Македонија
Дваесет и една година од авионската несреќа во која загина Борис Трајковски

Државни делегации и членови на семејствата денес ќе положат цвеќе во помен на трагично загубените животи во авионската несреќа пред 21 година, кога загина тогашниот македонски претседател, Борис Трајковски.
Авионската несреќа се случи на 26 февруари 2004 година кај Мостар. Во несреќата загинаа и Димка Илкова – Бошковиќ, Ристо Блажевски и Анита Лозановска – советници во Кабинетот на претседателот, Миле Крстевски, вработен во МНР, Борис Велинов, Аце Велиновски – обезбедување, Марко Марковски и Бранко Ивановски – пилоти на авионот.
Последниот извештај за авионската несреќа од меѓународниот истражен тим покажа дека причините за падот на „кингерот“ се седум системски грешки на пилотите. Авионот се спуштил под минимално дозволена висина, временските услови биле неповолни, а пилотите не ја почитувале стандардната процедура, да слетаат на друг аеродром. Тие решиле да продолжат со слетување. Беше посочено и дека авионот не бил одржуван соодветно.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Одбија помош за Кочани, сега држат трибини, срамна бездушност на ВМРО-ДПМНЕ, вели Кузеска

Со голем гнев и разочараност ја следиме најавата дека Владата на ВМРО-ДПМНЕ ќе организира трибина за Кочани. Какво лицемерие, каква нечовечност, каква ароганција. Кочани не е приоритет за Владата. Владата го одби Законот за помош на семејствата на жртвите и повредените од трагедијата. Буквално одби финансиски да им помогне додека родители даваат откази од работа за да се грижат за повредените деца, вели портпаролката на СДСМ, Богданка Кузеска.
„Пратениците на ДПМНЕ се скрија во канцелариите на Собранието да не излезат да се соочат со родителите од срам. Кукавици и лицемери. Клековски треба да се скрие од јавноста, болницата во Кочани сè уште нема ни основни медицински средства. Физикалната терапија се врши на донирани маси а тој седи во Владата на трибина и кажува како помогнале. Државата не обезбеди ниту обични креми за раните на повредените. Еден месец Владата нема министер за здравство, здравството се распаѓа по секој основ, кочанската болница се распаѓа, тие политика тераат и дебати држат. Сè што има се донации од хумани луѓе. Ова е срам за цела држава. Срам за една власт што избра да ја пере својата бездушност со трибини наместо со вистинска грижа“, наведе Кузеска.
СДСМ, како што рече, нема да молчи, ќе ја бара правдата до крај.
Македонија
Тројка надеж: на Клиниката „Жан Митрев“ на свет донесени три предвремено родени бебиња – Мелис, Мира и Малахат во 31. гестациска недела

