Македонија
Димитров на примопредавање на претседателството на В4
На покана на чешкиот амбасадор Мирослав Томан, министерот за надворешни работи, Никола Димитров, денеска учествуваше на пригоден настан во чешката резиденција по повод примопредавањето на едногодишното претседателство со Вишеградската група В4, од страна на Република Чешка на Република Полска.
За време на настанот беше даден краток осврт на реализираните активности за време на чешкото претседателство, како и на плановите на полското, кое се совпаѓа со 30-годишнината од Вишеградската соработка. Соочена со предизвици на ниво на ЕУ, но и на глобално ниво, Полска своето претседателство во голем дел ќе го насочи кон зацврстување на заедничките политики на Вишеградската група кои би придонеле за обновување на економијата на ЕУ по кризата предизвикана од коронавирусот.
„Мотото на полското претседавање со Вишеградската група ќе биде back on track во контекст на справување на последиците со пандемијата. Убава симболика е што и Северна Македонија се врати на вистинскиот пат, сега веќе како полноправна членка на НАТО и со добиеното зелено светло од ЕУ за отпочнување на преговорите – двете стратешки цели кои се случија токму за чешкото претседателство со В4“, изјави Димитров.
Тој се заблагодари за силната и долгогодишна поддршка на земјите на В4 групата кои претставуваат стабилни партнери на регионот и се залагаат за успешна интеграција на земјите од Западен Балкан во ЕУ. Го повтори позитивниот пример на регионална соработка кој Вишеградската група го дава и кој исто така го поттикна создавањето на Фондот за Западен Балкан. Северна Македонија оствари значителни резултати во спроведување на потребните реформи и унапредување на добрососедските односи кои придонесоа за отворање на едно ново поглавје од нејзината историја, останувајќи посветена, и покрај предизвиците од пандемијата, на реформскиот евроинтеграциски пат и развивање на регионалната соработка.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Осмомартовски марш во Скопје со порака „Нема да нè снема“
По повод 8 Март – Меѓународниот ден на жената, Платформата за родова еднаквост повика на традиционален марш за женски права што ќе се одржи во Скопје.
Според соопштението, маршот ќе започне во 12:00 часот во паркот „Жена Борец“, а ќе заврши пред украдената биста на Вера Јоциќ, како симболичен чин на протест против, како што се наведува, „фактичкото и фигуративното бришење на жените во општеството“.
Организаторите посочуваат дека слоганот „Нема да нè снема“ ја изразува борбата на жените за опстанок и безбедност во систем кој, според нив, често не ги штити од насилство и ги остава на маргините на општеството. Се наведува дека женската работа често е невидлива, помалку платена и недоволно заштитена, а особено ранливи се жените што работат хонорарно, кои често немаат здравствено, социјално и пензиско осигурување.
Платформата за родова еднаквост посочува и на зголемен број случаи на родово базирано насилство и фемициди, нагласувајќи дека институционалните пропусти оставаат многу жени без заштита и правда.
Со маршот на 8 март, организаторите повикуваат граѓаните да се приклучат и заедно да испратат порака дека жените ќе продолжат да се борат за еднаквост, безбедност и достоинство.
Македонија
СДСМ да не користи трагедии како во минатото за добивање на политички поени, реагира ВМРО-ДПМНЕ
Срамно и безобразно е соопштението од страна на СДСМ во однос на трагедијата која се случи во скопски Карпош, оценува ВМРО-ДПМНЕ.
„Истата партија СДС, да потсетиме дека обично кога се во опозиција, трагедиите ги користи стрикно за собирање на политички поени, а не за да покаже емпатија. Случајот со Нешковски, малата Тамара, Диво Насеље, Смилковско езеро и многу други, се случаи кои СДС пред да дојде на власт со Заев и Филипче, ветуваше правда и велеше дека ќе обелодени некаква вистина која била криена по повод овие трагедии. СДС со Заев и Филипче, кога дојдоа на власт, заборавија на се како да имаат амнезија.
Затоа, за оваа тема, која ја потресе цела јавност, ги замолуваме СДС да не ја користат за политички поени. За разлика од порано, разликата е во тоа што сега работите се кажуваат гласно и транспарентно, а виновниците имаат имиња и презимиња.
ВМРО-ДПМНЕ упатува сочувство до семејствата на жртвите и посакува да не се случуваат вакви трагедии во иднина“, се вели во реакцијата.
Македонија
Од Пинтија до Драчево ќе се гради современ булевар со четири ленти
Градоначалникот на Град Скопје, Орце Ѓорѓиевски најави дека почнува реализацијата на изградбата на булеварот Борис Трајковски.
Објавена е јавната набавка, а по завршување на законската постапка, градежните работи се очекува да почнат за околу 40 дена. Рокот за изведба е до крајот на календарската година.
Проектот опфаќа изградба на современ булевар во должина од 850 метри, со четири коловозни ленти и безбедна пешачко-велосипедска патека, на потегот од трафостаницата во Пинтија до кружниот тек во Драчево. Со ова трајно ќе се реши долгогодишниот сообраќаен проблем со кој секојдневно се соочуваат над 100.000 граѓани.

Надлежните апелираат за трпение за време на градежните активности, нагласувајќи дека привремените отежнувања ќе донесат долгорочно, квалитетно и безбедно сообраќајно решение за сите граѓани.

