Македонија
Груби на средба со чешките сенатори: ЕК ќе препорача безусловен почеток на преговорите
Денеска, во просториите на Собранието на Република Македонија, претседателот на Комисијата за европски прашања, Артан Груби, заедно со членовите и замениците на Комисијата, оствари работна средба со делегацијата на Сенатот на Чешката Република, предводена од Јири Шестак, потпретседател на Сенатот на Чешката Република.
Груби посочи дека средбата се случува во многу интересен момент, во пресрет на објавувањето на извештајот за напредокот на земјата од страна на Европската комисија. Во тој контекст Груби истакна дека Европската комисија како резултат на постигнатиот прогрес безусловно ќе препорача отворање на преговорите за членство со Македонија.
„Македонија со воспостувањето на новото реформско мнозинство докажа дека може да биде успешна приказна и за релативно кус период да испорача резултати што пријателите од Европската Унија ги препознаа и соодветно ги наградија“, рече Груби на средбата со своите чешки колеги.
Тој информира дека чекорите што неодамна беа преземени, кои резултираа со потпишување на договорот за пријателство, добрососедство и соработка со Република Бугарија, од нашите партнери во Европската Унија се оценети како позитивен чекор напред и пример во регионот за начинот на изградба и унапредување на добрососедските односи. На истиот начин, во духот на добрососедство и замено разбирање се прават напори за надминување на спорот за името со Грција, при што од страна на Груби беше оценето дека решението е поблиску од кога било. Стана збор и за заокружувањето на легислативниот елемент од Охридскиот договор како особен придонес кон воспоставување кохезивно и стабилно општество.
Груби ја истакна и скорешната конструктивност на опозицијата и нивната одлука да се вратат во работата на парламентот за да дадат свој придонес во заокружувањето на реформските законски проекти во интерес на евроинтегративната иднина на Република Македонија.
Од страна на Груби не беше пропуштена можноста да побара и конкретна поддршка од Чешката Република за помагање на процесите, кои ќе овозможат добивање покана за членство на Република Македонија во НАТО.
Денешна официјална посета на пратениците од чешкиот Сенат на Република Македонија пратениците ја оценија како заедничка определба на двете држави во духот на европските вредности на соработка, со што ќе се зајакнат комуникацијата, соработката и пријателството, кои ќе дадат дополнителни позитивни ефекти во развојот на односите меѓу двете држави.
Беше упатена искрена благодарност за чешката поддршка за Македонија и разбирање во овој клучен период за иднината на Република Македонија, при што беше потенцирано дека со ваквата помош и поддршката на другите партнери во ЕУ се исклучително значајни за нашата земја, особено во контекст на исполнување на нашиот долгорочен стратешки приоритет – полноправно членство во ЕУ и НАТО.
На крајот од средбата беше заклучено дека посетата на чешката делегација пратениците ја гледаат како охрабрување и поддршка за евро-атлантските аспирации на РМ.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Утре променливо облачно време со температура до 17 степени
Утре претпладне времето ќе биде сончево со мала до умерена облачност и со услови за појава на утринска магла по одделни котлини. Попладне облачноста ќе се зголеми и ќе преовладува променливо облачно време со сончеви периоди, информира УХМР.
Ќе дува слаб до умерен ветер претежно од јужен правец. Минималната температура ќе биде во интервал од -2 до 5, а максималната ќе достигне од 13 до 17 степени.
Во Скопје, претпладне сончево со мала до умерена облачност, а попладне променливо облачно со сончеви периоди. Ќе дува слаб до умерен ветер од јужен правец сончево со мала до умерена облачност. Минималната температура ќе се спушти до 4, а максималната ќе достигне до 17 степени.
Во следните денови ќе преовладува сончево и релативно топло време со мала до умерена облачност, освен во четврток кога ќе има повремени локални врнежи од дожд. Утре и во четврток по одделни котлини ќе има услови за појава на слаба магла.
Македонија
(Видео) Филипче по обраќањето на Руте: Членството во НАТО е трајна придобивка од политиките на СДСМ
Претседателот на СДСМ, Венко Филипче, по обраќањето на генералниот секретар на НАТО, Марк Руте, во Собранието изјави дека членството во Алијансата е резултат на „стратешките, визионерските и државничките политики“ на Социјалдемократскиот сојуз во изминатите повеќе децении.
