Македонија
Деведесет и седум дуќани во Старата скопска чаршија ќе добијат нови излози
Со финансиска поддршка од 11,4 милиони денари од Министерство за економија и Општина Чаир до крајот на годината ќе бидат обновени 97 излози во Старата скопска чаршија.
Министерот за економија, Крешник Бектеши, денеска заедно со градоначалникот на општина Чаир, Висар Ганиу, го потпиша договорот за проектот за уредување на излозите и рекламите во Старата скопска чаршија со фирмата изведувач „Конструктор“ ДОО од Скопје.
Од буџетот на Министерството за економија за реализиација на овој проект се издвоени 9.700.000 денари, а од буџетот на Општина Чаир вкупно 1.700.000 денари.
„Поаѓајки од фактот дека токму оваа локација е несомнено најатрактивна за домашните и странските туристи, сметаме дека секоја инвестиција со цел враќање на автентичноста, како и нeјзината промоција и воздигнување, е од клучен интерес. Непобитен е фактот дека Старата скопска чаршија има непроценлива вредност и потенцирањето на нејзините убавини и нејзината уникатност е неминовна од секој аспект. Денеска сме тука сите заедно да присуствуваме на овој свечен настан, каде што го одбележуваме почетокот на третата фаза од проектот за уредување на излозите во Старата скопска чаршија“, истакна министерот Бектеши.
Министерот информира дека Министерството за економија во минатите години успеа во две фази да уреди 49 објекти во Блокот 3.2 во Старата скопска чаршија и со тоа да ја подигне свеста кај граѓаните дека со зачувањето на автентичноста на старите објекти, со што придонесе тие да бидат атрактивни за странски и домашни туристи.
„Со цел опфаќање сè поголем број објекти, обезбедивме средства за уредување уште 97 објекти во Старата скопска чаршија за што ја задолживме Општина Чаир да ги преземе сите активности во согласност со Законот за почнување на постапката за нивно регулирање. Зза сите објекти Министерството за економија веке обезбеди согласности од надлежните институции, односно од Министерство за култура – конзерваторен центар“, потенцира Бектеши.
Градоначалникот на општина Чаир, Висар Ганиу, истакна дека со реализацијата на овој проект јасно се докажува посветеноста на институциите за оживување на културниот и туристичкиот живот во ова место кое секој ден ги соединува нашите граѓани.
„Токму со реализацијата на овој проект ќе помогнеме во зачувувањето на тој скапоцен труд, кој е егзистенционален извор на нашата традиција. Проектот во третата фаза опфаќа санирање на излозите на 97 дуќани во вкупен износ од 11.400.000 денари, сума обезбедена во партнерство со Министерството за економија. Реализацијата ја почнуваме уште веднаш со денешното потпишување на договорот со компанијата ‘Конструктор’ ДОО, која беше избрана по законски спроведената јавна набавка“, истакна градоначалникот Ганиу.
Според динамиката на извршување на активностите, очекувањата се дека до крајот на годината ќе бидат обновени сите 97 излози опфатени со овој проект.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Притвор од 48 часа за сопругот по смртта на неговите жена и ќерка во Карпош
Судот му определи 48 часовен притвор на сопругот од Карпош чија жена и ќерка починаа по пад од зграда.
„Основното јавно обвинителство Скопје до судијата на претходна постапка од Основниот кривичен суд Скопје поднесе предлог за определување мерка краткотраен притвор од 48 часа против едно лице за кое постојат сомненија за сторени кривични дела – Телесна повреда од член 130 став 2 во врска со став 1, Загрозување на сигурноста од член 144 став 3 во врска со став 2 и став 1 и Наведување на самоубиство и помагање во самоубиство од член 128 став 4 од Кривичниот законик“, соопштија од Обвинителството.
Од таму појаснуваат дека притворската мерка е неопходна со цел преземање на сите истражни дејствија со цел обезбедување докази во однос на сомненијата и додаваат дека по предлог на јавниот обвинител, судот определи притвор.
Македонија
МНР ги повика македонските државјани заглавени во ОАЕ да се јават во амбасадата во Абу Даби
Министерството за надворешни работи и надворешна трговија информира дека, имајќи ја предвид актуелната безбедносна состојба, Амбасадата на Република Северна Македонија во Абу Даби, во координација со локалните власти во Обединетите Арапски Емирати, активно работи на финализирање на деталите околу организацијата на комерцијален лет за евакуација на македонските државјани.
Се повикуваат сите граѓани кои се заинтересирани за евакуација, а сè уште не се пријавиле, во најкраток рок да стапат во контакт со Амбасадата во Абу Даби преку следните контакти:
Телефон: +971 56 441 7532
Е-маил: [email protected]
„Безбедноста на македонските државјани останува највисок приоритет. Пријавените лица навремено ќе бидат информирани за понатамошните чекори и условите за безбедна реализација на евакуацијата“, велат од Министерството.
фото/Depositphotos
Македонија
(Фото) Руте во посета на Армијата: Дејствувате над вашите капацитети кога станува збор за истурените копнени сили
Генералниот секретар на НАТО, Марк Руте, денес во касарната „Илинден“, Скопје, оствари посета на Армијата, која се реализира во рамки на неговата официјална покана на Македонија.
Генералниот секретар беше пречекан од началникот на Генералштабот на Армијата, генерал-мајор Сашко Лафчиски и министерот за одбрана Владо Мисајловски.

Во рамките на посетата, генералниот секретар се обрати пред припадниците на Армијата истакнувајќи го придонесот што нашата држава го прави во рамки на Алијансата.
„Вие навистина дејствувате над вашите капацитети кога станува збор за истурените копнени сили (Forward Lend Forces)“, истакна Руте, потенцирајќи „со тоа се грижите навистина да ја одбраниме секоја педа од територијата на Алијансата“.

За време на посетата беше извршена смотра на построените единици, како и на опремата и средствата со кои располагаат Лесната пешадиска баталјонска група и декларираните единици од составот на Баталјонот на специјални сили.
Во знак на признание за придонесот во зајакнувањето на соработката и поддршката на Армијата на Република Северна Македонија во рамки на Алијансата, началникот на Генералштабот на Армијата, генерал-мајор Сашко Лафчиски му додели Голема плакета на Армијата на генералниот секретар на НАТО.

На настанот присуствуваа генерали на Армијата и претставници од Армијата и Министерството за одбрана.

