Македонија
ДИК: Навреме отворени сите избирачки места, гласањето се одвива без проблем

Државната изборна комисија извести дека денес навремено се отворени сите избирачки места и процесот на гласање се спроведува без проблем.
На Локалните избори 2025 во Северна Македонија право на глас имаат 1.832.415 граѓани.
Се гласа за вкупно 309 кандидати за градоначалници и 576 листи за членови на општинските совети со вкупно 10 490 кандидати.
Гласањето на локалните избори започна во 7:00 часот и ќе трае непрекинато до 19:00 часот. Ако гласањето биде прекинато подолго од еден час, тоа ќе продолжи за онолку време колку што траел прекинот, но не подолго од три часа.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
На новинарка сакале да и го земат телефонот, интервенирала и полицијата

Здружението на новинарите на Македонија (ЗНМ) апелира до Државната изборна комисија (ДИК), општинските изборни комисии, и Министерството за внатрешни работи да продолжат да обезбедуваат непречен пристап и услови за работа за новинарите и медиумските работници на сите избирачки места. Професионалното, навремено и точно информирање на јавноста за текот на изборниот процес е од суштинско значење за довербата во изборите, велат од ЗНМ.
„До ЗНМ утрово беа пријавени неколку случаи на попречување на работата на новинарските екипи:
Скопје: Општина Карпош, (ИМ 2626) на новинарката Елида Зулбеари обид за одземање на мобилниот телефон и непристоен однос од страна на заменик претседателот на комисијата, по што имало интервенција од МВР, за што ќе побараме од ДИК да преземе санкции за службеникот.
Охрид (ИМ 1270): На екипа од јавниот сервис ѝ беше оневозможен пристап во раните утрински часови со образложение дека, покрај новинарската легитимација, треба да поседува и „акредитација од ДИК“. По реакција на колегите и интервенција на лице место, пристапот беше овозможен и работата продолжи.
Тетово: Новинар беше попречен да земе изјава од страна на членови на избирачкиот одбор, со упатување на „недостиг на акредитација“.“, се наведува во соопштението.
ЗНМ апелира до ДИК и МВР итно да ги известат сите избирачки одбори и службени лица дека не е потребна акредитација од ДИК за новинарите, со цел да се избегнат нови недоразбирања во текот на денот.
„Ќе продолжиме да ги следиме случаите, да реагираме институционално и да информираме за исходите.
Укажуваме дека за новинарите и медиумските работници во Македонија, освен новинарска легитимација од медиумот за кој новинарите известуваат, не е потребна посебна акредитација од ДИК за присуство и известување на избирачките места. Затоа, избирачките одбори, полициски службеници, набљудувачи и / или други чинители немаат основ да ја условуваат нивната работа со дополнителни дозволи. Истовремено, ЗНМ повикува на почитување на изборниот ред: новинарите имаат право да снимаат општ амбиент и изјави, без нарушување на тајноста на гласањето и без оневозможување на текот на постапката“, велат од ЗНМ.
Од таму ги повикуваат избирачките одбори од сите изборни места да овозможат непречен влез на новинарските екипи со видлива новинарска легитимација; да дозволат снимање и изјави во просторот каде што тоа не се загрозува тајноста на гласањето; при недоразбирања, прво да побараат насоки од ОИК/ДИК, наместо да го ограничат пристапот.
„Ги охрабруваме и новинарите, фоторепортерите и снимателите: секогаш да ја носат новинарската легитимација и да се претстават доколку тоа е побарано; да ги почитуваат насоките на одборот, кога истите се однесуваат на тајноста на гласањето; при какво било попречување, веднаш да го евидентираат случајот (време, место, избирачко место, лица) и да се обратат до ЗНМ.
За правна и практична помош, новинарите, снимателите и фоторепортерите можат да се обратат до регионалните координатори на ЗНМ во Штип, Струмица, Битола, Охрид, Тетово и Куманово, како и до контактите на ЗНМ во Скопје.
Македонија
Прекршочни постапки за ТВ 21-М и ТВ Шутел поради прекршување на изборниот молк

Врз основа на извештаи од извршен мониторинг над изборното медиумско претставување, Советот на Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги за поведување прекршочни постапки на денешната 14 седница одлучи да поведе прекршочни постапки против ТВ Компани 21-М и ТВ Шутел поради прекршување на изборниот молк во првиот круг од Локалните избори 2025.
„Спротивно на Изборниот законик, ТВ Компани 21-М на 18 октомври, првиот ден од изборниот молк, емитуваше реприза на посебната информативна програма Клик плус – Изборни дебати, премиерно емитувана на 17.10.2025, реализирана како дебата во која учествуваат тројца кандидати за градоначалник на Општина Центар, односно емитуваше информации и аудиовизуелни материјали во кои учествуваат учесници во изборите.
ТВ Шутел на 18 и 19 октомври за време на двата дена од изборниот молк, емитуваше информации и аудиовизуелни материјали во кои учествуваат учесници во изборите, односно емитуваше музички спот и документарна емисија во кои се појавува кандидат за градоначалник на Општина Шуто Оризари“, соопштија од Агенцијата.
Македонија
(Видео) Уапсени две лица од Крушево за поткуп при избори и гласање

Две лица се уапсени, а пет се повикани на разговор во полиција во врска со кривично дело поткуп при избори и гласање, соопшти МВР.
Во 09:00 часот на улица „Дабничка“ во Прилеп, полициски службеници од ОВР Прилеп, во врска со кривично дело „поткуп при избори и гласање“, ги лишија од слобода Б.Х.(72) и Д.С.(36), двајцата од Крушево. Во врска со истиот настан, во Полициската станица Прилеп повикани се С.А.(28), М.А.(31), Ш.А.(40), Д.А.(22) и Џ.А.(36) од Крушево, со престој во Прилеп. По целосно документирање на случајот ќе следува соодветна пријава.
Исто така, регистрирани се неколку пријави за агитирање при гласање на повеќе места, но по преземени мерки до овој момент не се потврдени наводите од пријавите.
Генерално, од МВР велат дека локалните избори се одвиваат во мирна, фер и демократска атмосфера на територијата на целата држава.
Од таму велат дека се преземаат мерки и активности во рамки на своите надлежности со цел непречено и безбедно спроведување на изборниот процес и дека до сега не се регистрирани посериозни нарушувања на јавниот ред и мир.
МВР апелира до сите граѓани и до политичките партии, да придонесат за мирна и демократска атмосфера. Доколку има било какво нарушување на изборниот процес граѓаните да пријават во најблиската полициска станица или на телефонски броеви 192 или 112.