Македонија
Добротворна забава за поддршка на луѓе што живеат со ХИВ

Вечерва со почеток од 21 часот во „ShortBus“ ќе се одржи добротворна забава која ја организира „Заедно посилни“, здружение за поддршка на луѓето што живеат со ХИВ, во склоп на активностите за одбележување на Светскиот ден на СИДА. Музика ќе пуштаат диџеите Соња Исмаил, Ивана Драгшиќ и Вера Вендета, а модератори на настанот се телевизиските водители Марко и Цеце.
Светскиот ден на СИДА, кој се одржува на 1 декември секоја година од 1988, е меѓународен ден посветен на подигнувањето на јавната свесност за ХИВ и СИДА, посебно истакнувајќи ги постигнатите достигнувања во превенција на ХИВ-инфекцијата, но и достапноста на терапија со чие навремено почнување и редовно земање се очекува повеќето луѓе да имаат просечно долг и квалитетен живот како и луѓето кои немаат ХИВ. Покрај сеќавањето на оние кои ја изгубиле битката со ХИВ, воедно се изразува солидарност со и поддршка на луѓето што живеат со ХИВ. Меѓународниот симбол за свесност и поддршка е црвената панделка.
По тој повод, здружението „Заедно посилни“ години наназад традиционално организира добротворен настан овој период од годината, на кој се прибираат донации за фондот за поддршка на луѓе што живеат со ХИВ во неповолна социјална положба. Преку овој фонд на „Заедно посилни“ повеќе години континуирано се обезбедува скромна помош за овие лица и тоа: патни трошоци за редовна контрола и подигнување на терапија од Клиниката за инфективни болести во Скопје; ваучери за основни прехранбени и хигиенски производи на месечно ниво; и еднократна помош за лица во исклучително висок социјален ризик.
Воедно, годинава „Заедно посилни“ слави јубилеј – 10 години од основањето – во 2009 г. како неформална група во рамките на ХЕРА, а 2013 г. прераснува во граѓанска организација за поддршка на луѓето што живеат со ХИВ.
Поддршката, и од граѓанските организации кои работат во оваа област и од институциите и од самите граѓани, е клучна во остварувањето на зацртаните цели, а тоа се: нулта толеранција на дискриминацијата, да се зголеми бројот на лица со ХИВ кои примаат терапија и да се намали бројот на нови инфекции кај возрасните. Само преку демонстрирањето обединет фронт и со заеднички напори можеме да ставиме крај на епидемијата на ХИВ и да придонесеме за нормализација на ХИВ притоа креирајќи овозможувачко и инклузивно опкружување за сите. Затоа, оваа година, кампањата не случајно е насловена #ЗаедноПосилни.
Овогодишната кампања „Заедно посилни“ ја организира со поддршка на Министерството за здравство на Република Северна Македонија, Фондот за население при Обединетите нации (УНФПА), Евроазиската коалиција за машко здравје (ЕКОМ) од Естонија и Фондацијата Отворено општество – Македонија.
Во рамките на кампањата, во соработка со „Види Вака“, беше изработен информативен и едукативен видео-спот. „Заедно посилни“ нуди информации, советување и едукација за ХИВ, како и поддршка за луѓето што живеат со ХИВ: врсничка, психосоцијална и правна. Во рамките на нивните простории функционира пункт за проверка на ХИВ-статус со обучен и доверлив персонал, каде што може да се направи бесплатно, брзо и анонимно тестирање за ХИВ, а резултатот се добива веднаш. Термините за оваа услуга се секоја среда и сабота од 17 до 20 часот.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
ЗНМ: Апелите од Министерството за здравство се на граница на цензура

Здружението на новинари на Македонија (ЗНМ) со загриженост ја следи јавната комуникација на Министерството за здравство, во која се упатуваат апели до медиумите кои се ограничувачки по својата содржина и претставуваат обид за воспоставување на лоша институционална пракса во односите со медиумите.
„Како ЗНМ, го осудуваме обидот на Министерството да наметнува практични правила за тоа како медиумите треба да известуваат, особено кога тоа се однесува на чувствителни настани од јавен интерес. Таквите инструкции, иако формално претставени како апели, во суштина се форма на институционален притисок и можна цензура, што е спротивно на основните демократски принципи и правото на слобода на изразување“, велат од ЗНМ.
Потсетуваат дека членот 16 од Уставот гарантира слобода на јавното информирање и забрана на цензурата, а прашањата поврзани со новинарската етика и професионализмот припаѓаат исклучиво на саморегулаторната сфера. За тие прашања постојат Советот за етика во медиумите и Судот на честа при ЗНМ, кои се единствено надлежни да оценуваат евентуални повреди на етичките норми.
„Ги повикуваме новинарите и медиумските работници да продолжат да известуваат со професионализам, етика и чувствителност, особено кога се работи за трагични настани и ранливи групи. Но истовремено, укажуваме дека секој обид за институционално ограничување на пристапот до информации и начинот на известување е неприфатлив и штетен по јавниот интерес“, велат од Здружнието.
ЗНМ останува отворено за дијалог со институциите со цел унапредување на транспарентноста и заемната соработка, но цврсто стои во одбрана на уредувачката независност, медиумската слобода и правото на јавноста да биде информирана – како темелни вредности на секое демократско општество.
Македонија
Евакуација во Психијатриската болница Бардовци, пожарот го зафати дворот

Попладнево избувна пожар во населбата Геге кој се прошири кон населбата Бардовци и зафати дел од површината на дворот на Психијатриската болница Бардовци, обраснат со висока сува трева и дрвја.
Од Центарот за управување со кризи (ЦУК) информираа дека пожарот претставувал опасност да се прошири во целиот комплекс на болницата. Пациентите и персоналот веднаш биле евакуирани, безбедно изнесени надвор од кругот на болницата.
ЦУК под водство на директорот Мухамед Али, побарал дополнителни сили од Бригадата за противпожарна заштита (БППЗ) и координирал со Хеликоптерската единица на Министерството за внатрешни работи (МВР). Првично се разгледувала можноста за пренасочување на воздушната поддршка, која дејствувала во општина Чучер Сандево – Блаце, за да помогне во гаснењето на пожарот во Бардовци.
Во моментот, пожарот е ставен под контрола и нема потреба од дополнителна воздушна поддршка. Хеликоптерот на МВР останува ангажиран кај Блаце, општина Чучер Сандево.
На лице место, заедно со директорот на ЦУК, Мухамед Али, беше и директорот на болницата, Иса Абдулаи, кои ја координираа целата акција.
Македонија
Хеликоптер го гасне пожарот кај Блаце

Хеликоптер на Министерството за внатрешни работи е веќе вклучен во акцијата за гаснење на пожарот кој избувна над магистралниот пат Скопје – Граничен премин Блаце.
Пожарот избил на потегот пред тунелот, од десната страна на коловозот. Зафатил тежок и непристапен терен, па по дојава на бројот за итни случаи 112, Центарот за управување со кризи (ЦУК) веднаш побарал воздухопловна поддршка. Хеликоптерската единица бргу се активирала, а акцијата на терен се координира заедно со припадници на противпожарните служби и други надлежни институции.