно доби свое кино.
„Особено ми е драго што иницијативата што ја започнавме пред завршувањето на мојот мандат како градоначалник на Кисела Вода, денес прерасна во реалност. Овој проект беше визија за враќање на културниот живот таму каде што му е местото, меѓу мојот народ. Од денес, таа визија живее“, вели градоначалникот.
„Киното ќе функционира во рамки на Домот на културата во Драчево, простор кој повторно ќе стане собиралиште на уметноста, емоцијата и заедничките доживувања.
Покрај Кисела Вода, сега и драчевчани ќе бидат дел од КИНОВЕРЗУМ и ќе имаат можност да уживаат во најновите филмски достигнувања и најголемите светски хитови, блиску до својот дом.
Филмското искуство повеќе нема да значи патување километри далеку, туку тука – дома. Културата повторно пулсира во Драчево“, додаде Ѓорѓиевски.
Македонија
Делови од Центар, Бутел и Карпош денеска без струја
Од ЕВН Македонија АД известуваат дека поради зафати во електродистрибутивната мрежа, денеска без електрична енергија ќе останат:
· од 08:30 до 14:00 часот, корисниците од дел од улицата Христо Смирненски од бр. 19 до крајот на улицата кон булеварот Партизански Одреди, општина Центар;
· од 08:30 до 14:00 часот, Индустриските објекти на булеварот Босна и Херцеговина, (Фурна – Диме, поранешни магацини – Центро и поранешна фабрика ИГМ), општина Бутел;
· од 08:40 до 09:40 часот, корисниците од дел од улицата Козле, општина Карпош.
Македонија
Променливо облачно со сончеви периоди, ќе дува засилен ветер од северен правец
Променливо облачно со сончеви периоди. Претпладне ќе дува умерен до засилен ветер од северен правец (локално над 60 km/h), особено во источните делови и во Пелагонија. Минималната температура ќе биде во интервал од -3 до 5, а максималната ќе достигне од 3 до 11 степени.
Во Скопје, променливо облачно со сончеви периоди. Ќе дува умерен до засилен ветер од северен правец. Минималната температура ќе се спушти до 1, а максималната ќе достигне до 9 степени.
Времето во наредните денови
Во четврток утрото ќе биде ведро и студено, насекаде со негативни минимални температури. Во текот на ноќта кон петок и во петок ќе има нови врнежи, во пониските места од дожд, на повисоките од дожд и снег, а на планините од снег. Потоа во деновите од викендот времето ќе биде променливо облачно и постудено со умерен до засилен северен ветер. Од понеделник дневната температура ќе биде во пораст.

