Македонија
„Дали СДС планира со кадри, како трговецот со дрога Александар Филев, да го носи народот во ЕУ“, прашува ВМРО-ДПМНЕ
„СДС планира да го носи народот во ЕУ, со лица како Александар Филев, познат нивни активист од Радовиш, а воедно и директор на тамошниот меѓуопштински центар за социјални работи, кој е поставен таму, лично од Јована Тренчевска“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.
„Истиот Александар Филев, на 17-ти овој месец, беше приведен во Штип, од службеници од одделот за недозволена трговија со дрога и оружје, поради тоа што, кај него, била најдена и одземена дрога.
Бидејќи од СДС не се оградуваат од Александар Филев, треба да дадат одговор, дали пронајдената дрога има врска со високи функционери од власта и кого сакаат да заштитат?
Овој хаос ќе престане за неколку месеци. Државата мора да се врати кај народот и повторно да имаме функционална држава.
Никогаш не било полошо! Важно е да ги поразиме“, соопшти ВМРО-ДПМНЕ
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Андоновски учесник на најголемиот светски конгрес за мобилни оператори – MWC26 во Барселона: во фокусот проектот „Роаминг како дома“
Министерот за дигитална трансформација, Стефан Андоновски денеска е во работна посета на Барселона, Шпанија каде учествува на MWC26 (Mobile World Congress) – најголемиот светски настан кој ги обединува креаторите на политики за дигитализација, претставници на телеком операторите и најголемите производители на мобилни уреди и дигитални решенија во светот.
Во рамки на својата посета, министерот се задржа на лобирање за принципот „роаминг како дома“, со цел понатамошно унапредување на условите за граѓаните и бизнисите преку намалување на трошоците за роаминг и приближување кон европските стандарди.
Министерот Андоновски беше дел од GSMA Ministerial Programme, каде се дискутираше за клучни политики и приоритети поврзани со поврзливоста, дигиталната инфраструктура, безбедноста и идните мрежни технологии.
„Ова е најголемиот светски настан кој ги обединува креаторите на политики за дигитализација, претставници на телеком операторите и најголемите производители на мобилни уреди во светот. Заедно со претставници на Влади и претставници на приватниот сектор, разговараме за прашањата кои најмногу ги засегаат нашите граѓани и корисниците, а тоа за нас секако е проектот „Роаминг како дома“ – што значи цени како дома за користење на мобилни услуги, СМС пораки и интернет било каде во Европската Унија. Можам да кажам дека од владите и од нашите меѓународни партнери добиваме голема поддршка за овој проект, но и разбирање од големите телеком оператори“, истакна Андоновски.
Министерот додаде: „Во текот на денот имав можност да се сретнам со мобилни оператори кои се присутни во Македонија, но и со бројни светски производители на опрема, даватели на облак (cloud) услуги, каде што разговаравме за најважните прашања кои во моментов го засегаат секторот на дигитализација: изградба на дата центри, вештачка интелигенција, сајбер безбедност и целосна дигитална трансформација на општеството.“
Македонија
Сиљановска-Давкова со претставници на Фондацијата Роми за Европа и Ромскиот образовен фонд: образованието е клучен фактор на социјалната мобилност
Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова оствари средба со Лолита Хасани Грасман, советник за институционална соработка и комуникација во Фондацијата Роми за Европа со седиште во Брисел и Реџепали Чупи, директор на Ромскиот образовен фонд за нашата држава и Србија, со седиште во Букурешт.
На средбата, соговорниците ја информираа претседателката за тековните активности насочени кон развој на вештини, образовни програми, зголемување на можностите за вработување и одржливо економско учество на Ромите.
Гостите изразија желба и надеж за соработка со Владата заради унапредување на економската инклузија на ромската заедница како и нејзино економско зајакнување. Исто така, беше најавено дека Ромскиот образовен фонд планира да отвори ХАБ центар во Шуто Оризари којшто ќе работи со деца, родители и наставници на дигитализација, нови методологии на учење и развој на вештини за идно вработување и лидерство.
Претседателката нагласи дека образованието е клучен фактор на социјалната мобилност, оти помага во градењето самодоверба и лидерство. Според неа, младите образовани Роми стануваат инспиративни модели во заедницата и носители и двигатели на позитивни промени. За неа, инклузијата во предучилишното и основно образование директно влијае врз понатамошниот успех на ромските ученици, бидејќи без квалитетно образование, можностите за пристојно и достоинствено вработување се ограничени.
Таа смета дека пристапот до образованието на децата Роми е приоритет, оти само преку рана и континуирана образовна вклученост, можеме да обезбедиме социјална интеграција, заштита од ризици и еднакви можности за иднината. Според претседателката, економската и образовната интеграција на Ромите е важна за општествениот развој, оценувајќи дека партнерството со меѓународните организации може да придонесе за зајакнување на нивните можности и шанси за долгорочна интеграција. Заедничките иницијативи се клучни за унапредување на положбата на ромската заедница и напредок, смета таа.
Македонија
Иран се соочува со агресија, МНР наместо пддршка да го осуди американско – ционистичкото дивеење, велат од Левица
Политичката партија Левица најостро ја осудува, како што велат од таму, американско-ционистичката агресија врз Иран, вклучително убиството на дел од неговото воено-политичко раководство и масакрите врз цивилното население.
„Ова подивено однесување на екстремно-десничарската администрација на Трамп во соработка со геноцидниот касап Нетањаху претставува флагрантен државен тероризам, газење на меѓународниот поредок, и акт на воена агресија чија цел е дестабилизација на суверена држава и воспоставување на империјална доминација на Блискиот исток. Таквите злосторства против човештвото не можат да поминат неказнети и се директно спротивни на меѓународното право и повелбата на Обединетите нации“.
Апелираат до МНР и министерот Тимчо Муцунски наместо, како што додаваат, слепа поддршка за оваа дивјачка агресија, да испратат јасна осуда против оваа бесмислена воена агресија со потсетување дека и македонскиот народ во својата историја бил жртва на империјалистичката чизма.
„Република Македонија мора да се позиционира на страната на мирот, суверенитетот и анти-империјалистичката борба, а не да молчи пред злосторствата на суперсилите. Левица останува непоколеблива во својата борба против сите форми на империјалистичка агресија и ќе продолжи да се залага за ослободување на народите ширум светот“

