Македонија
Детската клиника: Родители на бебе кое нема имунитет им се заканувале на лекари, повикана и полицијата

Mедицински тим на Клиниката за детски болести во Скопје деноноќно се бори за најмалите. Нивниот живот за нас е приоритет и тука не треба да има ниту најмал сомнеж, се вели во соопштението на Универзитетската клиника за детски болести – Скопје во врска со настан што се случил на Клиниката, а за кој е објавено видео на социјалните мрежи. Станува збор за бебе кое се лекува на Клиниката, на снимката се гледа дека тешко дише, а родителите реагираат и ги обвинуваат лекарите за состојбата на детето. Од Клиниката тврдат дека станува збор за бебе чија мајка за време на бременоста заболела од варичела. Како резултат на тоа, бебето се родило со комплетно нарушен имунолошки систем, односно нема можност да се одбрани од бактерии, ниту од вируси.
Лекарите велат дека имаат целосно разбирање за болката на родителите и дека се со нив последниве шест месеци, но дека не ја разбираат потребата од психичко и физичко насилство врз оние што деноноќно се борат за животот на нивното дете.
Во продолжение ви го пренесуваме соопштението интегрално:
„Во интерес на вистината сакаме да ја информираме јавноста за видеоснимката која денеска родители на нашата пациентка ја направиле на едно од одделенијата на Клиниката за детски болести – Скопје. На снимката се гледа дека бебе, наш пациент, тешко дише и притоа родителите ги коментираат и ги обвинуваат со имиња и презимиња лекарите за неговата состојба. Имајќи предвид дека станува збор за комплексна ситуација, а со цел јавноста да добие целосна слика за случајот со пациентката, сакаме да дадеме и наш став во однос на денешната снимка.
Имаме целосно разбирање за болката на родителите и со нив сме постојано последниве шест месеци. Мајката на бебето во четвртиот месец од бременоста заболела од варичела. Направени се тестирања за можни последици за плодот, а кои семејството никогаш не ги подигнало. И покрај познатите медицински оправдани стравувања за евентуални последици врз плодот, мајката решила да го роди детето, без разлика на последиците. Токму како последица од варичелата бебето се родило со комплетно нарушен имунолошки систем, односно со неможност да се одбрани од бактерии, ниту од вируси. Колку е ослабен имунитет покажува и фактот дека од самото раѓање детето било само неколку дена дома во рок од шест месеци. Направени се сите современи испитувања, што само ја потврдуваат дијагнозата дека детето е родено со последица од варичелата додека мајката го носела плодот.
Комплетно ја разбираме нервозата на родителите, се обидуваме да помогнеме колку што можеме, но ситуацијата се менува секојдневно, а грижа за детето има постојано. Во секој момент на располагање се докторите на Клиниката, кои досега повеќепати отворено разговараат со родителите за состојбата на детето. И покрај тоа секојдневно се врши притисок врз персоналот на болницата, проследени со разни навреди, закани за живот и агресија, која кулминира денеска кога обезбедувањето на Клиниката мораше да повика и полициска асистенција.
Како здравствени работници, но и како луѓе, родители, ја разбираме нивната борба за сопственото дете, но не ја разбираме потребата од психичко и физичко насилство врз оние што деноноќно се борат за животот на нивното дете. Во овие тешки времиња за сите здравствени работници сакаме да повториме дека целиот медицински тим на Клиниката за детски болести во Скопје деноноќно се бори за најмалите. Нивниот живот за нас е приоритет и тука не треба да има ниту најмал сомнеж“, се вели во соопштението.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
ЦУК: Пожарот во Самоков веднаш изгаснат, објектите на фабриката не беа во опасност

Пожарот во Самоков е локализиран и веднаш изгаснат. Во ниту еден момент немаше опасност од негово ширење кон објектите на фабриката Самоков, соопшти Центарот за управување со кризи.
Од РЦУК Македонски Брод претходно стигна информација дека е настанат пожар во населбата Самоков, во фабриката „Сувенир“, а опожарен е магацин со хемикалии. Во информацијата беше наведено дека електричната енергија во фабриката е исклучена.
Македонија
„Седи Боби, кец!“, му рече Арсовска на Стефковски за проблемот со водата, па доби одговор

Градоначалничката на Град Скопје, Данела Арсовска, преку објава на својот официјален профил на Фејсбук, му возврати на градоначалникот на општина Гази Баба, Бобан Стефковски, кој претходно ги прозва Градот и ЈП „Водовод и канализација“ – Скопје, за прекините во водоснабдувањето во неколку скопски населби. Тој побара итна интервенција од Градот, предупредувајќи на можни протести ако состојбата не се реши веднаш.
Арсовска му одговори на Стефковски дека и по три години на функција сè уште не прави разлика што е во надлежност на Градот, а што на Општина Гази Баба. Таа појасни дека жителите на Црешево и Смилковци не се корисници на ЈП „Водовод и канализација“, туку на ЈКП „Гази Баба“ – претпријатие под општинска надлежност.
„Ова по три години ќе го знаеше ако паузираше еден ден од сликање по фолклорни манифестации за да сработиш нешто“, напиша Арсовска, посочувајќи дека со средствата добиени од владите на Ковачевски и Мицкоски, Стефковски можел да изгради нова водоводна мрежа за тие населби.
Во продолжение, Арсовска рече дека Град Скопје во изминатите три години не добил ниту еден денар од централната власт, а дека Владата ѝ должи на ЈСП Скопје осум милиони евра.
Градоначалничката ја заврши објавата со саркастичен тон: „Седи Боби, кец!“
Ситуацијата дополнително ја заостри реториката меѓу градоначалниците на Скопје и Гази Баба, отворајќи нова рунда меѓусебни обвинувања. По објавата на Арсовска, повторно се огласи Стефковски кој и’ одговори дека надлежноста за Смилковци и Црешево ја знае многу добро, па ја повика да каже зошто жителите од Автокоманда, Железара, Триангла, Маџари и Ченто немаат вода? За крај по однос на делењето оценки, Стефковски на социјалните мрежи напиша дека граѓаните и’ дале оценка на парламентарните избори на Арсовска. Тогаш таа освои вкупно 3.438 гласови.
Македонија
Гори кај Прилеп, Македонски Брод, Чашка и Велес – пресек на состојбата со пожарите

На територијата на државата се евидентирани вкупно осум пожари на отворен простор, од кои активни се четири, соопшти Центарот за управување со кризи.
Во Општина Прилеп, гори кај селото Бешиште. Се работи за приземен пожар во квалитетна мешана шума. Активен е пожарот и кај Општина Македонски Брод, с. Црешнево, м.в. Церо Поле – пожар во деградирана дабова шума и грмушки. Во Општина Чашка беснее шумски пожар под Солунска Глава, помеѓу местата викани Изворите на Бабуна и Бабина Дупка (моментално нема активен пламен, само чад на карпест дел). Во Општина Велес пожарот избувна во ниска вегетација.
Изгаснати се 4 пожари: Општина Врапчиште, с. Врањовци – ниска вегетација, ѓубриште; Општина Липково, с. Лојане – ниска вегетација и стрниште; Општина Карбинци, с. Радање – блок (површина) посеана со жито и ниска вегетација и ОпштинаАрачиново, с. Орланци – ниска вегетација и отпаден материјал.