Македонија
Димитров по средбата со шефот на словачката дипломатија: Братислава во декември застана на страната на европските принципи
Вицепремиерот задолжен за европски прашања Никола Димитров, во својство на национален координатор за странска помош, и министерот за здравство Венко Филипче денеска присуствуваа на предавањето на донација на четири респиратори од Словачка преку NATO Pandemic Response Trust Fund (PRTF), во рамките на посетата на министерот за надворешни работи на Словачка, Иван Корчок.
„Многу сме благодарни што Словачка го споделува со нас ставот дека е време да ги почнеме преговорите за членство и да ја имаме првата меѓувладина конференција што е можно побрзо. Исто така сме благодарни што Братислава застана на страна на европските принципи во декември, во смисла на европската перспектива на целиот Западен Балкан“, истакна вицепремиерот Димитров, изразувајќи благодарност до министерот Корчок, народот и Владата на Словачка.
„Ова е трета донација, која стигна преку системот на НАТО, претходната стигна преку Механизмот за цивилна заштита на Европската Унија”, посочи Димитров. додавајќи дека добро е да се има блиски пријатели кои мислат на нас и кога и на нив им е тешко.
Министерот Филипче исто така се заблагодари за донацијата на министерот за надворешни работи на Словачка.
„Имаме навистина добра соработка со пријателска Словачка во целиот овој изминат период во менаџирањето на кризата. Најпрво имавме донација на маски, лична заштитна опрема и сега 4 респираторни машини вредни близу 100.000 евра кои ќе бидат дистрибуирани во болниците таму каде што има најголема потреба. Ова е еден доказ дека кога вака се негуваат пријателите, тогаш навистина служат и се наоѓаат кога е навистина потребно“, потенцираше Филипче и изјави дека соработката продолжува и понатаму како во полето на здравството, така и на многу други полиња меѓу двете земји.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
(Видео) МВР: Гласањето се одвива мирно, без нарушувања на јавниот ред и мир
Локалните избори кои се одржуваат во дел од општините на подрачје на СВР Тетово, односно ОВР Гостивар и СВР Охрид се одвиваат во мирна, фер и демократска атмосфера, информира Министерството за внатрешни работи.
„МВР презема мерки и активности во рамки на своите надлежности со цел непречено и безбедно спроведување на изборниот процес. До сега не се регистрирани инциденти или било какви нарушувања на јавниот ред и мир. МВР апелира до сите граѓани и до политичките партии, да придонесат за мирна и демократска атмосфера. Доколку има било какво нарушување на изборниот процес граѓаните да пријават во најблиската полициска станица или на телефонските броеви 192 или 112“, се наведува во објавата на ФБ.
Македонија
(Видео) ДИК: До 13 часот излезноста е 8,90 отсто, едно избирачко место воопшто не е отворено
До 13:00 часот на повторените локални избори гласале 11.217 лица или 8,90 отсто, соопшти Државната изборна комисија.
По општини:
– Врапчиште – 9,58 %
– Гостивар – 8,74 %
– Маврово – Ростуше – 10,03 %
– Центар Жупа – 6,61 %
Портпаролката на ДИК, Радица Тодоровска Алексовска, кажа дека гласањето на сите избирачки места се одвива непречено, освен на избирачкото место 0782 во Ќафа кое се уште не е отворено.
Македонија
Жичницата на Водно не работи поради силен ветер
Јавното сообраќајно претпријатие – ЈСП Скопје преку својата фејсбук страница информира дека жичницата на Водно денеска нема да биде во функција поради засилен ветер.
Јачината на ветерот ги надминува дозволените граници како објектот би функционирал непречено и безбедно., велат од ЈСП.
„Надлежните служби ја следат состојбата на терен и во оној момент кога ќе се создадат соодветни временски услови за работа, жичницата ќе продолжи со непречено превезување на патниците“, велат од претпријатието.

