Македонија
Демократски сојуз: Софија да ги почитува европските вредности, а не да уценува

Демократскиот сојуз смета дека ставот на потпретседателот на бугарската влада, Красимир Каракачанов, дека Бугарија ќе го блокира почетокот на преговорите за членство на РС Македонија во ЕУ, што треба да се случи до крајот на оваа година, доколку комисијата за историски прашања дотогаш не изнајде решение за спорните прашања, не е во духот на Договорот за добрососедство и пријателство меѓу двете земји ниту, пак, во духот на европските вредности и стандарди.
„Меѓувладината комисија треба да се остави да работи без политички притисоци, а уцените за брзи резултати и попуштање од македонска страна за историјата и споредбите со нашите компромиси со Грција за знамето и за името се непримерни и неприфатливи“, велат од партијата.
Демократскиот сојуз верува дека изнаоѓањето заеднички јазик за она што го спори официјална Софија е можно само доколку толкувањата на историските факти се ослободат од политичките митологии и шовинизми во соседна Бугарија за непостоењето на македонскиот јазик и идентитет низ историјата и ексклузивното присвојување на личностите важни за Македонија од бугарска страна.
„Гоце Делчев е апостолот на македонското револуционерно движење, а неговиот изворен идентитет е борбата за ослободување на Македонија од османлиското ропство. Историските околности на непостоење македонска држава се до крајот на Втората светска војна, некоректно и ненаучно е да се користат за негирање на македонскиот идентитет.
Само со меѓусебно почитување, признание и разбирање на историскиот контекст може да се надминат вештачки наметнатите спорови. Бугарија нема да добие ништо доколку Македонците и граѓаните на Македонија се чувствуваат поразени и понижени од едностраното решение за историските спорови во полза на Софија. Европската Унија е заедница на рамноправни народи и граѓани и Македонците со право очекуваат таков третман од нашите бугарски соседи“, се додава во реакцијата на Демократскиот сојуз.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Хемикалии се излеаа од објект во Пинтија, надлежните на терен

Во текот на денешниот ден во населбата Пинтија во Кисела Вода од резервоар на објект на приватна компанија за производство на стиропор изграден во внатрешноста на населеното место, се излеале хемикалии користени во производствениот процес на компанијата.
Град Скопје соопшти дека на лице место се екипи на ТППЕ Скопје со цел изолирање на инцидентот како и инспекторите од град Скопје кои составија записник за хаваријата.
„За ваков тип на хаварија покрај паричната казна за сторителот од 45.000 евра, следи и затворање на погонот, како и налог за санирање на штетите предизвикани од инцидентот. Со инспекциски извештај за извршен технички преглед на опрема под притисок каде со заклучок е нотирано дека на вентилот има знаци на протекување, правното лице Екопор не превземало мерки да го спречи настанувањето на хаваријата на која сме сведоци денес“, велат од Град Скопје.
Се додава дека за овој објект кој е под надлежност на општина Кисела Вода, апелираат до општината да постапи во рамки на своите надлежности, како и ресорното Министерство со цел санкционирање на правното лице кое ја предизвика хаваријата.
Претходно од МВР информираа дека било пријавено дека на булеварот Борис Трајковски во близина населбата Пинтија истекува непозната црна течност од атмосферската канализација и истата се излева по булеварот. Полициски службеници од СВР Скопје се излезени на лице место. Сообраќајот се пренасочува и се преземаат мерки за утврдување на причините и за расчистување на случајот.
Македонија
ЕУ ни порача: Тоа што е договорено е договорено, нема што ново да се договара

Тоа што е договорено е договорено, нема што повеќе да се договара, рече претседателот на Европскиот совет, Антонио Кошта, за тоа дали може Македонија да добие гаранции за да ги спроведе уставните измени.
Првиот човек на Европскиот совет вели дека држата треба да го исполни договореното од 2022 година, и нема повеќе простор да се бара нешто друго за договор.
„Не ни е потребен план ‘Б’, само треба да го исполниме планот ‘А’“, рече Кошта.
Според премиерот, Христијан Мицкоски, преговарачката рамка е грешка на претходната Влада на СДСМ и ДУИ, а уставни измени без гаранции се неприфатливи, без испорака од другата страна.
„Ние тоа не можеме да го прифатиме, без да видиме добра волја и испорака од соседната страна. Не можеме ние да менуваме Устав по којзнае кој пат, а без да имаме јасна порака и јасна испорака од другата страна, тоа е бугарската страна, затоа сакаме да разговараме за да го решиме тој проблем“, рече Мицкоски.
Премиерот изрази подготвеност во било кое време да дојде во Брисел, во присуство на висок претставник од ЕУ, на преговори со Бугрија.
Мицкоски и Кошта заедно заминаа во Тирана, на самитот на Европската политичка заедница. Премиерот најави добри вести за Македонија.
Македонија
Австриската министерка за надворешни работи доаѓа во Скопје

Министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, утре, 16 мај, ќе биде домаќин на министерката за надворешни работи на Република Австрија, Беате Мајнл-Рајсингер, информира МНР.
Ова е прва посета на министерката Беате Мајнл-Рајсингер на нашата земја по стапувањето на функцијата министер за европски и меѓународни работи на Република Австрија на 3 март 2025 година.
„Во фокус на разговорите ќе биде унапредувањето на билатералните односи, реафирмирање на австриската поддршка на македонската интеграција во Европската Унија, како и размена на мислења за клучни регионални, европски и глобални прашања“, велат од МНР.