На 4 јуни 2025 година, во Клиника Жан Митрев на свет беа донесени три предвремено родени бебиња – Мелис, Мира и Малахат, од природно зачната тројна бременост, реткост во современата медицина. Родени со царски рез 9 недели пред очекуваниот термин, во 31-та гестациска недела, новороденчињата моментално се во стабилна состојба и се згрижени во Центарот за мајка и бебе под надзор на неонатолозите. Тие добиваат неинвазивна респираторна поддршка (CPAP). Виталните параметри се стабилни и медицинските тимови внимателно ги следат со надеж за брзо заздравување и отпуштање дома.
Со ова породување и официјално започнува со работа Одделот за неонатална интензивна нега (NICU) во Клиника Жан Митрев.
Првото новороденче, Мелис, тежи 1390 грама и е долго 42 см. Второто бебе, Мира, тежи 1270 грама и е долго 36 см. Третото предвремено родено бебе, Малахат, тежи 1340 грама и е долго 40 см. Бременоста се развивала природно, без медицинско потпомогнато оплодување, од три оплодени јајце-клетки. Целокупниот процес на следење, водење и породување беше изведен од мултидисциплинарен тим од врвни гинеколози акушери, неонатолози, акушерки и неонатолошки сестри, со користење на најсовремена опрема и протоколи.
Пренаталната грижа започна од 11-та гестациска недела и беше водена од прим. д-р Љупчо Петровски, д-р Јелена Голубовиќ Симјановски и д-р Ненад Лазаров. За време на хоспитализацијата пациентката беше следена од д-р Владимир Кижески. Породувањето со царски рез беше извршен од тимот предводен од д-р Менду Јегени, во соработка со д-р Кижески, д-р Саша Јовчевски, д-р Голубовиќ Симјановски и анестезиолозите д-р Марко Ѓоргон и д-р Сања Маринковиќ. Бебињата беа веднаш преземени од три педијатриски тима под водство на д-р Рената Димитроска – субспецијалист по неонатологија, заедно со педијатрите д-р Весна Деловска, д-р Маја Ангелеска Викторијоски, д-р Катерина Димовска и д-р Милена Спирковска.
„Нивното доаѓање на свет ни донесе огромна радост, но и потврда дека кога знаењето, искуството и современата технологија се здружат, можеме да ги надминеме и најголемите предизвици. Мелис, Мира и Малахат се наши мали херои,“ изјави тимот од Центарот за мајка и бебе.
Во последните три децении, стапката на повеќеплодови бремености е зголемена за 70%, а тројните бремености од природен пат, како оваа се вистинска реткост и во светски рамки се појавува во 1 на 8000 случаи. Ова породување претставува не само медицински успех, туку и симбол на надеж, живот и хуманост. На нивната мајка, г-ѓа Мубеџел Бектешова од Скопје, ѝ посакуваме брзо закрепнување, а на Мелис, Мира и Малахат – живот исполнет со љубов, здравје и сила.
ПР
Македонија
Издвоивме 30 милиони денари за пациентите и за нивните семејства, кои се лекуваа во странство, вели Томовски за трагедијата во Кочани

Директорот на Службата за општи и заеднички работи, Ивица Томовски, на трибината „Кочани е нашиот приоритет“, која се одржа во Владата и која беше посветена на трагедијата во Кочани, говореше за реализираните активности во делот на логистиката, особено во делот на поддршка на семејствата што заминаа заедно со повредените, кои беа на лекување во странство.
„На тој кобен неделен ден, на кризен координативен состанок, Владата ја задолжи Службата за општи и заеднички работи да биде логистика и поддршка на луѓето што ќе се лекуваат надвор од Македонија. Тука би сакал да изразам голема благодарност до Министерството за надворешни работи и до Министерството за одбрана, кои ни беа логистичка поддршка на терен, особено во странство, и до сите амбасадори што таму ни беа нашата поддршка и поддршка на пациентите“, изјави Томовски.
Томовски информира дека од резервите на буџетот на државата се одвоени 30 милиони денари за да се даде помош при транспортот, сместувањето на придружбата на овие пациенти и дека до овој момент се потрошени 21 милион денари државни пари.
„Издвоивме почетни 30 милиони денари од резервите на буџетот на државата за да се даде помош при транспортот, сместувањето на придружбата на овие пациенти“ и додаде:
„Уште 7 пациенти се на долекување во странство, исто имаат придружба, исто така им се покриваат трошоците за сместување и се надевам дека бргу ќе ги вратиме назад во нашата држава. Она што би сакал да го потенцирам е дека до овој момент се потрошени некаде околу 21 милион денари државни пари, и повторно ќе напоменам, тоа не значи дека тука сѐ завршува. Државата стои на располагање и ќе стои сѐ до оној момент додека не добиеме јасна слика и додека не си ги вратиме пациентите тука назад во Македонија и да ги излекуваме до крај“, информира Томовски.
Тој се осврна и на соработката со Црвениот крст и истакна дека Владата се придружила на донаторската сметка на Црвениот крст.
„Исто така, имавме соработка со Црвениот крст бидејќи се придруживме на донаторската сметка на Црвениот крст и им дадовме помош на пациентите и на луѓето што се лекуваат и во странство и во Македонија“, истакна директорот на СОЗР.