Македонија
Груби вели дека рамковните административци имаат рок од 7 дена да се појават на новата работа

Првиот вицепремиер и министер за политички систем, Артан Груби, денеска соопшти дека 1.349 административни службеници, вработени по Охридскиот рамковен договор, ќе бидат распределени во 237 институции, органи на државната и локалната самоуправа.
Според Груби, на административните службеници, кои во рок од 7 дена нема да дојдат да си ги подигнат новите решенија, Министерството за политички систем ќе им ги раскине договорите за вработување и ќе ги пренесе на трансфер-листа.
„Трансфер-листата е во Министерството за информатичко општество и администрација, каде што веќе изборот не е нивен, односно од институција што има слободно место им се нуди. Ако тоа го одбијат, им се укинува работниот договор. Немаат веќе право да пребираат и да бараат друго работно место, ова е единствената опција“, рече Груби на прес-конференцијата.
Тој исто така ги наброја некои од институциите каде што ќе бидат прераспределени рамковните вработени, а повеќето ќе бидат вработени во МВР, Управата за јавни приходи, Државното правобранителство и во Царинската управа.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
ВМРО-ДПМНЕ ги објави имињата на уште шест кандидати за градоначалници

Покрај кандидатурата на Орце Ѓоргиевски за градоначалник на Скопје, Извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ донесе одлука за уште шестмина кандидати кои ќе влезат во градоначалничката трка на претстојните локални избори.
Нивните имиња ги соопшти премиерот, Христијан Мицкоски, по состанокот.
За Гази Баба повторно е кандидиран актуелниот градоначалник, Бобан Стефковски.
За Карпош – Сотир Лукровски, кој доаѓа од приватниот сектор, а Мицкоски за него кажа дека има успешна професионална кариера и менаџерски способности.
Кандидат за Лозово е актуелниот Бошко Цветковски, за Пехчево – актуелниот Александар Китански, за Ресен – актуелниот Јован Тозиевски и за Зрновци – актуелниот Борчо Коцев.
„Во изминатите четири години покажавме дека градоначалниците од коалицијата предводена од ВМРО-ДПМНЕ можат да раководат чесно, без скандали, без афери и со многу работа“, изјави Мицкоски.
Првиот човек на ВМРО-ДПМНЕ и премиер додаде и дека на овие избори, партијата настапува со понуда за чесни, некомпромитирани и вредни кадри, затоа што токму тоа ѝ недостигало на државата и на општините со децении. Истовремено, најави Мицкоски, ќе излезат пред граѓаните со јасна визија и програма за развој на секоја општина.
Македонија
Костовски: Голема нервоза во белата палата, клеветите не поминуваат

Во реакција на својот профил на Фејсбук на прес-конференцијата на Бране Петрушевски, кандидатот за градоначалник на Куманово од СДСМ, Мартин Костовски, порача:
„Голема нервоза во белата палата. Го извадиле Бране – човекот кој е директно против сиромашни работници и повисоки плати – да врти стари лаги и да ме клевети. Ама не кажа дека за истиве клевети веќе има и судска одлука – Бране изгуби во прв степен и треба да ми плати 2.500 евра отштета, пари кои веднаш ќе ги донирам. Клеветите не поминуваат, вистината во Куманово излезе на виделина.
Најголемиот криминалец е токму нивниот измеќар – Максим Димитриевски. Тој што сега им се клања, за да го спасат од одговорност. Нека продолжат вака, народот на Куманово гледа и добро знае. Следи голема казна на локалните избори. Народот не паѓа на коалициски математики.
А на Бране не може јас да му бидам крив што не е кандидат од ВМРО-ДПМНЕ, никој во партија не го сака ниту за измеќар. Седи си во Парламент и троши си ги парите, народот веќе ништо не очекува од такви како тебе.“ – напиша Костовски.
Македонија
Мицкоски: Нема да има данок за немажени и неженети – целта беше отворање јавна дебата

Премиерот Христијан Мицкоски изјави дека нема да има данок за немажени и неженети, појаснувајќи дека изјавата имала за цел да поттикне јавна дебата.
„Се извинувам на тие што можеби погрешно ја протолкуваа таа моја иницијатива, но факт е дека сум исклучително загрижен за демографската состојба во Македонија и факт е дека како претседател на Владата е моја одговорност да бидам загрижен за демографската иднина на мојата татковина“, рече Мицкоски, oдговарајќи на новинарско прашање по седницата на Извршниот комитет.
Вели дека изумираме тивко, а тоа поминува незабележано. Бројот на новородени е намален за 30, а бројот на бракови за 17 отсто за само неколку години.
Според него, не е до финансиите, туку до желбата, вредностите и воспитувањето. Тој повика на фокус кон семејството и на заедничка работа за обезбедување иднина на државата.
„Семејната парада е мојата гордост. Тоа е политиката што ќе ја водам додека сум премиер,“ заклучи Мицкоски.
Премиерот претходно, оваа недела изјави дека Владата размислува за даночење на немажените и неженетите, што предизвика бурни реакции во јавноста.