Македонија
Директорот на РЕК Битола осомничен за незаконски избор на јавна набавка
Основното јавно обвинителство Битола, постапувајќи по пријава од Управата за финансиска полиција, поведе постапка против седум лица за кривично дело – Злоупотреба на службена положба , како и три лица за несовесно работење во службата. Дополнително, врз основа на согледувањата на јавниот обвинител, постапката веднаш е проширена и за едно правно лице и за управителот на тоа правно лице, кои не беа опфатени во пријавата од УФП.
Имено, сомненијата се дека првоосомничениот директор на РЕК Битола во постапката за јавна набавка за ископ на инвестициска откривка во Брод Гнеотино, ја искористил службената положба и овластувања и на 19.08.2022 година донел Одлука за избор на најповолна понуда, со која противправно ја отфрлил понудата на едно правно лице, иако таа била најниска. Спротивно на член 112 став 1 од Законот за јавни набавки противправно за најповолна понуда ја избрал поскапата понуда на осомниченото правно лице со кое склучил Договор и рамковна спогодба за ископ на инвестициска откривка во Рудник Брод Гнеотино и Анекс 1 кон Основниот Договор на износ од 849.600.000 денари.
Вториот, третиот и четвртиот осомничен ја искористиле службената положба и овластување како членови на стручна комисија за евалуација на техничката и професионалната способност на пристигнатите понуди на јавната набавка. При оценка на пристигнатите понуди тие ја ограничиле конкуренцијата и му овозможиле на првопријавениот да донесе незаконска одлука за избор на најдобар понудувач.
Петто, шесто и седмопријавениот биле претседател и членови на Комисијата за спроведување на постапката за јавна набавка кои противправно ја оцениле како неприфатлива понудата која била поевтина.
Осомничени се и три лица од Бирото за јавни набавки кои постапиле несовесно вршејќи управна контрола на постапката и констатирале дека таа е законски спроведена.
Со реализација на Договорот за ископ на инвестициска откривка во Рудникот Брод Гнеотино, пријавените овозможиле осомниченото правното лице да оствари противправна имотна корист, со што на Буџетот на РСМ направена е штета во висина од 178.370.320 денари. За управителот на правното лице поведена е постапка за поттикнување на злоупотребата.
Имајќи го предвид наведеното, а особено имајќи предвид дека се работи за наводи за значителна имотна штета на Буџетот и сомнение за кривично дело за кое е запретена казна затвор од 1 до 5 години, основано е да се стравува дека осомничените лица без определување на мерки за претпазливост ќе имаат мотив да ја напуштат државата и да избегнат кривична одговорност за преземените дејствија.
Затоа јавниот обвинител од судијата на претходна постапка побара да определи мерки на претпазливост – одземање на патна исправа и задолжително јавување кај надлежен орган. Мерките се предложени за седум лица, бидејќи за првоосомничениот веќе е на сила мерка притвор определена во друг предмет.
Исто така, со цел обезбедување на имотната корист од незаконските дејствија, јавниот обвинител предложи привремени мерки за обезбедување – замрзнување на пари во износ од 178.370.320 денари на банкарска сметка, како и движен имот од правното лице и управителот, односно 12 возила за кои има сомнение дека биле набавени со нелегално стекнатата имотна корист.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Осмомартовски марш во Скопје со порака „Нема да нè снема“
По повод 8 Март – Меѓународниот ден на жената, Платформата за родова еднаквост повика на традиционален марш за женски права што ќе се одржи во Скопје.
Според соопштението, маршот ќе започне во 12:00 часот во паркот „Жена Борец“, а ќе заврши пред украдената биста на Вера Јоциќ, како симболичен чин на протест против, како што се наведува, „фактичкото и фигуративното бришење на жените во општеството“.
Организаторите посочуваат дека слоганот „Нема да нè снема“ ја изразува борбата на жените за опстанок и безбедност во систем кој, според нив, често не ги штити од насилство и ги остава на маргините на општеството. Се наведува дека женската работа често е невидлива, помалку платена и недоволно заштитена, а особено ранливи се жените што работат хонорарно, кои често немаат здравствено, социјално и пензиско осигурување.
Платформата за родова еднаквост посочува и на зголемен број случаи на родово базирано насилство и фемициди, нагласувајќи дека институционалните пропусти оставаат многу жени без заштита и правда.
Со маршот на 8 март, организаторите повикуваат граѓаните да се приклучат и заедно да испратат порака дека жените ќе продолжат да се борат за еднаквост, безбедност и достоинство.
Македонија
СДСМ да не користи трагедии како во минатото за добивање на политички поени, реагира ВМРО-ДПМНЕ
Срамно и безобразно е соопштението од страна на СДСМ во однос на трагедијата која се случи во скопски Карпош, оценува ВМРО-ДПМНЕ.
„Истата партија СДС, да потсетиме дека обично кога се во опозиција, трагедиите ги користи стрикно за собирање на политички поени, а не за да покаже емпатија. Случајот со Нешковски, малата Тамара, Диво Насеље, Смилковско езеро и многу други, се случаи кои СДС пред да дојде на власт со Заев и Филипче, ветуваше правда и велеше дека ќе обелодени некаква вистина која била криена по повод овие трагедии. СДС со Заев и Филипче, кога дојдоа на власт, заборавија на се како да имаат амнезија.
Затоа, за оваа тема, која ја потресе цела јавност, ги замолуваме СДС да не ја користат за политички поени. За разлика од порано, разликата е во тоа што сега работите се кажуваат гласно и транспарентно, а виновниците имаат имиња и презимиња.
ВМРО-ДПМНЕ упатува сочувство до семејствата на жртвите и посакува да не се случуваат вакви трагедии во иднина“, се вели во реакцијата.
Македонија
Од Пинтија до Драчево ќе се гради современ булевар со четири ленти
Градоначалникот на Град Скопје, Орце Ѓорѓиевски најави дека почнува реализацијата на изградбата на булеварот Борис Трајковски.
Објавена е јавната набавка, а по завршување на законската постапка, градежните работи се очекува да почнат за околу 40 дена. Рокот за изведба е до крајот на календарската година.
Проектот опфаќа изградба на современ булевар во должина од 850 метри, со четири коловозни ленти и безбедна пешачко-велосипедска патека, на потегот од трафостаницата во Пинтија до кружниот тек во Драчево. Со ова трајно ќе се реши долгогодишниот сообраќаен проблем со кој секојдневно се соочуваат над 100.000 граѓани.

Надлежните апелираат за трпение за време на градежните активности, нагласувајќи дека привремените отежнувања ќе донесат долгорочно, квалитетно и безбедно сообраќајно решение за сите граѓани.

