Македонија
Димитров: Придружете ни се на 15 јули за да ги почнеме преговорите со ЕУ

Придружете ни се на 15 јули, да ги почнеме преговорите со ЕУ, да покажеме дека можеме да создадеме европски стандарди дома, истакна носителот на правата изборна единица, Никола Димитров, од коалицијата „Можеме“ предводена од СДСМ.
„Среда, средината на неделата, е многу убав ден да се заврши убава работа. А ние си имаме многу убава работа за завршување иднава среда. Во септември годинава ќе правиме 29 години како независна држава . Од тие, речиси сите зборуваме за ова што треба да го направиме в среда – НАТО никој не спомнува, бидејќи ја завршивме таа работа“, вели Димитров и додава дека сега на ред е ЕУ.
„Од другата страна, со ВМРО-ДПМНЕ нема да има пристапни преговори со Европската Унија. Нема да го фатиме возот за којшто не знаеме дали пак ќе застанува. И затоа, ќе дигаме ли раце иднава среда, на 15 јули? Или ќе излеземе и ќе дадеме што помалку простор за овие теговиве што нè влечат надолу. За овие луѓе што главата не ја дигнале и не можат да видат дека земјата не само што се исправи од срамот што ни го оставија. Туку си влезе во НАТО и е на еден чекор да почне пристапни преговори со ЕУ.
Јас сум носител на листата „Можеме“, предводена од партијата СДСМ. И ние сме за денес и за утре. А тие се за вчера. Нема друга политичка опција денес, во нашата Македонија – официјално Северна Македонија – што сака и е одлучена, и е доволно храбра, и доволно знае да оди напред. Вие што уште се двоумите за среда, не знам какво е тоа јунаштво со неправење ништо. Има ли јунак од која било област што е јунак затоа што нешто не правел? Дали ќе ги казните тие што се обидуваат да го чистат ова валканово и да фрлат светло на темницата, затоа што темницата упорно влече назад, валканово вика остајте ме’. Или ќе ни се придружите, оти од оваа страна има надеж, од таа страна има бездна. Ништо ново нема да видиме“, рече Димитров.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
ЗНМ: Апелите од Министерството за здравство се на граница на цензура

Здружението на новинари на Македонија (ЗНМ) со загриженост ја следи јавната комуникација на Министерството за здравство, во која се упатуваат апели до медиумите кои се ограничувачки по својата содржина и претставуваат обид за воспоставување на лоша институционална пракса во односите со медиумите.
„Како ЗНМ, го осудуваме обидот на Министерството да наметнува практични правила за тоа како медиумите треба да известуваат, особено кога тоа се однесува на чувствителни настани од јавен интерес. Таквите инструкции, иако формално претставени како апели, во суштина се форма на институционален притисок и можна цензура, што е спротивно на основните демократски принципи и правото на слобода на изразување“, велат од ЗНМ.
Потсетуваат дека членот 16 од Уставот гарантира слобода на јавното информирање и забрана на цензурата, а прашањата поврзани со новинарската етика и професионализмот припаѓаат исклучиво на саморегулаторната сфера. За тие прашања постојат Советот за етика во медиумите и Судот на честа при ЗНМ, кои се единствено надлежни да оценуваат евентуални повреди на етичките норми.
„Ги повикуваме новинарите и медиумските работници да продолжат да известуваат со професионализам, етика и чувствителност, особено кога се работи за трагични настани и ранливи групи. Но истовремено, укажуваме дека секој обид за институционално ограничување на пристапот до информации и начинот на известување е неприфатлив и штетен по јавниот интерес“, велат од Здружнието.
ЗНМ останува отворено за дијалог со институциите со цел унапредување на транспарентноста и заемната соработка, но цврсто стои во одбрана на уредувачката независност, медиумската слобода и правото на јавноста да биде информирана – како темелни вредности на секое демократско општество.
Македонија
Евакуација во Психијатриската болница Бардовци, пожарот го зафати дворот

Попладнево избувна пожар во населбата Геге кој се прошири кон населбата Бардовци и зафати дел од површината на дворот на Психијатриската болница Бардовци, обраснат со висока сува трева и дрвја.
Од Центарот за управување со кризи (ЦУК) информираа дека пожарот претставувал опасност да се прошири во целиот комплекс на болницата. Пациентите и персоналот веднаш биле евакуирани, безбедно изнесени надвор од кругот на болницата.
ЦУК под водство на директорот Мухамед Али, побарал дополнителни сили од Бригадата за противпожарна заштита (БППЗ) и координирал со Хеликоптерската единица на Министерството за внатрешни работи (МВР). Првично се разгледувала можноста за пренасочување на воздушната поддршка, која дејствувала во општина Чучер Сандево – Блаце, за да помогне во гаснењето на пожарот во Бардовци.
Во моментот, пожарот е ставен под контрола и нема потреба од дополнителна воздушна поддршка. Хеликоптерот на МВР останува ангажиран кај Блаце, општина Чучер Сандево.
На лице место, заедно со директорот на ЦУК, Мухамед Али, беше и директорот на болницата, Иса Абдулаи, кои ја координираа целата акција.
Македонија
Хеликоптер го гасне пожарот кај Блаце

Хеликоптер на Министерството за внатрешни работи е веќе вклучен во акцијата за гаснење на пожарот кој избувна над магистралниот пат Скопје – Граничен премин Блаце.
Пожарот избил на потегот пред тунелот, од десната страна на коловозот. Зафатил тежок и непристапен терен, па по дојава на бројот за итни случаи 112, Центарот за управување со кризи (ЦУК) веднаш побарал воздухопловна поддршка. Хеликоптерската единица бргу се активирала, а акцијата на терен се координира заедно со припадници на противпожарните служби и други надлежни институции.