Македонија
Демократски сојуз: Нарушување на екосистемот е злосторство против природата и човештвото
Демократскиот сојуз ги поддржува граѓаните од Гевгелија кои протестираат против изградбата на мали хидроцентрали на една од најубавите и најчисти реки во Македонија, реката Дошница на Кожуф.
Со изградбата на хидроцентралите сериозно ќе се загрози биодиверзитетот.
Сите експерти се изјаснија дека со малите хидроцентали целосно се уништува растителниот и животинскиот свет, се загрозува природниот тек на реката, крајречната вегетација, се прави ерозија на екосистемот.
Тоа е злосторство против природата и човештвото, велат од Демократски сојуз и додаваат дека Владата треба да ги послуша граѓаните и да ја запре постапката за изградба на ваков вид хидроцентрали насекаде во Македонија.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Сиљановска-Давкова по средбата со Руте: Итната интеграција на Западен Балкан во ЕУ е најголема гаранција за мир
Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова денеска го пречека генералниот секретар на НАТО, Марк Руте, во прва официјална посета на земјава, на церемонија со највисоки државни и воени почести.
По тет-а-тет средбата и пленарниот состанок на македонската и делегацијата на НАТО, претседателката изјави дека посетата доаѓа во време на сериозни и непредвидливи безбедносни предизвици, што, како што рече, ја потврдува важноста на сојузничката солидарност и заедничката одговорност во рамките на Алијансата.
Таа го информираше Руте за викенд-седницата на Советот за безбедност, на која било заклучено дека, и покрај стабилната внатрешна состојба, е потребно постојано следење на настаните и навремено реагирање. Сиљановска-Давкова нагласи дека актуелните геополитички тензии, војната на европско тло, сајбер и хибридните закани бараат будност, рано предупредување и одржливи инвестиции во одбраната.

Претседателката истакна дека земјава како кредибилен сојузник го спроведува Планот за инвестиции во одбраната и ги исполнува обврските од самитите во Велс и Хаг, вклучително и издвојувањето најмалку 2% од БДП за одбрана, од кои над 30% се наменети за модернизација.
Таа ја потенцираше и активната улога на македонската армија во борбените групи во Латвија, Бугарија и Романија, како и во мисиите КФОР во Косово и ЕУ-АЛТЕА во Босна и Херцеговина, додавајќи дека безбедноста е заедничка одговорност. Во разговорите, како што рече, не изостанала ни поддршката за Украина и заложбата за праведен и траен мир.
Генералниот секретар Руте ја потврдил значајната улога на земјава во безбедноста на Западен Балкан, оценувајќи дека регионот е од стратешко значење и дека Алијансата нема да дозволи создавање безбедносен вакуум.

На крајот, Сиљановска-Давкова порача дека најголема гаранција за мирот и безбедноста на Западен Балкан е неговата итна и целосна политичка интеграција во Европската Унија. Таа повика да се става крај на „вештачките причини“ и историско-идентитетските блокади за членство и фокусот да се насочи кон исполнување на Копенхашките критериуми.
Претседателката изрази очекување дека на Самитот на НАТО во 2026 година во Анкара посебно внимание ќе биде посветено на безбедносната состојба во регионот.
Македонија
(Видео) Тошковски: Обезбедена е видеоснимка на која се гледа како сопругот ја удира жртвата
Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски соопшти дека во рамки на истрагата за трагедијата во Карпош е обезбеден видеозапис на кој, како што рече, јасно се гледа како сопругот ја удира жртвата.
Како што појасни министерот, жртвата претходно повикала полиција, а патролата пристигнала за помалку од десет минути. Во изјавата што ја дала, таа потоа навела дека нема што да пријави и дека немало физички напад. Дополнително ќе се утврдува дали оваа изјава била дадена под присила. Сторителот, според Тошковски, не бил присутен на местото на настанот во моментот кога полицијата ги прибирала изјавите.
Сепак, тој нагласи дека тоа не се единствените докази со кои располага МВР.
„До МВР е обезбеден видео запис каде јасно се гледа како сопругот ја удира жртвата. Не можам да кажам кога е точно, но сигурно е истиот ден“, рече министерот.
Според информациите што ги изнесе министерот Панче Тошковски, на 2 март околу 14 часот бил пријавен падот од зграда, а претходно полицијата разговарала со жртвата која рекла дека не бара интервенција. Потоа жената се упатила кон станот на улицата Теодосиј Гологанов во скопски Карпош кадешто се случила трагедијата. Со ќерката биле сами и заклучени одвнатре пред трагичниот настан.
Министерот соопшти дека сопругот е приведен. Осомничен е за Наведување на самоубиство, нанесување на тешки телесни повреди и за загрозување на сигурноста. Тошковски потсети и дека во изминатите години против истото лице биле поднесени 10 кривични пријави за насилен криминал, имотни деликти и трговија со дрога. Тошковски истакна и дека голем дел од предметите за семејно насилство се затвораат поради повлекување на жртвите, најавувајќи поинтензивен пристап на МВР во вакви случаи.
Македонија
Кога немаат одговор на суштината, преминуваат на лични дискредитации, велат од ЗНАМ за СДСМ
СДСМ повторно се обидува да ја замени политиката со навреди, аргументите со етикети, а вистината со конструкции, реагираат од ЗНАМ откако претходно од СДСМ истакнаа дека Максим Димитриевски е платеник на ВМРО кој за свои лични и бизнис интереси со ЗНАМ сакаше да го уништи СДСМ одвнатре.
„Кога немаат одговор на суштината, преминуваат на лични дискредитации. Движењето ЗНАМ за Наша Македонија е дел од оваа власт со достоинство, со принципи, со сопствена идеолошка и програмска матрица и сопствен пат делувајќи исклучиво во насока што ја ветивме пред граѓаните – чесна, одговорна и државничка политика. Кога од СДСМ се осмелуваат да зборуваат за тендери, првично нека се погледнат во огледало.
Години наназад токму тие ја претворија државата во партиска каса, институциите во сервис за свои луѓе, а правдата во селективен инструмент.
Денес, кога институциите почнуваат да функционираат без партиска директива, СДСМ панично бара алиби во измислени конструкции“, додаваат од таму.
Навредите за „кукавичко јајце“, „платеник“, „тендер коалиција“, според нив, се јазик на политичка немоќ.
Тоа, како што истакнуваат, е истиот тој наратив што ги оддалечи од граѓаните, од работниците од реалноста.
„Токму ваквото однесување и делување на СДСМ ја доведе економијата во состојба во која денес мора да се стабилизираат штетите од нивното владеење.
И наместо да понудат визија, тие сеат омраза. Наместо да бараат виновници во сите, освен во себе, нека соберат храброст и нека се соочат со сопствените постапки и грешки. Нека одговорат зошто по години власт зад себе оставија разочарани граѓани, нарушени институции и чувство дека државата служела на малкумина“.

