Македонија
Груевски: Тие си знаат чиј имот замрзнале, но мој сигурно не е

Денес дознав дека деновиве ОЈО објавило дека замрзнале наводен мој имот, односно земјиште и два помали стана што ги бев изнајмил, а некои од нивните апологети во медиумите тоа го објавиле како сигурна информација, пишува на „Фејсбук“ поранештниот премиер во бегство, Никола Груевски.
„Невозможно е да замрзнале мој имот што го немам и никогаш не бил моја сопственост, кој никогаш не сум го купил, ниту сум го платил, ниту поседувал ниту бил на нечие друго име или слично. Тие си знаат чиј имот замрзнале, но мој сигурно не, и под кои услови и околности кон лицата чиј имот го замрзнале, кој им е договорот и со што ги уцениле, па како резултат на тоа ги знаат и причините поради кои тие лица ‘не се жалеле’“, стои во објавата на Груевски.
Денес дознав дека деновиве ОЈО објавиле дека замрзнале наводен мој имот, односно земјиште и два помали стана кои ги бев…
Posted by Nikola Gruevski on Понеделник, 19 април 2021
Поранешниот премиер, кој доби азил во Унгарија, обвинува дека ОЈО под директива на власта, со цел негова дискредитација, има извршено уцени и жестоки притисоци.
„Некаде и со изрекување притвори, некаде со закана за долг притвор и потоа долгогодишен затвор, уништување бизниси и жесток прогон кон одредени бизнисмени, нивни вработени и други, дел за мене познати, а дел непознати лица, со цел да направат конструкција на база на изнудени лажни сведочења дека наводно тајно сум купил таков вид имот“, наведува експремиерот.
Тој тврди дека списокот на лица врз кои се вршеле и понатаму се вршат тортури е долг.
„Како што стојат работите, повторно како во комунизмот ќе водат постапки со неколку уценети и од нив преплашени сведоци, кои се под големи закани и на кои подолг период им се барани слабости, грешки или што било со што може да бидат уценети во смисла да не се поведе прогон за нив, а за возврат тие да ги потврдат конструираните тези на Обвинителството“, пишува Груевски.
На крајот од својата подолга објава тој посочува дека ќе дојде време кога, како што вели, на сето ова беснеење ќе има ревизија, но и ревизија на работењето и криминалот на актуелната власт.
„Од ден на ден нивниот страв расте. И ќе расте. Има причина за тоа. Доаѓа време кога сведоците, ама не лажни или уценети, туку реални и без страв, поткрепени со матерјални докази, ќе застанат наспроти нив“, заклучува поранешниот премиер во бегство.
Викендов беше објавено дека Кривичниот суд замрзнал новооткриен имот на Никола Груевски од два стана и плац на Водно од 3.000 квадратни метри како дел од истрага на Обвинителството за организиран криминал и корупција.
Државниот јавен обвинител Љубомир Јовески посочи дека имотот не фигурирал на името на Груевски, кој во моментот е политички азилант во Унгарија, но сознанијата говорат дека суштински е негов.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Филипче: Мицкоски е скапо платен спроведувач на интересите на држави кои не ѝ мислат добро на Македонија

За една година ВМРО-ДПМНЕ ја заглави државата на меѓународен план, станавме држава заложник на туѓи интереси, кажа претседателот на Социјалдемокртаскиот сојуз на Македонија, Венко Филипче, на вечерашната трибина „Мугра на Слободата“, во Крушево.
Тој рече дека Владата на ВМРО ДПМНЕ од држава со јасна иднина напред, ја направи држава заложник на туѓи интереси.
„За една година ВМРО-ДПМНЕ ја заглави државата на меѓународен план. Од држава со јасна иднина напред, станавме држава заложник на туѓи интереси кои што ја раководат оваа власт преку финансиско заложништво. Мицкоски е скапо платен спроведувач на политики на држави кои не и мислат добро на Македонија, туку ја гледаат само како поле за своите геостратешки интереси“, рече Филипче.
Тој обвини дека Мицкоски со новите задолжувања направил вистинско предавство на интересите на државата.
„Долговите од 7 милијарди евра ќе бидат камен околу вратот за секој млад човек и за развојот на државата во следните 10 години. Ова е вистинско предавство на националните интереси, вистинско предавство на државата“, рече Филипче.
Во обраќањето пред присутните граѓани во Крушево, Филипче рече дека премиерот Мицкоски ја турка Македонија во амбисот на криминалот, корупцијата, самоволието, киднапирајќи ја европската иднина за државата.
Македонија
(Видео) Филипче: Димитриевски му слугувал на Мицкоски за да се спаси од политички прогон