„Тој пат не беше лесен, меѓутоа сега конечно можеме да се чувствуваме безбедни, со загарантирани граници, благодарение на тоа што сме дел од најголемиот безбедносен сојуз во светот“, рече Филипче.
Тој оцени дека во услови на војни и нови жаришта во светот, особено поради, како што посочи, агресијата на Русија врз Украина, членството во НАТО претставува трајна придобивка за државата.
Осврнувајќи се на говорот на Руте, Филипче рече дека генералниот секретар имал одличен говор и упатил јасни пораки до Владата, посочувајќи дека Русија е агресор во Украина и дека прави сојуз со Кина и Северна Кореја.
Притоа, Филипче упати критики кон актуелната Влада, наведувајќи дека има вицепремиер кој, како што рече, отворено негува врски со Русија, споменувајќи го вицепремиерот Стоиљковиќ. Тој додаде дека вториот човек во Владата се среќава со ‘Ноќните волци’, кои се во директна комуникација со рускиот претседател Владимир Путин.
Филипче посочи и на заемот од една милијарда евра од Унгарија, наведувајќи дека, според извештаи на европските институции, станува збор за кинеско финансирање.
Македонија
Руте ја поздрави посветеноста на Македонија во зголемувањето на процентот за безбедност и напорите за помош на Украина
Во рамките на официјалната посета на Република Северна Македонија, генералниот секретар на НАТО, Марк Руте, оствари средба со претседателот на Собранието, Африм Гаши, на која присуствуваа: координаторите и заменик-координаторите Никола Мицевски, Јованка Тренчевска, Беким Ќоку, Рина Ајдари и Бобан Карапејовски; шефот на собраниската делегација во ПС НАТО, Драган Ковачки и генералната секретарка на Собранието, Марина Димовска, соопшти прес-службата на законодавниот дом.
Гаши, посакувајќи му добредојде, го запозна гостинот со актуелната состојба во земјава, во светло на актуелните геополитички тензии на Блискиот Исток и војната во Украина. Ја предочи посветената политика на Македонија како кредибилен сојузник кој како и досега ефективно ќе придонесува за обезбедување на регионалниот и глобалниот мир и безбедност. Во време на зголемена глобална неизвесност, претседателот Гаши ја нагласи важноста на блиските односи, одржливиот политички дијалог и заедничката посветеност на меѓународното право и колективната безбедност. Притоа, тој предочи дека членството на земјава во ЕУ не е само како институционално прашање на зачленување. Истакна дека во светло на тековните нестабилности, прашањето на европската интеграција на регионот на Западен Балкан сè повеќе станува и прашање поврзано со европската безбедност.

Генералниот секретар Руте се заблагодари на топлото гостопримство и ја поздрави посветеноста на земјава во зголемувањето на процентот за национална и колективна безбедност, со што се манифестира нејзината способност да ги прифати обврските од членството во НАТО. Ги поздрави напорите што Република Северна Македонија ги вложи во обезбедување соодветна помош за Украина, со што заедно со останатите сојузници покажа висок степен на солидарност. Во тој контекст соговорниците споделија заеднички оценки за одржување на конзистентни позиции и целосно усогласување со Заедничката надворешна и безбедносна политика на ЕУ (ЗНБП), заедничките одбранбени иницијативи на Европската Унија и силна поддршка на Украина.
Руте ја поздрави посветеноста на нашата земја како земја членка на НАТО во фрагилен регион каде не се сите држави членки на НАТО или имаат различен степен на партнерство со Алијансата, во промовирање на атмосфера и политика на регионална стабилност и висок степен на учество во мировните мисии на НАТО. Ја нагласи важноста на вокалноста на парламентите и парламентарците како незаменлив демократски инструмент за поддршка на државните приоритети, особено во сферата на јакнењето на одбранбените капацитети на армијата и јакнење на безбедноста, согласно проектираните визии на Алијансата.
На посебна седница, генералниот секретар на НАТО, Марк Руте имаше и свое обраќање пред пратениците на Собранието.

