Македонија
Метеж од автомобили, на Попова Шапка нема место за паркирање
Посетителите на ски-центарот Попова Шапка се соочуваат со недостиг на слободни паркинг-места, а директорот на „Елем турс“, Адем Авзиу, ги упатува кон паркингот кај хотелот „Славија“, кој вели дека има капацитет од 300 места.
„Во врска со паркингот веќе имав состанок пред два дена со градоначалничката на општина Тетово и со началникот на СВР Тетово. Се договоривме што е можно повеќе да ги одржуваме паркинзите што ни се на располагање моментално, големиот паркинг доле и паркингот на хотелот ‘Попова Шапка’. Да се чистат патиштата за да можат да се паркираат уште еден ред автомобили. Исто така, веќе презедовме мерки и за паркингот над хотелот ‘Славија’, кој е ставен во употреба, подготвен е, чист е и ги повикувам луѓето да се паркираат и на тој паркинг горе, кој има капацитет за минимум 300 автомобили“, рече Авзиу.
Според него, доколку се користи тој паркинг ќе се помогне кон пронаоѓање решение.
„Се договоривме со градоначалничката и началникот патот од влезот на ски-центарот што води кон куќичките да биде еднонасочен во време на сезона за да не се создава метеж. Ние оваа година планираме да инвестираме во делот на јавните тоалети во ски-центарот и ќе се обидеме да ги одржиме во кондиција актуелните ски-лифтови“, вели Авзиу.
Тој вели дека имаат добри идеи и планови како да се среди овој ски-центар за да изгледа светски.
„Таму каде што имаме потреба од нови инвестиции, ние веќе имаме планови, имаме стратегија, како што потенцираше и министерот, и нормално во зависност од средствата што ги имаме на располагање ќе продолжиме во реализација на нашите проекти. Не се сомневам во поддршката на министерот, на Владата, особено во министрите од редовите на ДУИ“, вели Авзиу.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Без вода утре делови од Карпош и Кисела Вода
Без вода утре ќе останат делови од Карпош и Кисела Вода, информира Регионалниот центар за управување со кризи.
„Од ЈП Водовод и канализација – Скопје, известуваат дека на ден 30.12.2025 година ( вторник ):
· поради отстранување дефект на водоводна мрежа со пречник од ф-100 мм на ул. Нобелова крстосница со ул. Хелсинки, од 09:00 часот до завршување на интервенцијата, прекинато водоснабдување ќе имаат корисниците од улиците: Нобелова, Виенска, дел од ул. Хелсинки и дел од ул. Лондонска. (Општина Карпош)
· поради изведување приклучок на водоводна мрежа со пречник од ф-100 мм на ул. Жил Верн бр. 10, од 10:00 часот до завршување на интервенцијата, прекинато водоснабдување ќе имаат корисниците од ул. Жил Верн и ул. Есенинова. (Општина Кисела Вода)“, информира РЦУК.
Македонија
Утре без струја делови од Петровец, Студеничани, Сопиште и Ѓорче Петров
Утре без струја ќе останат некои од корисниците од општините Петровец, Студеничани, Сопиште и Ѓорче Петров, информира Регионалниот центар за управување со кризи.
„Од ЕВН Македонија АД известуваат дека поради зафати во електродистрибутивната мрежа, на ден 30.12.2025 година ( вторник ) без електрична енергија ќе останат:
· од 08:00 до 14:00 часот, корисниците од дел од с. Ќојлија. (Општина Петровец)
· од 08:30 до 09:30 часот, корисниците од селата: Драчевица и Цветово. (Општина Студеничани)
· од 08:55 до 09:55 часот, корисниците од селата: Горно Соње, Долно Соње , Чифлик и Света Петка. (Општина Сопиште)
· од 09:00 до 14:00 часот, корисниците од дел од ул. Веле Марков. (Општина Ѓорче Петров)
· од 12:30 до 14:30 часот, корисниците од дел од улиците: Димо Хаџидимов и Христо Татарчев. (Општина Кисела Вода)“, информира РЦУК.
Македонија
Утре претпладне сончево со мала до умерена облачност, попладне со услови за слаб локален снег
Утре претпладне ќе биде сончево со мала до умерена облачност. Попладне и кон крајот на денот облачноста ќе се зголеми и ќе има услови за слаб локален снег. Ќе дува слаб до умерен ветер од северен правец. Минималната температура ќе биде во интервал од -5 до 0, а максималната ќе достигне од 3 до 11 степени.
Во Скопје, претпладне ќе биде сончево, попладне ќе има зголемување на облачноста. Ќе дува умерен ветер од северен правец. Минималната температура ќе се спушти до -2, а максималната ќе достигне до 10 степени.
Под влијание на студена воздушна маса во среда ќе дува засилен до силен северен ветер што ќе услови и дневната температура на повеќе места да остане под нула. Во четврток ќе дува умерен до засилен северен ветер, а во петок ветерот ќе го смени правецот во јужен и ќе има услови за слаб дожд и снег на планините. За време на викендот ќе биде претежно сончево со пораст на температурата.