На вечерашната граѓанска трибина „Мугра на слободата“ која се одржа во Крушево, претседателот на СДСМ, Венко Филипче, во своето обраќање рече дека кумановскиот градоначалник Миксим Димитриевски му слугувал на Мицкоски за да се спаси од политички прогон.
„Максим Димитриевски конечно се потврди за што е влезен во коалиција со Мицкоски и која беше неговата цел. Не била само поделбата на СДСМ. Негова цел била да се спаси од правен прогон. Скандалозно е и преседан е во судството на само еден ден од носење на пресуда обвинението против него да се повлекува. И ова е јасен знак дека тој е политички заштитен од Христијан Мицкоски и дека е сега негов вечен должник. Јасно е зошто тројанскиот коњ Димитриевски беше задолжен да го дели СДСМ. Сега повеќе никој не му верува“, рече Филипче.
Оценувајќи ги меѓупартиските релации, тој во своето обраќање партиите ВМРО-ДПМНЕ и ЗНАМ ги нарече колаборациоалисти.
„ВМРО-ДПМНЕ и нивниот привезок ЗНАМ се колаборационисти. Со години лажат и шират хистерија дека тие ќе се „бореле со Бугарите“, а впрочем тие се тоа. Нема кој нема бугарски пасош од нив и не е проблем да имаш бугарски пасош, од било која причина – економска, социјална или лична – но лицемерно е да се правиш патриот дека ќе се бориш против „бугарски диктат“ а да имаш фирми во Бугарија, државјанства, и разни други интереси. За нив може ЕУ, за другите не може“, рече Филипче.
Македонија
Мицкоски: Ќе воведеме обврска институциите да одговорат на барањата на граѓаните, задолжително и во најбрз рок

Ќе воведеме обврска институциите да одговорат на барањата на граѓаните, задолжително и во најбрз рок, најави премиерот и претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски на денешната трибина во Струмица насловена „Една година ги градиме темелите на македонското земјоделство и храна“.
„Свесен сум дека мора да направиме и многу други работи. И работиме на тоа. Мора да се знае дека граѓаните ќе бидат на прво место. Затоа предвидуваме гаранција за услуга, во рок од 5 дена во сите општини и институции. Тоа нема да биде желба , туку закон. Секој граѓанин ќе добие одговор. Навреме, точно и без чекање. Ќе воведеме нова услуга каде администрацијата, за првпат, ќе биде таа што ќе го бара граѓанинот, а не спротивно. Ставаме крај на молкот, одложувањата и бирократската ароганција. Ќе обезбедиме гарантиран максимум на чекање во институциите. Ќе постојат јасни граници и секое прекршување ќе се казнува. Почит за времето на граѓанинот ќе биде основна вредност на новата јавна администрација. Ќе воведеме Јавна листа со времиња на чекање по сите здравствени установи. Транспарентноста ќе стане стандард, пациентите ќе знаат каде ќе добијат најбрза услуга“, кажа Мицкоски.
Тој истакна дека во образованието ќе се воведе предмет за изучување на вештачката интелигенција.
„Воведување предмет за изучување на вештачка интелигенција во образованието. Нема повеќе да учиме само за минатото, ќе ги подготвиме генерациите за иднината, за новата економија, за дигиталната ера што веќе тропа на вратата. Ова е визијата што ја градиме“, посочи Мицкоски.