Македонија
Декемвриската пензија ќе се исплати навремено, на 2 јануари 2026 година, известува Фондот на ПИОМ
Фондот на ПИОМ ги известува сите корисници на пензија дека целосно се обезбедени потребните средства за исплата на пензиите за месец декември 2025 година.
„Како институција одговорна за исплата на пензиите и обезбедувањето на правата од пензиското и инвалидското осигурување и социјанта сигурност на пензионерите, Фондот навремено ги заврши сите подготовки за непречена реализација на исплатата на пензиите.
За оваа намена се обезбедени средства во вкупен износ од 9.289.521.686,00 денари (девет милијарди 289 милиони 521 илјади 686 денари) за вкупно 340.156 корисници на пензија. Поради тоа што 1-ви јануари е неработен ден (државен празник), средствата ќе бидат префрлени до деловните банки на 2 јануари 2026 година“, соопшти Фондот на ПИОМ.
„Известувањата со прецизните податоци за бројот на пензионери и соодветните износи Фондот на ПИОМ веќе ги достави до сите деловни банки, со што се гарантира дека процесот на исплатата ќе се одвива ефикасно и без доцнење“, се додава во соопштението.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Променливо облачно со сончеви периоди, максималната температура до 11 степени
Променливо облачно со сончеви периоди. Ќе дува слаб, а долж Повардарието умерен ветер од југоисточен правец. Минималната температура ќе биде во интервал од -4 до 3, а максималната ќе достигне од 6 до 11 степени.
Во Скопје, променливо облачно со слаб до умерен ветер од југоисточен правец. Минималната температура ќе се спушти до -1, а максималната ќе достигне до 9 степени.
Времето во наредните денови
Од среда времето ќе биде променливо облачно со повремени локални врнежи од дожд, а на повисоките планини со врнежи од снег. Ќе дува слаб до умерен, а во среда засилен ветер од југоисточен правец. Температурите ќе бидат во пораст.
Македонија
Нормализиран сообраќајот на експресниот пат Кочани-Штип
Од 23:25 часот, вчера вечер сообраќајот на експресниот пат Кочани-Штип целосно е нормализиран, извести АМСМ.
Претходно, од 19:10 часот, поради сообраќајна несреќа на експресниот пат Кочани – Штип во близина на село Тркање, сообраќајот беше во целосен прекин.
Македонија
Сали во Брисел: Билатералните прашања не смеат да го кочат европскиот пат на земјата
Во рамките на официјалната посета на Брисел, Првиот заменик-претседател и министер за европски прашања, Беким Сали, оствари средба со европратеникот Матеј Тонин (EPP) во Европскиот парламент.
За време на средбата се дискутираше за напредокот на Северна Македонија во процесот на евроинтеграции и за спроведувањето на клучните реформи, вклучувајќи го владеењето на правото, јавната администрација и правата на заедниците. Истакната е важноста билатералните прашања да не го попречуваат напредокот на земјата кон ЕУ.
Исто така, беше оценет постигнатиот напредок во Планот за раст и дигитализацијата на услугите, вклучително и проектот WiFi4WB и приклучувањето во SEPA, како и соработката со Претседателството на Кипар и европските партнери за решавање на предизвиците со транспортерите по воведувањето на Системот Entry/Exit.
Првиот заменик-претседател Сали повторно ја потврди посветеноста на Северна Македонија кон европскиот пат и подготвеноста за натамошно унапредување на секоја реформа со европските партнери.

