Македонија
Димитров – Брегу: Земјите од Западниот Балкан мора да бидат носители на одлуките и на одговорноста

Заменик-претседателот на Владата задолжен за европски прашања, Никола Димитров, денеска оствари средба со gенералната секретарка на Советот за регионална соработка (РСС), Мајлинда Брегу, која престојува во работна посета на Северна Македонија.
На средбата се разговараше за планот на активностите на Советот за регионална соработка, со акцент на приоритетите во наредниот период, кои се во насока на олеснување, промоција и унапредување на регионалната соработка, а се со крајна цел – европеизација на регионот.
Димитров нагласи дека во периодот кој следи Владата останува посветена на европската агенда во духот на добрососедските односи, со фокус на регионалната соработка, исклучително значаен сегмент за процесот на европеизација на регионот.
„За регионалната соработка да биде успешна, земјите од Западниот Балкан мора да бидат носители на одлуките и на одговорноста. Заедничкиот ангажман со Советот за регионална соработка за намалување до конечно укинување на роамингот во земјите од Западниот Балкан ќе биде еден од директните бенефити за граѓаните на регионот“, порача вицепремиерот Димитров.
Соговорниците ја потенцираа важноста од непречено поврзување на регионот во повеќе области, што особено дојде до израз со ограничувањата предизвикани од пандемијата. Беа разгледани и плановите за спроведување на планираните активности на РСС за продлабочена соработка во единствена економска област во регионот, базирана на четирите слободи на ЕУ и Зелената агенда за Западен Балкан.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Илиевски: Приоритет за наредните четири години е градинка во село Челопек и дом за стари лица во Брвеница

Јовица Илиевски, кандидат за градоначалник за општина Брвеница од редовите на ВМРО- ДПМНЕ, на денешниот митинг одржан во рамките на изборната кампања за локалните избори 2025 година, под слоганот „Вистинскиот избор! Твојот човек! Твоето место! За твојата иднина!“ се обрати кон присутните истакнувајќи дека во изминатите четири години општина Брвеница покажа дека чесната, транспарентна и посветена работа резултираа со успех, со реализација на ветените проекти при што се осврна на истите.
„Реализиравме вкупно 125 проекти, извршивме комплетна реконструкција на повеќе училишта во нашата општина со термоизолациона фасада, внатрешно уредување, нови кровови, како и изградба на спортски терени со вештачка трева во сите населени места. Изградивме и уредивме рекреативни паркови во сите населени места. Отворивме нов бунар за водоснабдување со нова пумпа и куќиште, поставивме нови автобуски постојки, нова канализациона мрежа во целата општина, покриена е 90 проценти од патната инфраструктура во нашата општина“.
Илиевски во продолжение пред присутните ја претстави визијата и програмата кои ќе значат континуитет во изградбата на општина Брвеница во уште посовремена, економски успешна и развиена општина Брвеница во наредните четири години.
„Како број еден проект ја нагласувам изградбата на новата градинка во село Челопек, со капацитет од 50 корисници, со чија изградба ќе се обезбеди место за секое дете, особено за оние од социјално ранливите семејства, престојот ќе биде бесплатен. Развојот на индустриската зона „Брвеница“, ќе ја прошириме оваа зона за да донесеме уште повеќе инвестиции и да ја намалиме невработеноста. Нов проект за повеќе населени места кои имаат потреба од довршување на примарната и секундарната мрежа за отпадни води. Изградба на дом за стари лица во Брвеница со капацитет од 50 корисници. Планирани се и нови проекти во културата, спортот, животната средина, здравствената заштита и дигитализација на општината“, рече Илиевски.
На крај, Илиевски истакна дека работи за успех на општина Брвеница, со јасна визија и јасен став во насока на подобрување на животот на сите граѓани без разлика на вера или етничка припадност.
Македонија
Максим Димитриевски: Мириса на победа уште во првиот круг

Движењето ЗНАМ – За наша Македонија на голема промотивна конвенција во Куманово ги претстави кандидатот за градоначалник, Максим Димитриевски и советничката листа предводена од Ивана Ѓорѓиевска. Присуството на голем број граѓани ја потврди силната поддршка која Кумановци му ја даваат на актуелниот градоначалник.
Во своето обраќање, Димитриевски потсети на сработеното во изминатите осум години, набројувајќи дел од над 800 реализирани проекти за подобрување на квалитетот на живот во Куманово. „Нашата работа и нашите принципи – чесност, искреност, посветеност и отчетност, секогаш носат резултати. Проектите не се прават само пред избори, туку постојано, секој ден. Тоа е разликата и затоа граѓаните нѝ веруваат,“ истакна Димитриевски.
Тој порача дека најголемата награда е токму довербата од граѓаните, а таа е потврда дека Куманово сака континуитет, стабилност и развој. „ЗНАМ знае, Куманово знае, и сите во Македонија знаат што ќе се случи на 19 октомври. Мириса на победа! И тоа убедлива победа уште во првиот круг“, рече Димитриевски.
Тој најави дека и за следниот мандат е подготвена квалитетна програма за која вечерта пред граѓаните јавно се обврза дека ќе ја исполни од прв до последен збор, или како што рече тој од А до Ш. Програмата на Движењето ЗНАМ содржи стотици проекти од сите области, чија реализација во наредните четири години ќе донесе уште подобар живот и ќе го промовира Куманово во регионален економски центар и најсредена општина во Македонија.
Македонија
Меџити: Чаир ќе добие Младински центар, дом на младински идеи и иновации

Кандидатот на коалицијата ВРЕДИ за градоначалник на Општина Чаир, Изет Меџити и кандидатот за општински советник, Аритон Рама, денес го претставија еден од клучните приоритети на изборната програма, изградбата на Младинскиот центар, проект кој има за цел да им го овозможи на младите просторот кој им недостига за развој, креативност и иновации.
„Со задоволство го претставувам еден од најзначајните и најдрагите проекти за мене лично, Младинскиот центар на Чаир, проект кој ја претставува мојата визија за еден модерен, напреден и кон иднината ориентиран Чаир. Чаир располага со големо младинско богатство, талентирани млади девојки и момчиња со исклучителен потенцијал, кои заслужуваат повеќе од зборови – заслужуваат можности, поддршка и простор за развој. Затоа изградбата на Младинскиот центар ќе биде апсолутен приоритет на мојот мандат како градоначалник. Ова не е само физички објект, туку платформа каде нашата младина ќе може да учи, да создава, да се изразува и активно да ја гради својата иднина“, изјави Меџити.
Кандидатот за советник, Аритон Рама, во својата изјава ги опиша деталите за просториите кои ќе ги поседува овој објект:
Младинскиот центар ќе биде изграден на четири функционални нивоа:
-Библиотека и сала за предавања – за учење, истражување и културни настани.
-Дигитален центар – со лабораторија за вештачка интелигенција, бесплатни
обуки по програмирање и дигитална писменост, како и простор за стартапи и младинско менторство.
-STEM академија – која ќе нуди обуки во областа на технологијата, науката, уметноста и математиката.
-Простории за театар, советување и креативни активности, каде што младите ќе можат слободно и без бариери да се изразуваат.
Меџити и Рама потенцираа дека со овој проект гарантираат дека Чаир ќе стане центар на иновации, образование и младинска креативност. Младите ќе имаат место каде ќе учат, ќе се развиваат и ќе ја градат својата иднина.