Македонија
Девет членки на ЕУ предложија нова методологија за проширување

Девет земји членки на ЕУ излегоа со заеднички предлог за нова методологија за проширување на членството во ЕУ, за што Европската комисија, според најавите, ќе одлучува до крајот на јануари следната година, јави Радио Слободна Европа (РСЕ).
РСЕ имала увид за таканаречениот „нон-пејпер“ потпишан од Австрија, Чешка, Естонија, Италија, Латвија, Литванија, Малта, Полска и Словенија како придонес за идната методологија во преговорите за пристапување со земјите од Западен Балкан.
Со назнака „Нашата врата останува отворена“, во документот на деветте држви се подвлекува „надградба на постојниот консензус за проширување“ треба „да се заснова на постојниот консензус за проширување“ врз основа на следниве принципи: „полноправно членство во ЕУ како крајна цел; прво основи; пристап заснован на заслуги“ ; строга, но фер условеност; поттикнување на регионална соработка и добрососедски односи; компатибилност со постојната рамка за преговори “.
Деветте земји членки бараат од Европската комисија да ги групира поглавјата за преговори во главните области во идната методологија и да ги отвора паралелно наместо последователно.
Тие сметаат дека ова ќе ги направи меѓувладините конференции на ЕУ и земјите кандидати „повеќе политички релевантни и интерактивни“.
Девет земји членки на ЕУ посветуваа особено внимание на поглавјата 23 и 24 на владеењето на правото.
Овие држави сакаат да му дадат пристап на владеењето на правото преку приоритети, јасни препораки и временски рокови.
Тие веруваат дека ЕУ и нејзините земји членки треба „да дадат поголема поддршка за спроведувањето на правото на ЕУ“, особено во борбата против корупцијата и организираниот криминал.
Тие посочуваат дека разгледувањето на законите на земјите кандидати во врска со овие две поглавја треба да започне во моментот кога ќе се добие статусот на кандидатот.
Државите потписнички предлагаат, како политички поттик, годишни состаноци ЕУ-Западен Балкан на ниво на лидери, како и поголемо учество на претставници од регионот на неформални состаноци на Европскиот совет (Самит на ЕУ).
Исто така, се предложува „ефективен и насочен финансиски стимул“ кој „ги наградува и го олеснува напредокот“.
Австрија, Чешка, Естонија, Италија, Латвија, Литванија, Малта, Полска и Словенија сметаат дека треба да се подобри проценката на напредокот на реформскиот процес, земајќи го предвид реалното влијание на реформските мерки на теренот. Според нивниот документ, треба да бидат вклучени граѓанското општество, пратеници, локалните власти.
Исто така, се предложува да се одржи годишна „европска конференција“ на Западен Балкан за „консултации и промовирање на дијалогот“.
Овој „нон-пејпер“ е уште еден придонес за развој на нова методологија подготвена од Европската комисија, градејќи се на предлогот на Франција, која кон средината на ноември ги претстави своите предлози за „обновен и зајакнат пристап“ кон процесот на пристапување.
Европскиот комесар за проширување Оливер Ваџеи потврди дека во јануари Европската комисија, врз основа на сите придонеси на земјите членки, ќе формира нов предлог за промена на методологијата на процесот на пристапување.
Овој „обновен пристап“ до преговорите за прием е неопходен за Франција да дозволи отворање на пристапни преговори со Северна Македонија и Албанија, што може да се очекува на Европскиот самит на март 2020 година, под услов новата методологија да ја добие потребната поддршка од сите земји членки, пишува Радио Слободна Европа.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Влен: Али Ахмети дијаспората заслужува одговор – со каков договор ја предаде?

По долго молчење, лидерот на ДУИ, Али Ахмети, конечно реши да проговори. Да се каже дека „пописот бил во рамките на договорите“ не претставува само јавно признавање на одговорност, туку и шокантен доказ за политичките пазарења направени на грбот на албанската дијаспора. Оваа изјава не е објаснување, туку скандал, велат од Влен.
Затоа, додаваат од коалицијата, Али Ахмети мора јасно да одговори: со кој договор, со кого беше постигнат, во чие име и дали тој договор значеше бришење на албанската дијаспора од официјалните регистри?
„Ако е така, тогаш тоа мора јавно да се признае. Дијаспората заслужува одговор, а одговорноста е неизбежна. ВЛЕН ќе продолжи да го крева гласот за правата на секој Албанец, во земјата и во дијаспората. Дијаспората не е бројка што може да се избрише, туку срцето што ја одржува живa економијата и надежта на оваа земја. Ние го цениме нивното жртвување и сме решени да не дозволиме ниту една политичка измама да го негира нивниот придонес“, велат од Влен.
Македонија
„На СДС и Филипче им премина во навика преку функционери да се закануваат, овој пат на новинари преку Костадинов“, велат од ВМРО-ДПМНЕ

