Македонија
Димитриевски: Да се намалат приходите на функционерите и процентуално еднакво да се покачат платите и пензиите на сите
„Надлежните итно и најтранспарентно да ја информираат јавноста со колку средства располага пензискиот фонд. Недозволиво е за политичката елита седумдесет и осум проценти покачување на платите, а на пензионерите шест проценти. Доколку градиме праведна држава, тогаш праведно е процентуално еднакво покачување на приходите за сите. Да се намали на функционерите и еднакво да се распредели на другите“, бара градоначалникот на општина Куманово, Максим Димитриевски.
Според него, барањата на пензионерите, кои преку протестни собири бараат линеарно покачување на пензиите, се реални и неопходни истакнувајќи дека токму тие своевремено беа финансискиот столб во семејството, а денеска се сведени на преживување и елементарна егзистенција на нивните семејства.
„Токму овие генерации граѓани со лопата и крампа изградија сѐ во државата и сведоци се како поединци во политиката разграбаа сѐ! Нивните одбитоци за пензиско и инвалидско осигурување во минатото беа основа за создавање на пензискиот фонд, денеска тие не го користат ниту делумно тоа што го уплаќале тогаш. Нема потреба да донираме и да се рекламираме секој месец на социјални мрежи и медиуми, тие средства се граѓански и од буџетот на Македонија нека ги усогласат платите и распределат средствата со закон“, порачува Димитриевски.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
