Македонија
Димитров во Германија: Ако ЕУ, конечно, ја поддржи нашата приказна, ќе покаже дека е сила што влече за добро
Првиот ден од работната посета на Германија, вицепремиерот задолжен за европски прашања, Никола Димитров, го почна со средба со Мартин Шулц, актуелен претседател на Фондацијата „Фридрих Еберт“, инаку поранешен претседател на Европскиот парламент.
Како што информираат од Секретаријатот за европски прашања (СЕП), Димитров соопштил за последните политички случувања во земјата, со акцент на европското портфолио, а се разговарало и за состојбите во регионот во контекст на евроинтеграциите.
„Северна Македонија докажа дека силно го застапува европскиот наратив на вредности и е стабилен партнер на европската сцена што придонесува за добросостојбата на регионот. Вложивме сериозен политички капитал врз основа на европското ветување, време е вниманието и енергијата да ги насочиме кон процесот на европеизација и исполнување на очекувањата на граѓаните.
Ако ЕУ, конечно, ги поддржи македонската приказна и огромниот влог на ова прашање што се пресликува во целиот регион, тогаш Унијата ќе покаже дека е сила што влече кон добро“, посочил вицепремиерот.
Шулц ја нагласил важноста на преспанскиот договор во контекст на одговорноста за обезбедување мир и стабилност на регионот и пошироко заедно со, како што рекол, очигледниот демократски напредок што Северна Македонија го постигнала во последните години и приближувањето кон споделените вредности.
Според него, натамошното одложување на почетокот на пристапните преговори со ЕУ поради блокадата од Бугарија е непристојно и опасно за стабилноста на регионот и европската визија, при што посочил дека поддршката за ова прашање ќе биде и понатаму манифестирана преку активностите на Фондацијата и неговиот личен ангажман.
На овие теми се разговарало и во германското МНР на средбата со Сабине Штер, ополномоштеник за ЕУ-политики, и со Сузане Шуц, директорка во Министерството за надворешни работи за Југоисточна Европа, Турција и државите на ЕФТА, на кои вицепремиерот Димитров им ги пренел очекувањата Германија и понатаму да остане активна кон остварување на заеднички утврдената стратешка цел.
„Почетокот на пристапните преговори ќе претставува валидација на напредокот на Северна Македонија, постигнат со голема помош и поддршка од нашите германски пријатели, кои принципиелно го застапуваат она што е вистински европско во интегративниот процес.
Почетокот на преговорите ќе го даде неопходниот поттик на реформскиот процес, а истовремено ќе го обнови импулсот за политиката на проширување на ЕУ“, нагласил вицепремиерот.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
СДСМ да не користи трагедии како во минатото за добивање на политички поени, реагира ВМРО-ДПМНЕ
Срамно и безобразно е соопштението од страна на СДСМ во однос на трагедијата која се случи во скопски Карпош, оценува ВМРО-ДПМНЕ.
„Истата партија СДС, да потсетиме дека обично кога се во опозиција, трагедиите ги користи стрикно за собирање на политички поени, а не за да покаже емпатија. Случајот со Нешковски, малата Тамара, Диво Насеље, Смилковско езеро и многу други, се случаи кои СДС пред да дојде на власт со Заев и Филипче, ветуваше правда и велеше дека ќе обелодени некаква вистина која била криена по повод овие трагедии. СДС со Заев и Филипче, кога дојдоа на власт, заборавија на се како да имаат амнезија.
Затоа, за оваа тема, која ја потресе цела јавност, ги замолуваме СДС да не ја користат за политички поени. За разлика од порано, разликата е во тоа што сега работите се кажуваат гласно и транспарентно, а виновниците имаат имиња и презимиња.
ВМРО-ДПМНЕ упатува сочувство до семејствата на жртвите и посакува да не се случуваат вакви трагедии во иднина“, се вели во реакцијата.
Македонија
Од Пинтија до Драчево ќе се гради современ булевар со четири ленти
Градоначалникот на Град Скопје, Орце Ѓорѓиевски најави дека почнува реализацијата на изградбата на булеварот Борис Трајковски.
Објавена е јавната набавка, а по завршување на законската постапка, градежните работи се очекува да почнат за околу 40 дена. Рокот за изведба е до крајот на календарската година.
Проектот опфаќа изградба на современ булевар во должина од 850 метри, со четири коловозни ленти и безбедна пешачко-велосипедска патека, на потегот од трафостаницата во Пинтија до кружниот тек во Драчево. Со ова трајно ќе се реши долгогодишниот сообраќаен проблем со кој секојдневно се соочуваат над 100.000 граѓани.

Надлежните апелираат за трпение за време на градежните активности, нагласувајќи дека привремените отежнувања ќе донесат долгорочно, квалитетно и безбедно сообраќајно решение за сите граѓани.
Македонија
СДСМ бара оставка од Тошковски по трагедијата во Карпош
СДСМ побара оставка од министерот за внатрешни работи Панче Тошковски по трагедијата во скопската населба Карпош, каде што починаа мајка и дете.
Од партијата велат дека случајот покажал сериозни пропусти на институциите во заштитата од семејно насилство.
„Институциите биле алармирани, имале сознанија и индиции за ризик, но со нивната несоодветна реакција не ги заштитиле жртвите“, наведуваат од СДСМ.
Од партијата оценуваат дека потфрлил институционалниот систем, вклучително и МВР и центрите за социјална работа.
Тие потсетуваат и на случајот во Велес, каде пред неколку месеци беше убиена млада жена заедно со нејзиниот татко, и покрај претходни пријави за насилство.
„Само во 2026 година изгубени се четири животи поради родово базирано и семејно насилство“, наведуваат од СДСМ.
Партијата бара оставка од Тошковски и темелна истрага која, како што велат, ќе утврди одговорност кај сите службени лица од МВР, центрите за социјална работа и другите надлежни институции.

