Македонија
Додека граѓаните плаќаат најскапа струја власта се правда дека покачувањето е „минимално“, велат од партијата Левица
„Наместо покачување на платите и животниот стандард, граѓаните од јануари ќе плаќаат повисоки сметки за струја, благодарение на немањето визија од владата предводена од премиер „енергетичар“. Македонија е држава каде енергетскиот сектор е во колапс, откако вчера владата прогласи кризна состојба, а РКЕ донеси одлука за покачување на цената на струјата под диктат на приватниот монопол ЕВН ХОУМ“, велат од партијата Левица.
„Иако владата на Мицкоски ветуваше дека ќе го укине надоместокот за мрежарина од 200 денари, не само што не го укина, туку факт е дека Македонците плаќаат најскапа струја во регионот. Ова е уште еден доказ дека енергетскиот сектор е поставен да носи сигурен профит за приватниот капитал и дека оваа влада е единствено во служба на енергетската мафија.
Впрочем, и самиот Мицкоски своето богатство го акумулира преку приватни хидроцентрали и сомнителни бизниси во енергетскиот сектор, за кои до ден денес јавноста нема целосно информации. За Левица е очекувано премиер кој потекнува од приватниот енергетски сектор да го брани интересот на бизнис-олигархијата, наместо интересот на мнозинството граѓани.
Дополнително, РКЕ со Бислимовски повторно се докажа дека е целосно непотребна институција, која само ги аминува барањата на австрискиот капитал! Затоа, Левица ќе бара укинување на оваа регулаторна комисија, која никако не го штити интересот на народот.
Наместо таложење милионски профити за австриска ЕВН, Левица бара итно замрзнување на цената на струјата за домаќинствата и преиспитување на одлуката, како и државната ЕСМ продажба да биде постојан законски универзален снабдувач“, соопштуваат од партијата Левица.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Нов дефокус, сега Бугарите се криви за покачувањето на струјата, велат од СДСМ
„Ги слушаме претставниците на ВМРО Ванчовистичка во јавните настапи како зборуваат за внесување на Бугари во Устав.
Дали сега за поскапувањето на струјата се виновни Бугарите“, прашуваат од СДСМ.
Или, како што додаваат, е виновен претседателот на СДСМ, Венко Филипче, Заев Заев кој 5 години е во полтичка пензија.
„Дали е виновен некој друг од СДСМ?
Секогаш некој друг е виновен за криминалот и корупција на ВМРО Ванчовистичка.
Сега излегле со најново „сензационално“ сознание: Бугарите се виновни што нема мазут. Виновни се и што поскапе струјата.
Наскоро ќе бидат други виновни и што недостига една милијарда евра во буџетот.
Добро како гледа ВМРО Ванчовистичка на граѓаните во Македонија?
Да не ги гледа со „магарешки уши“?
Да не беше тажно — ќе беше навистина смешно“, додаваат од опозициската партија.
Македонија
СДСМ: Кризна состојба заради тендери, зошто навреме не е набавен мазут
Кризната состојба во енергетиката не е поради протестите во Грција туку поради криминалните тендери и неспособноста на ДПМНЕ, велат од СДС:
„Кои се фактите:
-77 милиони евра е официјална загуба за само првите два квартали оваа година, со проекција од над 100 милиони евра загуба до крајот на 2025 година.
-Има историски најлошо производство на домашна струја, од планирани 5.100 GWh, не се произведени ниту половина.
-Наместо да се произведува струја дома, која чини 80-90 евра мегават час, Владата купува скапа струја за 140 евра мегават часови.
Сето ова треба да се покрие со „кризна состојба“ за граѓаните да ги платат овие загуби.
Така доаѓаме и до клучното прашање: зошто навреме не бил набавен мазут, зошто се чекало досега“.
Прашуваат, дали можеби веќе постои избрана фирма за снабдување со мазут.
„Какво е ова решение да се трошат преостанатите резерви на мазут без обезбедени нови количини? Па тоа само ќе ја продлабочи загубата во ЕСМ.
Граѓаните го знаат одговорот. Заради тендери. За некој да профитира. Како што се и 161 тендер за една фирма или 9 милиони евра за друга фрима за двајца вработени.
100 милиони евра загуба, буџетска дупка од 1 милијарда евра, се заради криминални тендери.
Одговорност ова мора да има“.
Македонија
Ако пиеш не вози, ако возиш немој да пиеш, секој живот е важен: новогодишна кампања за безбедност во сообраќајот
Републичкиот совет за безбедност на сообраќајот на патиштата, во пресрет на новогодишните и божиќните празници ја реализира новогодишната кампања за подигнување на јавната свест за ризиците од управување на моторни возила под дејство на алкохол.
Празничниот период е карактеристичен по зголемена раздвиженост на населението, зголемен интензитет на сообраќајот, новогодишни прослави и семејни дружби, што објективно го зголемува ризикот од настанување на сообраќајни незгоди со тешки последици, истакнуваат од таму.
„Алкохолот значително ги нарушува психофизичките способности на возачот, ја намалува концентрацијата, го продолжува времето на реакција и ја компромитира способноста за правилна проценка и донесување одлуки во сообраќајот.
Управувањето на возило под дејство на алкохол не претставува само прекршување на сообраќајните правила и прописи, туку и сериозен безбедносен ризик кој директно ги загрозува животот и здравјето на возачите, патниците и останатите учесници во сообраќајот.
Последиците од ваквото неодговорно однесување често се трајни и ненадоместливи – за поединците, семејствата и општеството во целина.
Во таа насока, Републичкиот совет за безбедност на сообраќајот на патиштата упатува јасен и недвосмислен апел до сите учесници во сообраќајот:
• да не управуваат моторно возило под дејство на алкохол;
• навремено да планираат безбедна алтернатива за превоз ( јавен превоз, такси-служба );
• доследно да ги почитуваат сообраќајните правила и прописи, со посебен акцент на ограничувањата на брзината на движење, почитување на сообраќајната сигнализацијата и користење на заштитна опрема;
• да покажат зголемена внимателност и одговорност кон ранливите категории на учесници во сообраќајот.
Безбедноста во сообраќајот е заедничка одговорност на сите. Со почитување на законските прописи и одговорно однесување во сообраќајот, секој поединец може да придонесе празничните денови да бидат исполнети со радост и среќа, а не со трагични последици“.