„Насилството, ароганцијата, заканите, јавното линчување на луѓе и говорот на омраза почнуваат да стануваат заштитен знак на СДС. Преку своите, и така малку функционери, во изминатиот период СДС демонстрира загрижувачки деликвентен однос казнив со закон“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.
„Како да не беше доволно насилството и заканите на нивниот советник во Советот на Општина Кочани, сега во исто сценарио влезе и градоначалникот на Струмица, Костадин Костадинов кој јавно се заканува на новинари и повикува на освета.
Ова не може да биде случајност, тоа е сценарио на СДС и Венко Филипче да ги заплашат и замолчат новинарите, да не смеат да бидат критички кон нив.
Ова го потврдува и фактот што веќе втор ден ги нема ни СДС, ни Филипче збор да кажат и да го осудат ваквиот примитивен и нецивилизиран начин ка јавна комуникација на Костадинов, полна со закани и говор на омраза.
Костадинов упати продолжена закана по животот на новинарот, потенцирајќи дека врз него ќе биде извршена освета со тешки последици по неговиот живот.
„Цела фамилија Костадинови те чека. Не за тужба. Не за медиумски циркус. Туку за суд што ние го држиме. Според наши закони. Наши правила. Наши вредности.”, е порака која СДС и Филипче ја праќаат преку Костадинов со цел да внесе траен страв кај новинарот.
Тој понатаму додава, „Ова што го направи ќе го носиш како клетва. Ќе ти стои зад секоја реченица. Ќе те демне по секој агол. Ќе ти дојде кога најмалку очекуваш.”
Но, овој новинар не е цел сам по себе, ова е тактика на СДС и Филипче за заплашување на новинарите, кои имаат за цел трајно да го исплашат новинарот и кај него да внесат постојана несигурност.
На оваа закана не смее да се молчи, затоа ги повикуваме СДС јавно да се оградат и да го осудат Костадинов, во спротивно ќе докажат дека нападот врз новинарите е нивна партиска политика.
А воедно, упатуваме апел до Јавното обвинителство да го повика Костадинов на распит за да го праша како планира да ја изврши осветата, за која сам пишува дека е од траен карактер, а потоа и да поведе постапка против него.
Оваа закана не смее да помине и да остане неказнета.
Ако општеството и институциите потклекнат под оваа јавна закана на Костадинов се става во траен ризик од губење на сите до сега воспоставени законски стандарди и општествени норми“, се наведува во соопштението на ВМРО-ДПМНЕ.
Македонија
„Едноетничките патни табли на влезот во Струга уште една свесна провокација против Албанците“, велат од ДУИ

„Демократската унија за интеграција најостро го осудува поставувањето на еднојазични патни табли на влезот во Струга, чин што претставува директна и намерна провокација кон Албанците и вредностите на соживотот во државата“, велат од ДУИ.
„Кога Владата поставува патна сигнализација само на македонски јазик во град како Струга, тоа не може да се нарече техничка грешка. Тоа е јасна политичка порака. Провокација. Дел од една продолжена и системска стратегија на исклучување.
Исклучувањето на албанскиот јазик, игнорирањето на Албанците во институциите, негирањето на нивниот придонес и вредности станаа одлика на оваа моноетничка влада.
Се поставува прашањето: кому му служат овие постојани понижувања? Кој има интерес од зголемување на тензиите? И дали ова е цената што Владата ја плаќа за учеството во проектот „Српски свет“?
Секојдневно се преминуваат црвените линии. ДУИ бара итно отстранување на еднојазичните табли и нивно усогласување со Уставот и законите каде што албанскиот јазик е официјален и рамноправен.
Албанската заедница нема да молчи пред обидите за бришење на албанскиот јазик од јавниот простор“, се додава во соопштението на ДУИ.