Македонија
Деветте нови лека што ќе бидат на товар на Фондот од понеделник ќе бидат достапни во аптеките
Од понеделни, 16 септември, во аптеките ќе може да се набават деветте нови лека на позитивната листа.
Информацијата ја сподели министерот за здравство, Арбен Таравари, на денешната прес-конференција. На листата се додадени лекови за крвен притисок, за срцеви заболувања, антиагреганти, лекови за третман на депресија и деменција.
Се работи за девет нови генерации, односно 87 лека со разни имиња и форми.
Таравари истакна дека заедно со Светската здравствена организација (СЗО) подготвуваат платформа преку која ќе биде обезбедена транспарентност на целиот процес за идното проширување на позитивната листа и ќе бидат земени предвид препораките од СЗО и од експертите во државата.
Следното проширување на позитивната листа, како што најави министерот, ќе биде по Нова година.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Комисијата за прашања на изборите и именувањата одржа јавна расправа за кандидатите за член на Судскиот совет
Комисијата за прашања на изборите и именувањата денеска одржа седница со единствена точка на дневниот ред – Јавна расправа за претставување на кандидатите кои ги исполнуваат условите по Огласот за избор на член на Судскиот совет.
Претседателот на Комисијата, Ѓорѓија Сајкоски, пред почетокот на претставувањето на кандидатите информираше дека седум од вкупно десет пријавени кандидати ги исполнуваат законските услови предвидени во огласот.
На јавната расправа учествуваа пратениците – членови на Комисијата, како и претставници од Здружението на судии, Институтот за човекови права – Скопје и Адвокатската комора.
По завршувањето на расправата, Сајкоски истакна дека Комисијата ќе формира ранг-листа врз основа на личните компетенции на кандидатите, нивните одговори на поставените прашања за време на комисиската расправа, како и врз основа на нивниот личен и професионален интегритет.
Македонија
Љутков: Со 25 милиони денари, целосно реконструиран Спомен-домот на Разловечкото востание и поставена нова музејска поставка
„Македонија предолго живееше со страв да не навреди некого ако се сака себеси“, рече министерот за култура и туризам Зоран Љутков на одбележувањето на 150-годишнината од Разловечкото востание во с. Разловци.
На свеченоста по повод јубилејот, министерот истакна дека Разловци претставува „највисок пантеон на македонскиот опстој“ и симбол на непокорот што, како што рече, „никој не успеал да го замолчи“.
Во своето обраќање, нагласи дека Разловечкото востание од 1876 година е еден од темелите на македонската борба за слобода и државност, оценувајќи дека токму овде „македонскиот народ го разгорел жарот што подоцна прераснал во силен ослободителен бран низ цела Македонија“.
„Јунаците од Разловци не ја победија Империјата, но ја победија тишината, а тишината е најстрашната форма на ропство“, рече Љутков, додавајќи дека малите, на прв поглед „неуспешни“ востанија, се искрите од кои се раѓаат големите слободи.
Љутков додаде дека Министерството за култура и туризам издвои околу 25 милиони денари за целосна реконструкција на Спомен-домот на Разловечкото востание, а е изработена и комплетно нова историска поставка, која преку фотографии и артефакти ја раскажува приказната за Востанието. Тој додаде дека сето ова е особено значајно за зачувување на историската меморија затоа што, како што нагласи: „секој обновен споменик, секоја зачувана приказна и секое спомнато име на разловечките јунаци претставува тивок, но моќен отпор против заборавот“.
Тој им оддаде почит на Димитар Поп Георгиев Беровски, Поп Стојан Карастоилов, Илија Марков-Дедо Иљо Малешевски, Никола Скрижовски и на сите познати и непознати учесници во Разловечкото востание, оценувајќи дека нивното дело ќе остане вечен извор на македонскиот непокор, достоинство и стремеж кон слободата.
Македонија
ДУИ: Изјавата на ВМРО- ДПМНЕ дека Владата бара „законско решение“ за полагањето на правосудниот испит е обид за саботирање на Законот за употреба на јазиците
Изјавата на ВМРО- ДПМНЕ дека Владата бара „законско решение“ за полагањето на правосудниот испит, кое наводно ќе било во согласност со Уставот и препораките на Венецијанската комисија, претставува уште еден обид за заобиколување и саботирање на Законот за употреба на јазиците, оценуваат во ДУИ.
Проблемот, како што велат, не е во недостаток на законско решение.
Според ДУИ, решението веќе постои во самиот Закон за употреба на јазиците, поточно во член 23, кој јасно предвидува дека сите други закони мора да се усогласат со овој закон во рок од 12 месеци од неговото стапување во сила.
„Тоа значи дека не постои потреба од „ново решение“, туку единствено обврска за спроведување на постојниот закон.
Секој обид да се бараат паралелни или алтернативни решенија надвор од член 23 претставува директен удар врз принципот на универзалност на Законот за јазиците и обид тој да се сведе на селективна и ограничена примена.
ДУИ ќе се спротивстави на каква било интерпретација или законска интервенција со која Законот за употреба на јазиците ќе се става подредено на други закони или ќе се отвора пат за негово селективно спроведување“.
Нагласуваат дека почитувањето на Законот за јазиците не е прашање на добра волја, туку уставна и законска обврска.
