Македонија
Денеска се одбележуваат 115 години од раѓањето на Мајка Тереза
Денеска се одбележуваат 115 години од раѓањето на Мајка Тереза (вистинското име и е Агнеса Гонџа Бојаџиу). Таа е родена на 26 август 1910 година на тогашната улица Поп Кочина број 14, која се наоѓала на сегашниот плоштад Македонија во Скопје.
Гонџа е најмалото дете во семејството, имала постара сестра Ага и постар брат Лазар. Гонџа потекнува од добростоечко семејство и во него владеело правилото да му се помогне секому на кој му е потребна помош.
Конечната одлука да го напушти Скопје ја донела затоа што на 12-годишна возраст добила повик од Бога. По 6 години, таа, конечно, го напушта родниот град. Заминува за Даблин, Ирска, од железничката станица во Скопје. Заедно со мајката Драна и сестрата Ага заминуваат за Загреб, од каде што, по две недели, Гонџа заминува за Ирска. Ова е последната нејзина средба со своите мајка и сестра.
Во 1979 година ја добила Нобеловата награда за мир за извонредно широката дејност во помагањето на бедните, болните и унесреќените во целиот свет. Почина во Колката, Индија, на 5 септември 1997 година по неколкугодишна борба со болест на срцето и белите дробови.
Две години по нејзината смрт, папата Јован Павле II ја почнува диоцезиската фаза од процесот за беатификација и канонизација.
По беатификацијата на Мајка Тереза, која на 19 октомври 2003 ја извршил папата Јован Павле Втори, таа ја добила титулата блажена Мајка Тереза. Оваа титула ја носела сè до нејзиното прогласување за светица кога црквата и официјално утврдила дела има изведено и второ чудо.
На 17 декември 2015 година Ватикан потврдил дека папата Франциско го признал второто нејзино чудо со лекување човек од Бразил со повеќе тумори на мозокот.
Папата ја канонизирал Мајка Тереза на 4 септември 2016 на плоштадот Свети Петар во Ватикан пред десетици илјади луѓе.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
(Видео) Манасиевски: Политички театар нарачан од СДСМ и Левица стои зад настапите на Трендафилов
Членот на Централниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ, Валентин Манасиевски, денеска изјави дека неодговорното однесување на претседателот на ССМ, Слободан Трендафилов, излегло на виделина, обвинувајќи дека зад неговите настапи стои политичка позадина.
Манасиевски посочи дека Трендафилов вчера објавил фотографија на социјалните мрежи со порака дека чека претставник на Владата во просториите на ССМ за да се потпише зголемувањето на платите, иако, како што рече, во исто време веќе бил закажан состанок на Владата со гранковиот синдикат УПОЗ за истата намена.
Според Манасиевски, ваквите постапки, како што наведе, ги потврдуваат тезите дека барањата на Трендафилов имаат политичка заднина и дека зад неговото раководење со ССМ стојат СДСМ и Левица. Тој оцени дека станува збор за, како што рече, политички театар наменет за јавноста.
Манасиевски изјави дека, според неговите наводи, Трендафилов никогаш немал вистинска намера за зголемување на платите, туку за нанесување штета на актуелната Влада предводена од ВМРО-ДПМНЕ. Тој го постави и прашањето дали барањата на Трендафилов и ССМ ги пишуваат СДСМ и Левица.
Во обраќањето, Манасиевски наведе дека Трендафилов, според него, не зборувал за зголемувањето на платите и новите колективни договори во образованието, здравството, полицијата, одбраната, социјалната заштита и другите сектори, ниту реагирал за двоцифрената инфлација, ценовните шокови, зголемувањето на сметките за електрична енергија и доцнењето на платите во одредени институции за време на претходната власт.
Тој додаде дека во минатото биле потпишувани колективни договори во државни институции и сектори без одобрение од Министерството за финансии, што, како што рече, било спротивно на законските услови.
Манасиевски оцени дека ваквото однесување покажува соработка меѓу ССМ, СДСМ и Левица против Владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ, нагласувајќи дека Владата, како што изјави, не бега од дијалог, туку инсистира тој да биде сериозен, суштински и насочен кон резултати.
