Македонија
Дескоска: Пред разрешувањето Јанева испратила барање за буџет на СЈО
Катица Јанева пред да биде разрешена испратила барање за буџет за Специјалното јавно обвнителство, изјави министерката за правда Рената Дескоска, запрашана зошто се предвидени 3,7 милиони евра за СЈО во Буџетот за 2020 година, иако институцијата повеќе не постои.
„Имаме ситуација во која Катица Јанева пред да биде разрешена испратила буџетски циркулар и барање за буџет за Специјалното јавно обвнителство. Согласно законот, Министерството за финансии е должно да го почитува барањето. Ќе видиме како ќе помине тоа во Собранието“, рече Дескоска.
Министерката додаде дека во секој случај, се работи за средства што потоа генерално ќе бидат распределени во Јавното обвинителство.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
„Скопје – Европска престолнина на културата 2028“: Град Скопје го објави првиот конкурс за културно-уметнички проекти
Градот Скопје го објави првиот јавен повик за финансирање на културно-уметнички проекти во рамки на програмата „Скопје – Европска престолнина на културата 2028“.
Скопје 2028 не се гради само со визија, туку со работа, огромна посветеност и доверба, додаваат од таму.
Со отворањето на овој конкурс, Скопје, се истакнува во соопштението, влегува во нова фаза во која идеите треба да прераснат во реални, одржливи и европски релевантни културни проекти.
„Проекти кои нема да живеат само една година, туку ќе остават трајна вредност во градот, во заедниците и во целокупниот културен екосистем.
За таа цел, бараме проекти со:
– силен концепт и јасна европска димензија
– општествена и културна вредност
– професионална реализација
– подготвеност за работа во комплексен и динамичен процес“.
Првата фаза на селекција на аплицираните проекти ќе ја спроведе независното тело Скопје 2028, врз основа на формалните и квалитативните критериуми утврдени во јавниот повик.
Втората фаза на селекција ќе ја спроведе главното жири, составено од двајца домашни експерти, уметничкиот раководител, како и два меѓународни експерти од Европската Унија, согласно добиените стручни насоки, добиени по консултација со администрацијата во Брисел.
„Европска престолнина на културата не е сцена за импровизација.
Тоа е заедничка обврска кон Европа, дека знаеме да создаваме, да управуваме и да реализираме врвни културни програми.
Доколку сте културна институција, организација, уметник, креативен колектив или професионалец кој верува во силата на културата да ги менува градовите, ова е вашиот момент!
Проектите избрани преку овој меѓународен конкурс ќе станат дел од официјалната програма на „Скопје 2028“ и ќе се реализираат низ целиот град и во сите десет општини, како во институционалните простори, така и на јавни локации. Ова е еден од неколкуте повици кои ќе бидат објавени во иднина“, се додава во соопштението од Град Скопје.
Македонија
Хоџа-Хричова: Создаваме можности и соработка за понатамошно зацврстување на партнерството
Министерот за животна средина и просторно планирање, Муамет Хоџа, оствари работна средба со амбасадорката на Република Словачка во Република Северна Македонија, Ивета Хричова.
На средбата Хоџа-Хричова беа истакнати традиционално добрите и пријателски односи меѓу двете земји, како и заедничката определба за нивно понатамошно унапредување, особено во контекст на европската интеграција на Република Северна Македонија.
Хоџа изрази благодарност за континуираната и принципиелна поддршка што Република Словачка ѝ ја дава на Република Северна Македонија на нејзиниот пат кон членство во Европската Унија, нагласувајќи дека европската интеграција претставува еден од клучните столбови на билатералните односи меѓу двете држави.
Посебно беше поздравена улогата на Република Словачка во поттикнувањето на јавната и институционалната дебата за европската перспектива на земјата, како и поддршката за Националната конвенција за Европската Унија, иницирана од Амбасадата на Словачка во Скопје, како значаен механизам за инклузивен дијалог и размена на искуства во процесот на пристапување кон ЕУ.
Министерот Хоџа ги презентираше приоритетите на Министерството за животна средина и просторно планирање во рамки на процесот на ЕУ интеграција, со фокус на ефикасно користење на ИПА средствата.
Соговорниците се согласија дека средбата претставува добар основ за идентификување конкретни можности за идна соработка и за понатамошно зацврстување на партнерството меѓу Република Северна Македонија и Република Словачка.
Македонија
Вратата кај бината во „Пулс“ служела да излезат малолетниците во случај на полициска рација, сведочи 25-годишниот Петар Марковски
На денешното рочиште за пожарот во кочански „Пулс“ во кој загинаа 63 лица, а над 200 беа повредени, 25-годишниот Петар Марковски, кој вечерта кога се случи пожарот од клубот излегол со повреди на дишните патишта, сведочеше дека вратата кај бината служела преку неа да излезат малолетници во случај на полициска рација. Неколкумина сведоци на минатите рочишта кажаа дека освен вратата преку која влегле во клубот, постои уште една, но за разлика од досегашните сведоци кои кажуваа само дека никогаш не виделе дека некој ја користи, Марковски на прашање на обвинителот одговори дека слушнал оти таа служела како излез за малолетниците при полициските рации, но вечерта не видел дека некој ја користи.
Марковски со неколкумина другари во клубот дошол во 12.45 часот за настапот на ДНК. И тој, како и неколкумина сведоци на претходните рочишта, кажа дека купил билет за кој не добил фискална сметка. Не му побарале лична карта оти се познавал со луѓето кои стоеле на врата, проверувале лични карти и ставале печати на рацете на оние што имаат билети за вечерта. И тој потврди дека во клубот вечерта имало малолетници.
Марковски, кој во „Пулс“ доаѓал откога наполнил 18 години, кажа дека и претходно се користела пиротехника во клубот, а кобната вечер таванот се запалил од прскалките.
„Кога се вклучија прскалките, мислам дека беше околу 02.30 часот, почна да гори плафонот. Настана паника и луѓето почнаа да се движат кон излезот, а пожарот се ширеше со голема брзина бидејќи целиот плафон беше од сунѓер“, рече сведокот Марковски, а на прашање од судијката Диана Груевска- Илиевска како знаел дека е од сунѓер, одговори дека сунѓерот се гледал.
Во обидот за излезе од клубот го зафатило стампедото и паднал во бесознание од чадот, а кога дошол при свест врз него имало тројца луѓе. За да се извлече морал да ги соблече патиките. До утрото помагал во болницата, а состојбата му се влошила следниот ден, кога бил префрлен во болница и паднал во кома. Се лекувал во Словенија, но се уште чувствува последици оти, како што рече, има намален капацитет на дишење.
Марковски кажа дека за време на пожарот забележал како сопственикот Дејан Јованов – Деко се обидува со противпожарен апарат да го изгасне огнот на бината.
По него сведочеше шанкерот во „Пулс“, Дејан Манасиев. Тој 11 години работел во клубот непријавен, од 2012 година до 2023 година кога потпишал договор за работа, но на половина работно време. Манасиев не видел кој ги внел прскалките и кој ги запалил, но кажа дека кога претходно се користела пиротехника, доаѓал човек со бела коса од Скопје кој ја поставувал, а кобната вечер не го забележал во клубот.
Манасиев сведочеше дека во објектот имало план за евакуација кој бил поставен во ходникот.

