Македонија
Димитров на средба со европратеникот Ќучук
Заменик-претседателот на Владата задолжен за европски прашања, Никола Димитров, денес оствари средба со Илхан Ќучук, европратеник од политичката група Обнова на Европа и известител на Европскиот парламент за Северна Македонија, во рамки на неговата дводневна посета на земјава.
На средбата беше изразена благодарност за континуираната и принципиелна поддршка на Европскиот парламент во контекст на политиката за проширување на ЕУ со земјите од Западен Балкан, како и конкретно во соработката со Собранието на Северна Македонија во рамките на Жан Моне дијалогот. Вицепремиерот Димитров ги истакна очекувањата на земјава од Резолуцијата на ЕП, која треба реално да ги отсликува постигнатите реформи и демократските процеси на земјата.
„Ги цениме заложбите на Европскиот парламент и вашите лични заложби за што поскоро усвојување на Преговарачката рамка, процес кој мора да се одвива во европски дух. Само со почитување и применување на европските вредности може да се дојде до заемно решение кое ќе овозможи што побрзо одржување на долгоочекуваната и заслужена меѓувладина конференција, како официјален старт на процесот за кои сме подготвени“, рече тој.
Димитров потенцираше дека пристапните преговори треба да бидат пред сè алатка за суштински секторски реформи и постигнување на европските стандарди, информирајќи за остварените реформски активности и цврстата заложба за продолжување на процесот во клучните области.
Европратеникот Ќучук во пресрет на усвојувањето на Резолуцијата во ЕП му ги презентираше ставовите на АФЕТ во однос на иднината на евроинтеграцискиот процес и изрази принципиелна поддршка за европските цели на Северна Македонија. Соговорниците разменија мислења и околу можностите за унапредување на инфраструктурните, образовните и културните проекти преку искористување на ЕУ-фондовите.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Притвор од 48 часа за сопругот по смртта на неговите жена и ќерка во Карпош
Судот му определи 48 часовен притвор на сопругот од Карпош чија жена и ќерка починаа по пад од зграда.
„Основното јавно обвинителство Скопје до судијата на претходна постапка од Основниот кривичен суд Скопје поднесе предлог за определување мерка краткотраен притвор од 48 часа против едно лице за кое постојат сомненија за сторени кривични дела – Телесна повреда од член 130 став 2 во врска со став 1, Загрозување на сигурноста од член 144 став 3 во врска со став 2 и став 1 и Наведување на самоубиство и помагање во самоубиство од член 128 став 4 од Кривичниот законик“, соопштија од Обвинителството.
Од таму појаснуваат дека притворската мерка е неопходна со цел преземање на сите истражни дејствија со цел обезбедување докази во однос на сомненијата и додаваат дека по предлог на јавниот обвинител, судот определи притвор.
Македонија
МНР ги повика македонските државјани заглавени во ОАЕ да се јават во амбасадата во Абу Даби
Министерството за надворешни работи и надворешна трговија информира дека, имајќи ја предвид актуелната безбедносна состојба, Амбасадата на Република Северна Македонија во Абу Даби, во координација со локалните власти во Обединетите Арапски Емирати, активно работи на финализирање на деталите околу организацијата на комерцијален лет за евакуација на македонските државјани.
Се повикуваат сите граѓани кои се заинтересирани за евакуација, а сè уште не се пријавиле, во најкраток рок да стапат во контакт со Амбасадата во Абу Даби преку следните контакти:
Телефон: +971 56 441 7532
Е-маил: [email protected]
„Безбедноста на македонските државјани останува највисок приоритет. Пријавените лица навремено ќе бидат информирани за понатамошните чекори и условите за безбедна реализација на евакуацијата“, велат од Министерството.
фото/Depositphotos
Македонија
(Фото) Руте во посета на Армијата: Дејствувате над вашите капацитети кога станува збор за истурените копнени сили
Генералниот секретар на НАТО, Марк Руте, денес во касарната „Илинден“, Скопје, оствари посета на Армијата, која се реализира во рамки на неговата официјална покана на Македонија.
Генералниот секретар беше пречекан од началникот на Генералштабот на Армијата, генерал-мајор Сашко Лафчиски и министерот за одбрана Владо Мисајловски.

Во рамките на посетата, генералниот секретар се обрати пред припадниците на Армијата истакнувајќи го придонесот што нашата држава го прави во рамки на Алијансата.
„Вие навистина дејствувате над вашите капацитети кога станува збор за истурените копнени сили (Forward Lend Forces)“, истакна Руте, потенцирајќи „со тоа се грижите навистина да ја одбраниме секоја педа од територијата на Алијансата“.

За време на посетата беше извршена смотра на построените единици, како и на опремата и средствата со кои располагаат Лесната пешадиска баталјонска група и декларираните единици од составот на Баталјонот на специјални сили.
Во знак на признание за придонесот во зајакнувањето на соработката и поддршката на Армијата на Република Северна Македонија во рамки на Алијансата, началникот на Генералштабот на Армијата, генерал-мајор Сашко Лафчиски му додели Голема плакета на Армијата на генералниот секретар на НАТО.

На настанот присуствуваа генерали на Армијата и претставници од Армијата и Министерството за одбрана.