Македонија
Муцунски од Светскиот самит за влади во Дубаи: Во свет каде непредвидливоста е новата реалност, диверзификацијата е клучот за економска отпорност
Во рамки на работната посета на Дубаи, Обединетите Арапски Емирати, министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, утрово беше говорник на панел-дискусијата насловена „Следниот логистички поредок: Што мора да се промени“, што се одржа во рамки на Светскиот самит за влади.
„Во денешниот глобален политички пејзаж, единственото што е предвидливо е непредвидливоста. Тоа е реалност со која мора да се соочиме и да научиме да живееме“, истакна Муцунски, нагласувајќи дека наместо да се реагира само кога ќе се појават предизвици, неопходно е да се гради долгорочна способност за адаптација.
Тој посочи дека од перспектива на владите, диверзификацијата претставува клучна алатка за управување со ризици, што подразбира да не се зависи исклучиво од една индустрија, една рута, еден пазар или еден центар. „Потребно е активно да ги прошируваме нашите опции и почесто да соработуваме меѓусебно, особено со пазари и индустрии кои можеби досега не сме ги сметале за традиционални партнери“, нагласи министерот.
Во обраќањето беше истакната и потребата владите да водат поинтензивен дијалог и да реагираат побрзо во услови на глобални предизвици, имајќи предвид дека денешниот систем бара брза и ефикасна адаптација која треба да се претвори во предност.
Осврнувајќи се на деловното окружување, Муцунски посочи дека во Европа често постојат потешкотии за водење бизнис поради регулаторниот пристап, оценувајќи дека континентот се соочува со своевидна „хиперинфлација“ на законодавството. „Бизнисите бараат поедноставени процедури, ефикасност и брзина“, истакна тој, посочувајќи ги Обединетите Арапски Емирати како пример од кој може да се учи, не само во користењето современи алатки, вклучително и вештачка интелигенција во административните процеси, туку и во креирањето прилагодливо законодавство подготвено да го поддржи бизнисот. Притоа ја нагласи и важноста на партнерствата меѓу владите како механизам за создавање услови компаниите да бидат успешни.
Говорејќи за логистичката позиција на државата, министерот истакна дека Коридорот 8 се протега од Италија преку Јадранското и Јонското Море кон Албанија и Северна Македонија, а потоа од Бугарија до Црното Море, додека Коридорот 10 претставува клучен трговски и инфраструктурен правец што се движи од Унгарија, преку Србија и Северна Македонија, до пристаништата Солун и Пиреја. „Специфично за нашата држава е тоа што сме единствената земја во регионот каде се вкрстуваат Коридорите 8 и 10“, посочи Муцунски.
Тој нагласи дека е неопходно активно инвестирање во енергетската безбедност и поврзаноста, посочувајќи дека во моментов се гради интерконектор со Грција, кој ќе овозможи пристап до течниот природен гас што пристигнува во пристаништето Александруполис. Истовремено, во завршна фаза е подготовката за владина инвестиција во интерконектор со Србија, со цел гасот не само да пристигнува во земјата, туку и да транзитира преку неа.
„Кога станува збор за поврзаноста – било да е енергетска, инфраструктурна или преку инвестиции во аеродромската и авио-инфраструктурата, односно отворањето нови линии – клучни се диверзификацијата и јасното разбирање на сопствената позиција во светот и на континентот, како и на потребите на пазарите. Владата има јасен пристап и уверени сме дека овие инвестиции ќе бидат од суштинско значење за долгорочната иднина на нашата држава“, порача Муцунски.
Македонија
651 прекршоци регистрирани вчера преку „Безбеден град“, од нив 585 за пребрзо возење
Во текот на вчерашниот ден преку системот „Безбеден град“ констатирани се вкупно 651 прекршоци, извести МВР.
„Од нив, за минување на црвено светло констатирани се вкупно 50 прекршоци, за возење со брзина поголема од дозволената констатирани се вкупно 585 прекршоци, а за нерегистрирани возила 16 прекршоци.
При тоа изречени се вкупно 58 забрани за управување на моторно возило“, соопшти МВР.
Од Министерството апелираат до сите учесници во сообраќајот да ги почитуваат сообраќајните правила и прописи.

