Македонија
Димитров: Ќе ги убедуваме во Софија дека доколку има заемна почит, јазикот не може да биде пречка

Вицепремиерот задолжен за европски прашања, Никола Димитров, денеска се обрати на онлајн-конференција со наслов: „Земјите од Западен Балкан на нивниот пат кон ЕУ – предизвици и можности за европската интеграција“.
На прашањето „Што е потребно за Бугарија да го смени својот став во однос на Северна Македонија?“, Димитров истакна:
„Нема да престанеме со напорите. Остануваме посветени да најдеме излез, но само во рамките на тоа што е можно. Ние сме целосно посветени на обврските што произлегуваат од договорот за добрососедство, но не можеме да зборуваме или да преговараме за јазикот или идентитетот. Јазикот не може да биде пречка за пријателство ако тоа пријателство се заснова на заемна почит и ние ќе продолжиме да ги убедуваме нашите соседи во Софија дека тоа е така. Не е мудро историјата да стане предмет на разговор меѓу политичарите, тоа треба да им се остави на историчарите. Не можеме да ја смениме историјата, но можеме да го промениме денес и утре“, истакна вицепремиерот.
Во контекст на темата на панелот „Што е Европа“, на која Димитров се обрати како главен говорник, тој потенцира дека постојат два магнета што ги привлекуваат македонските граѓани кон Европската Унија.
„Првиот е просперитет и е поврзан со заедничкиот европски пазар. Вториот се европските вредности, како што се демократијата, владеењето на правото, независни судии, борба против корупцијата, отчетност, слободни медиуми, чист воздух и вода. Секогаш кога се прават компромиси во однос на вториот магнет, ЕУ станува помалку привлечна“, рече Димитров.
Онлајн-конференцијата беше во организација на Европскиот балкански фонд, BiEPAG и Данскиот институт за надворешна политика.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
ЗНМ: Апелите од Министерството за здравство се на граница на цензура

Здружението на новинари на Македонија (ЗНМ) со загриженост ја следи јавната комуникација на Министерството за здравство, во која се упатуваат апели до медиумите кои се ограничувачки по својата содржина и претставуваат обид за воспоставување на лоша институционална пракса во односите со медиумите.
„Како ЗНМ, го осудуваме обидот на Министерството да наметнува практични правила за тоа како медиумите треба да известуваат, особено кога тоа се однесува на чувствителни настани од јавен интерес. Таквите инструкции, иако формално претставени како апели, во суштина се форма на институционален притисок и можна цензура, што е спротивно на основните демократски принципи и правото на слобода на изразување“, велат од ЗНМ.
Потсетуваат дека членот 16 од Уставот гарантира слобода на јавното информирање и забрана на цензурата, а прашањата поврзани со новинарската етика и професионализмот припаѓаат исклучиво на саморегулаторната сфера. За тие прашања постојат Советот за етика во медиумите и Судот на честа при ЗНМ, кои се единствено надлежни да оценуваат евентуални повреди на етичките норми.
„Ги повикуваме новинарите и медиумските работници да продолжат да известуваат со професионализам, етика и чувствителност, особено кога се работи за трагични настани и ранливи групи. Но истовремено, укажуваме дека секој обид за институционално ограничување на пристапот до информации и начинот на известување е неприфатлив и штетен по јавниот интерес“, велат од Здружнието.
ЗНМ останува отворено за дијалог со институциите со цел унапредување на транспарентноста и заемната соработка, но цврсто стои во одбрана на уредувачката независност, медиумската слобода и правото на јавноста да биде информирана – како темелни вредности на секое демократско општество.
Македонија
Евакуација во Психијатриската болница Бардовци, пожарот го зафати дворот

Попладнево избувна пожар во населбата Геге кој се прошири кон населбата Бардовци и зафати дел од површината на дворот на Психијатриската болница Бардовци, обраснат со висока сува трева и дрвја.
Од Центарот за управување со кризи (ЦУК) информираа дека пожарот претставувал опасност да се прошири во целиот комплекс на болницата. Пациентите и персоналот веднаш биле евакуирани, безбедно изнесени надвор од кругот на болницата.
ЦУК под водство на директорот Мухамед Али, побарал дополнителни сили од Бригадата за противпожарна заштита (БППЗ) и координирал со Хеликоптерската единица на Министерството за внатрешни работи (МВР). Првично се разгледувала можноста за пренасочување на воздушната поддршка, која дејствувала во општина Чучер Сандево – Блаце, за да помогне во гаснењето на пожарот во Бардовци.
Во моментот, пожарот е ставен под контрола и нема потреба од дополнителна воздушна поддршка. Хеликоптерот на МВР останува ангажиран кај Блаце, општина Чучер Сандево.
На лице место, заедно со директорот на ЦУК, Мухамед Али, беше и директорот на болницата, Иса Абдулаи, кои ја координираа целата акција.
Македонија
Хеликоптер го гасне пожарот кај Блаце

Хеликоптер на Министерството за внатрешни работи е веќе вклучен во акцијата за гаснење на пожарот кој избувна над магистралниот пат Скопје – Граничен премин Блаце.
Пожарот избил на потегот пред тунелот, од десната страна на коловозот. Зафатил тежок и непристапен терен, па по дојава на бројот за итни случаи 112, Центарот за управување со кризи (ЦУК) веднаш побарал воздухопловна поддршка. Хеликоптерската единица бргу се активирала, а акцијата на терен се координира заедно со припадници на противпожарните служби и други надлежни институции.