Македонија
Демократски сојуз: Владата да не ги дискриминира медиумите

Демократскиот Сојуз ја повикува Владата да ја преиспита својата одлука и да им овозможи на сите онлајн медиуми што ќе се пријават директно да се вклучуваат односно да известуваат и да ги пренесуваат прес конференциите на Владата во врска со состојбите настанати поради епидемијата со коронавирусот.
„Каква било дискриминација на медиуми и новинари во време кога информирањето на граѓаните е од исклучителна важност заради потребата од навремени и точни информации за состојбите со епидемијата и мерките што ги презема Владата е недозволиво и не е во согласност со демократските стандарди на функционирање на македонското општество дури ни во вакви вонредни околности.
Регистерот на професионални онлајн медиуми на ЗНМ и Советот на Етика на медиумите во Македонија не смее да биде изговор за укинување на акредитацијата на онлајн медиуми.Регистерот е етичка алатка и тој служи како саморегулативен механизам на онлајн медиумите во Македонија.Укинувањето на акредитацијата за известување од прес-конференциите на Владата и можноста за нивно директно пренесување онлајн само за медиуми што не се дел од регистерот може да се сфати како цензура која е забранета со Устав и недозволена во едно демократско општество“, се вели во соопштението.
ДС истовремено ги повикува сите медиуми да известуваат професионално и одговорно, да не шират лажнии вести и информации, да не создаваат паника во овие вонредни услови на зараза со коронавирусот.Власта да води сметка за одговорноста и отчетноста и да ги пружа сите потребни информации на граѓаните, а политичките партии да се воздржат од политичка пропаганда и да помогнат во напорите за справување со кризата.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
ЗНМ: Апелите од Министерството за здравство се на граница на цензура

Здружението на новинари на Македонија (ЗНМ) со загриженост ја следи јавната комуникација на Министерството за здравство, во која се упатуваат апели до медиумите кои се ограничувачки по својата содржина и претставуваат обид за воспоставување на лоша институционална пракса во односите со медиумите.
„Како ЗНМ, го осудуваме обидот на Министерството да наметнува практични правила за тоа како медиумите треба да известуваат, особено кога тоа се однесува на чувствителни настани од јавен интерес. Таквите инструкции, иако формално претставени како апели, во суштина се форма на институционален притисок и можна цензура, што е спротивно на основните демократски принципи и правото на слобода на изразување“, велат од ЗНМ.
Потсетуваат дека членот 16 од Уставот гарантира слобода на јавното информирање и забрана на цензурата, а прашањата поврзани со новинарската етика и професионализмот припаѓаат исклучиво на саморегулаторната сфера. За тие прашања постојат Советот за етика во медиумите и Судот на честа при ЗНМ, кои се единствено надлежни да оценуваат евентуални повреди на етичките норми.
„Ги повикуваме новинарите и медиумските работници да продолжат да известуваат со професионализам, етика и чувствителност, особено кога се работи за трагични настани и ранливи групи. Но истовремено, укажуваме дека секој обид за институционално ограничување на пристапот до информации и начинот на известување е неприфатлив и штетен по јавниот интерес“, велат од Здружнието.
ЗНМ останува отворено за дијалог со институциите со цел унапредување на транспарентноста и заемната соработка, но цврсто стои во одбрана на уредувачката независност, медиумската слобода и правото на јавноста да биде информирана – како темелни вредности на секое демократско општество.
Македонија
Евакуација во Психијатриската болница Бардовци, пожарот го зафати дворот

Попладнево избувна пожар во населбата Геге кој се прошири кон населбата Бардовци и зафати дел од површината на дворот на Психијатриската болница Бардовци, обраснат со висока сува трева и дрвја.
Од Центарот за управување со кризи (ЦУК) информираа дека пожарот претставувал опасност да се прошири во целиот комплекс на болницата. Пациентите и персоналот веднаш биле евакуирани, безбедно изнесени надвор од кругот на болницата.
ЦУК под водство на директорот Мухамед Али, побарал дополнителни сили од Бригадата за противпожарна заштита (БППЗ) и координирал со Хеликоптерската единица на Министерството за внатрешни работи (МВР). Првично се разгледувала можноста за пренасочување на воздушната поддршка, која дејствувала во општина Чучер Сандево – Блаце, за да помогне во гаснењето на пожарот во Бардовци.
Во моментот, пожарот е ставен под контрола и нема потреба од дополнителна воздушна поддршка. Хеликоптерот на МВР останува ангажиран кај Блаце, општина Чучер Сандево.
На лице место, заедно со директорот на ЦУК, Мухамед Али, беше и директорот на болницата, Иса Абдулаи, кои ја координираа целата акција.
Македонија
Хеликоптер го гасне пожарот кај Блаце

Хеликоптер на Министерството за внатрешни работи е веќе вклучен во акцијата за гаснење на пожарот кој избувна над магистралниот пат Скопје – Граничен премин Блаце.
Пожарот избил на потегот пред тунелот, од десната страна на коловозот. Зафатил тежок и непристапен терен, па по дојава на бројот за итни случаи 112, Центарот за управување со кризи (ЦУК) веднаш побарал воздухопловна поддршка. Хеликоптерската единица бргу се активирала, а акцијата на терен се координира заедно со припадници на противпожарните служби и други надлежни институции.