Македонија
Грција реагира за употребата на името Македонија во кампањата, а сѐ уште ги нема ратификувано меморандумите поврзани со преспанскиот договор

Грчките медиуми пишуваат дека Атина одблиску ги следи политичките изјави поврзани со преспанскиот договор и употребата на името Македонија во изборната кампања на некои кандидати, пишува „Гласот на Америка“.
Грчкиот парламент сѐ уште ги нема ратификувано меморандумите поврзани со преспанскиот договор.
Пред два месеца грчкиот министер за надворешни работи Јоргос Герапетритис се осврна на преспанскиот договор одговарајќи на прашање на СИРИЗА за ратификување на трите меморандуми за соработка со Северна Македонија, кои од 2019 година сè уште не се донесени во грчкиот парламент.
„Тие ќе дојдат на ратификација во време што грчката држава ќе го смета за соодветно и секогаш во врска со правилното спроведување на договорот“, рече тој.
Во меѓувреме, САД очекуваат Северна Македонија да го одржи духот на договорот од Преспа, а јавниот дискурс да биде базиран на факти, изјави Стејт департментот за „Гласот на Америка“ на македонски.
„Исто како што САД остануваат посветени на договорот од Преспа, ние очекуваме Северна Македонија да го одржи овој дух и јавниот дискурс да остане базиран на факти и вкоренет во посветеноста на иднината на Северна Македонија во ЕУ“, одговори портпаролот на Стејт департментот на прашањето дали САД се загрижени за можно поткопување на договорот од Преспа.
„Гласот на Америка“ потсетува дека претседателот на САД, Џо Бајден, во 2021 година потпиша извршна наредба, со која се предвиде замрзнување имот и забрана за влез во САД на лица што не ги почитуваат договорот од Преспа и Охридскиот рамковен договор.
„Оние што се одговорни или се вклучени директно или индиректно во нарушување или во дејство што ја попречува или е закана за имплементацијата на кој било регионален безбедносен, мировен или договор за соработка или, пак, рамковен договор поврзан со Западен Балкан, вклучувајќи ги и договорот од Преспа од 2018 година и Охридскиот рамковен договор од 2001 година“, стои во извршната наредба на Бајден.
Грчките меморандуми на чија ратификација се чека се однесуваат за забрзување на процесот на интеграција на Македонија во ЕУ, за формирање координативен комитет за економска соработка и техничка спогодба за надгледување на летовите. Грчките власти до сега не ги сменија ниту патните табли што водат кон Северна Македонија, а на некои од нив сѐ уште може да се забележи референцата БЈРМ или пишува Скопје.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
ЗНМ: Апелите од Министерството за здравство се на граница на цензура

Здружението на новинари на Македонија (ЗНМ) со загриженост ја следи јавната комуникација на Министерството за здравство, во која се упатуваат апели до медиумите кои се ограничувачки по својата содржина и претставуваат обид за воспоставување на лоша институционална пракса во односите со медиумите.
„Како ЗНМ, го осудуваме обидот на Министерството да наметнува практични правила за тоа како медиумите треба да известуваат, особено кога тоа се однесува на чувствителни настани од јавен интерес. Таквите инструкции, иако формално претставени како апели, во суштина се форма на институционален притисок и можна цензура, што е спротивно на основните демократски принципи и правото на слобода на изразување“, велат од ЗНМ.
Потсетуваат дека членот 16 од Уставот гарантира слобода на јавното информирање и забрана на цензурата, а прашањата поврзани со новинарската етика и професионализмот припаѓаат исклучиво на саморегулаторната сфера. За тие прашања постојат Советот за етика во медиумите и Судот на честа при ЗНМ, кои се единствено надлежни да оценуваат евентуални повреди на етичките норми.
„Ги повикуваме новинарите и медиумските работници да продолжат да известуваат со професионализам, етика и чувствителност, особено кога се работи за трагични настани и ранливи групи. Но истовремено, укажуваме дека секој обид за институционално ограничување на пристапот до информации и начинот на известување е неприфатлив и штетен по јавниот интерес“, велат од Здружнието.
ЗНМ останува отворено за дијалог со институциите со цел унапредување на транспарентноста и заемната соработка, но цврсто стои во одбрана на уредувачката независност, медиумската слобода и правото на јавноста да биде информирана – како темелни вредности на секое демократско општество.
Македонија
Евакуација во Психијатриската болница Бардовци, пожарот го зафати дворот

Попладнево избувна пожар во населбата Геге кој се прошири кон населбата Бардовци и зафати дел од површината на дворот на Психијатриската болница Бардовци, обраснат со висока сува трева и дрвја.
Од Центарот за управување со кризи (ЦУК) информираа дека пожарот претставувал опасност да се прошири во целиот комплекс на болницата. Пациентите и персоналот веднаш биле евакуирани, безбедно изнесени надвор од кругот на болницата.
ЦУК под водство на директорот Мухамед Али, побарал дополнителни сили од Бригадата за противпожарна заштита (БППЗ) и координирал со Хеликоптерската единица на Министерството за внатрешни работи (МВР). Првично се разгледувала можноста за пренасочување на воздушната поддршка, која дејствувала во општина Чучер Сандево – Блаце, за да помогне во гаснењето на пожарот во Бардовци.
Во моментот, пожарот е ставен под контрола и нема потреба од дополнителна воздушна поддршка. Хеликоптерот на МВР останува ангажиран кај Блаце, општина Чучер Сандево.
На лице место, заедно со директорот на ЦУК, Мухамед Али, беше и директорот на болницата, Иса Абдулаи, кои ја координираа целата акција.
Македонија
Хеликоптер го гасне пожарот кај Блаце

Хеликоптер на Министерството за внатрешни работи е веќе вклучен во акцијата за гаснење на пожарот кој избувна над магистралниот пат Скопје – Граничен премин Блаце.
Пожарот избил на потегот пред тунелот, од десната страна на коловозот. Зафатил тежок и непристапен терен, па по дојава на бројот за итни случаи 112, Центарот за управување со кризи (ЦУК) веднаш побарал воздухопловна поддршка. Хеликоптерската единица бргу се активирала, а акцијата на терен се координира заедно со припадници на противпожарните служби и други надлежни институции.