Македонија
(Видео) Димитриевски: Во Куманово има место за сите, и за Бугарите, тоа што барам е заемно почитување
Градоначалникот на општина Куманово, Максим Димитриевски, на вечерашната свечена седница по повод 78 години од ослободувањето на Куманово, истакна дека во општина Куманово нема поделби по ниту еден основ, туку, напротив, во Куманово има место за сите, и за Македонци, и за Албанци, и за Турци, и за Роми, и за Срби, и за Бошњаци, и за Власи, и за Црногорци, и за Хрвати, и за Бугари и за сите други заедници кои се почитуваат и си помагаат меѓусебно.
Тој потенцира дека единствено она што се бара во Куманово е заемно почитување, уважување и признавање бидејќи, ако сакате некој да ве почитува, првенствено и вие треба да го почитувате.
„Во Куманово нема поделба ниту по партиска ниту по каква била друга припадност затоа што за интересите на граѓаните ние мораме да сме сложни и да работиме заедно, без разлика на нашите политички и општи убедувања. Наша должност е да им го подобриме квалитетот на живеење на кумановци, а тоа ќе го направиме единствено доколку заеднички конструктивно дискутираме, дебатираме и носиме проекти во нивен интерес, па по можност и со консензус. Вака треба да функционира една општина, која првенствено им припаѓа на граѓаните, а не на политиката“, порачува Димитриевски.
Тој посочи дека „Куманово е градот на гордоста, на соживотот, градот на шегата и градот на антифашистичката борба. Заедно со Прилеп се кренавме рамо до рамо и со други во државата, токму нашите предци ја ослободија нашата држава“.
„Денеска, покрај тоа што одбележуваме 78 години од ослободувањето на Куманово, исто така одбележуваме и 503 години од постоењето на нашиот град. Нашата општина е пример како треба да функционира една локална заедница, како се гради и негува соживотот и реално едно мултиетничко општество. Додека едни само зборуваат за мултиетницизам, ние го практикуваме на дело. Во Куманово нема поделби по ниту еден основ! Во Куманово има место за сите. И за Македонци, Албанци, Турци, Роми, Срби, Бошњаци, Власи, Црногорци, Хрвати, и за Бугари и сите други заедници се почитуваат и си помагаат меѓусебно. Единствено она што го барам во Куманово е заемно почитување, уважување, признавање бидејќи, ако сакате некој да ве почитува, првенствено и вие треба да го почитувате“, порача Димитриевски.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Неисправни се двата полициски хеликоптери и двата ер-трактори, се чека дождот да го изгасне пожарот кај Мариово (ВИДЕО)
Неисправни се двата полициски хеликоптери и тие не можат да учествуваат во големиот пожар во прилепскиот дел од Мариово чиј периметар се прошири на 110 километри, а е во должина од над 30 метри, се гасне од земја. Директорот на ЦУК, Стојанче Ангелов изјави дека пред неколку часа на помош на пожарникарите од Прилеп и од повеќе други градови, како и на војската и полицијата пристигна еден ер-трактор. Другите два ер-трактори кои ги има државата, за жал, се неисправни, изјави Ангелов. Директорот на ЦУК соопшти дека заврна дожд во Мариово и дополнително ќе извести дали пожарот е целосно изгаснат.
Ангелов изјави дека е тежок пожарот над викенд населбата во скопско Катланово. Тој нагласи дека пожарот создава голем чад и дека тешкотија претставува непристапниот терен. Како што рече, вчера гаснел еден армиски хеликоптер, а денеска пожарникарите од скопската бригада.
Во продолжение е видео-изјавата од Ангелов и за другите пожари во земјава.
Македонија
ВМРО-ДПМНЕ: СДСМ за национални координатори поставуваше луѓе како Алаѓозовски и Попов
СДСМ за национални координатори поставуваше луѓе како Алаѓозовски и Попов, без грам искуство, а шири ветар и мегла за луѓе со кредибилитет, велат од ВМРО-ДПМНЕ.
„СДС го постави своевремено Роберт Алаѓозовски и Мартин Попов за национални координатори, и двајцата без никаков придонес за државата. Национален координатор во време на СДС беше и Стево Пендаровски, најслабиот претседател во историјата на Македонија. СДС не само што редеше неспособни национални координатори, туку и нивни заменици, без да има за тоа реална потреба. За разлика од времето на СДС, владата на ВМРО-ДПМНЕ за национални координатори поставува луѓе со голем кредибилитет и минат труд во областите за кои ги назначува“, се вели во реакцијата на ВМРО-ДПМНЕ.
Македонија
Левица: Новата учебна година за учениците со попреченост започна без образовни асистенти
Новата учебна година, за учениците со попреченост започна без нивните образовни асистенти – власта заглави со списоците за партиски вработувања, па оттука неизвесноста и револтот кај родителите, реагираат од Левица.
Отсуството на образовните асистенти, кои се голема помош и поддршка во наставниот процес, претставува дополнителна грижа за родителите и пречка во инклузивниот процес што оди на штета на учениците.
„Овој пропуст доаѓа поради ненавремената дадена согласност од страна на Министерството за образование. Иако јавните огласи се во тек, сепак, спроведувањето на целата задолжителна законска процедура ќе влијае на задоцнет почеток со работа на асистентите и дополнителни проблеми за наставниците, родителите и децата. И покрај тоа што министерката за образование, Весна Јаневска, најави зголемен број на асистенти, сепак, работите на терен не се баш такви според изјавите на родителите. До Левица стигнуваат и голем број реакции од родители, чии деца во текот на минатата учебна година имале асистенти, за оваа година, иако нема промена во функционалноста на децата, Комисијата за функционална проценка да не им додели асистент, кој им е суштински неопходен за ефикасно функционирање во редовниот наставен процес. Апелираме до министерката Јаневска сериозно да си ја преземе улогата на одговорно лице и да не дозволи калкулирање со децата со попреченост, како и со нивните родители на кои им е неопходна секоја помош и поддршка! Не смее поради незавршени административни процедури и ангажирање на нови партиски кадри да страдаат најранливите“, се додава во реакција на партијата.
Како политичка партија инсистираат сите огласи за асистенти, сите обновувања на договори и обуките за асистентите да се одвиваат пред да започне учебната година.
„Сето тоа да се завршува навремено и во полза на учениците на кои асистентската поддршка им е повеќе од потребна, а не како што е сега – на нивна штета. Наместо администрацијата да ужива во летните одмори, да ги вложи сите свои капацитети за навремено завршување на своите обврски – учебната година треба да започне подеднакво за сите!“, завршуваат од Левица.