Македонија
Дескоска најави измени на Кривичниот законик за кривични дела поврзани со тортура
Министерката за правда, Рената Дескоска, се обрати на меѓународната конференција посветена на справувањето со несоодветното постапување на полицијата содржани во пресудите на Европскиот суд за човекови права.
Во своето обраќање министерката Дескоска истакна дека и нашата држава имала предмети во кои Судот во Стразбур утврдил повреда на Конвенцијата во однос на постапувањето на полициските службеници. Покрај Судот во Стразбур, оваа состојба во нашата држава е констатирана и во извештаите за ситуацијата во однос на човековите права на Комитетот против тортура, ОБСЕ, „Амнести интернешнл“ и други релевантни извештаи.
Како реакција на наведените пресуди и извештаи, Дескоска истакна дека изминатиот период се преземени повеќе мерки за менување на состојбите во оваа област.
Со цел воспоставување независен надворешен механизам за контрола над работата на вработените во Министерството за внатрешни работи со полициски овластувања и затворската полицијата, беа направени измени и дополнувања на Законот за Јавното обвинителство, Законот за полицијата и Законот за извршување на санкциите, а во рамките на граѓанската контрола беа извршени измени и дополнувања на Законот за народниот правобранител.
„Со предложените измени се даде основа за формирање посебно одделение во Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција со специјализирани јавни обвинители, кои постапуваат по овој вид предмети“, потенцира министерката за правда. Таа информира дека наведените законски одредби веќе успешно се применуваат во практиката и формираното одделение во рамките на Основното јавно обвинителство за организиран криминал и корупција постапува по повеќе вакви предмети.
Дескоска истакна дека значајна новина е дека по овие предмети повеќе не постапува внатрешната контрола во рамките на Министерството за внатрешни работи, туку истрагата ја водат единствено јавниот обвинител и истражителите во Јавното обвинителство. Оваа надлежност ја следи и судството, со пропишаната надлежност за постапување по овие предмети на одделението што суди за дела од организиран криминал и корупција во рамките на Основниот кривичен суд во Скопје.
Понатаму, министерката се осврна на измените на Законот за народниот правобранител, со кои е предвидено дека народниот правобранител заедно со претставници на невладини организации презема дејства и мерки за обезбедување, поддршка и заштита на жртвите, нивните права и презентирање на нивните интереси во сите постапки и случаи.
Дескоска информира дека како дел од реформската агенда на Министерството за правда во иднина ќе бидат подготвени измени и дополнувања на Кривичниот законик во однос на кривичните дела поврзани со тортура.
„Овие измени ќе содржат целосно редефинирање на двата члена од Кривичниот законик – мачење и друго сурово, нечовечно или понижувачко постапување и казнување и малтретирање во вршење на службата. Исто така, овој предлог ќе содржи и одредба во согласност со која предлагаме за наведените две кривични дела да нема застарување, и тоа како за кривичното гонење така и за извршувањето на казната“, истакна Дескоска.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Притвор од 48 часа за сопругот по смртта на неговите жена и ќерка во Карпош
Судот му определи 48 часовен притвор на сопругот од Карпош чија жена и ќерка починаа по пад од зграда.
„Основното јавно обвинителство Скопје до судијата на претходна постапка од Основниот кривичен суд Скопје поднесе предлог за определување мерка краткотраен притвор од 48 часа против едно лице за кое постојат сомненија за сторени кривични дела – Телесна повреда од член 130 став 2 во врска со став 1, Загрозување на сигурноста од член 144 став 3 во врска со став 2 и став 1 и Наведување на самоубиство и помагање во самоубиство од член 128 став 4 од Кривичниот законик“, соопштија од Обвинителството.
Од таму појаснуваат дека притворската мерка е неопходна со цел преземање на сите истражни дејствија со цел обезбедување докази во однос на сомненијата и додаваат дека по предлог на јавниот обвинител, судот определи притвор.
Македонија
МНР ги повика македонските државјани заглавени во ОАЕ да се јават во амбасадата во Абу Даби
Министерството за надворешни работи и надворешна трговија информира дека, имајќи ја предвид актуелната безбедносна состојба, Амбасадата на Република Северна Македонија во Абу Даби, во координација со локалните власти во Обединетите Арапски Емирати, активно работи на финализирање на деталите околу организацијата на комерцијален лет за евакуација на македонските државјани.
Се повикуваат сите граѓани кои се заинтересирани за евакуација, а сè уште не се пријавиле, во најкраток рок да стапат во контакт со Амбасадата во Абу Даби преку следните контакти:
Телефон: +971 56 441 7532
Е-маил: [email protected]
„Безбедноста на македонските државјани останува највисок приоритет. Пријавените лица навремено ќе бидат информирани за понатамошните чекори и условите за безбедна реализација на евакуацијата“, велат од Министерството.
фото/Depositphotos
Македонија
(Фото) Руте во посета на Армијата: Дејствувате над вашите капацитети кога станува збор за истурените копнени сили
Генералниот секретар на НАТО, Марк Руте, денес во касарната „Илинден“, Скопје, оствари посета на Армијата, која се реализира во рамки на неговата официјална покана на Македонија.
Генералниот секретар беше пречекан од началникот на Генералштабот на Армијата, генерал-мајор Сашко Лафчиски и министерот за одбрана Владо Мисајловски.

Во рамките на посетата, генералниот секретар се обрати пред припадниците на Армијата истакнувајќи го придонесот што нашата држава го прави во рамки на Алијансата.
„Вие навистина дејствувате над вашите капацитети кога станува збор за истурените копнени сили (Forward Lend Forces)“, истакна Руте, потенцирајќи „со тоа се грижите навистина да ја одбраниме секоја педа од територијата на Алијансата“.

За време на посетата беше извршена смотра на построените единици, како и на опремата и средствата со кои располагаат Лесната пешадиска баталјонска група и декларираните единици од составот на Баталјонот на специјални сили.
Во знак на признание за придонесот во зајакнувањето на соработката и поддршката на Армијата на Република Северна Македонија во рамки на Алијансата, началникот на Генералштабот на Армијата, генерал-мајор Сашко Лафчиски му додели Голема плакета на Армијата на генералниот секретар на НАТО.

На настанот присуствуваа генерали на Армијата и претставници од Армијата и Министерството за одбрана.

