Македонија
Доделена наградата „Вавилон“ за најдобар млад преведувач
По седми пат, Делегацијата на Европската Унија во Република Северна Македонија и Здружението на преведувачи и толкувачи ЗПРМ ја доделија Наградата за најдобар млад преведувач „Вавилон“ по повод Европскиот ден на јазиците. Дејвид Гир, амбасадорот на Европската Унија и Огнена Никуљски, претседателката на Организациониот одбор на наградата „Вавилон“, ги доделија наградите на победниците на церемонијата што се одржа на 25 септември во Europe House.
Оваа година, првата награда му беше доделена на Сашо Данилов, за неговиот превод на делото „Телефонската говорница на другата страна од мостот“ од Аријане Грундис, од германски на македонски јазик и на Ардита Зулфиу за нејзиниот превод на делото „Место на чекање“ од Соња Хернандез, од шпански на албански јазик. Наградите за второ место беа доделени на Благица Димитрова, за преводот на „Господин Плата“ од Сали Руни, од англиски на македонски јазик, и на Кристина Стаменкова за нејзиниот превод на „Месечевата дама“ на Андреа де Карло, од италијански на македонски јазик.
Наградата „Вавилон“, иницирана од Делегацијата на Европската Унија во 2013 година, настојува да се промовираат младите преведувачи, како и да се поттикне извонредност во преводот на книжевни дела. Конкурсот е отворен за млади преведувачи до 26 годишна возраст, кои може да се пријават на конкурсот со превод на книжевни дела од некој од 24 службени јазици на Европската Унија на некој од јазиците што се зборуваат во земјата.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Зајкова: Една изборна единица има смисла само со отворени листи
Претседателката на Либерално-демократската партија (ЛДП), Моника Зајкова, реагираше по одржаната лидерска средба во Клубот на пратеници, оценувајќи дека нејзиниот исход е „0 проценти економија и 100 проценти политика“.
„Очекуваниот исход од ‘лидерската’ средба е 0% економија и 100% политика. Една изборна единица има смисла само со отворени листи. Во спротивно, како и денес, само неколку мажи ќе продолжат да ја дефинираат судбината на Македонија, наместо граѓаните. Моќта и финансиите ќе останат кај нив, а за народот — трошки. Со отворени листи ќе има поодговорни народни избраници, а со тоа и повеќе пари за граѓаните“, напиша Зајкова на својот Фејсбук профил.
Од ЛДП посочуваат дека лидерската средба има смисла само доколку отвори суштински прашања што директно го засегаат животот и животниот стандард на граѓаните, а не доколку се сведе исклучиво на дилемата за укинување или задржување на техничката влада.
Во соопштението се наведува и дека, иако Зајкова е пратеничка и единствена жена-лидер на партија во Македонија, таа не добила покана за учество на средбата. Организаторите, како што се посочува, одлучиле да поканат само претставници на партии кои имаат пратенички групи во Собранието.
„Лидерските средби не треба да бидат поле за дневно-политички надмудрувања и покажување мускули, туку простор за носење решенија и одлуки што ќе придонесат за подобра иднина на сите граѓани“, наведуваат од Либерално-демократската партија.
Македонија
„Пирамид Билдинг Солушнс“ бара извинување по обвинувањата на СДСМ: Работиме повеќе од 15 години без ниту еден скандал
Компанијата Пирамид Билдинг Солушнс ДООЕЛ Скопје бара јавно извинување од Социјалдемократскиот сојуз на Македонија во рок од 24 часа, поради, како што наведува, јавни напади, клевети и тенденциозно пласирани информации изнесени од претставниците на оваа партија на прес-конференциите на Јон Фрчковски и Петар Огненовиќ.
Во однос на обвинувањата за склучени договори со општини под водство на ВМРО-ДПМНЕ, компанијата објаснува дека станува збор за селективно прикажување на факти со кое се создава искривена слика за нејзиното работење и се нанесува сериозна штета врз угледот, интегритетот и деловната репутација.
Оттука истакнуваат дека повеќе од 15 години успешно опстојуваат и работат на македонскиот пазар, без, како што наведуваат, ниту еден скандал, со доследно почитување на законите и процедурите и со континуиран раст базиран на квалитет и професионалност.
Во соопштението се додава и дека во јавните настапи на претставниците на СДСМ не бил спомнат клучен факт – дека токму во периодот на нивното владеење и раководење со институциите, компанијата добила значителен број договори за јавни набавки, кои биле целосно и успешно реализирани во согласност со законските прописи.
Како доказ за транспарентно и законско работење, компанијата доставува и табела со склучени и реализирани договори за јавни набавки по години и институции раководени од функционери на СДСМ.
„Апелираме бизнисот да се остави надвор од дневно-политичките пресметки и да не се користат инсинуации и неосновани обвинувања за политички цели“, се наведува во соопштението.
Од Пирамид Билдинг Солушнс порачуваат дека, доколку не добијат јавно извинување во наведениот рок, ќе бидат принудени да ги искористат сите расположливи правни механизми за заштита на своите права, углед и деловен интегритет.
Македонија
Филипче: Подготвени сме за избори кога и да се одржат
Претседателот на СДСМ, Венко Филипче, изјави дека партијата е подготвена да настапи на парламентарни избори кога и да се одржат – годинава, следната година, па дури и на редовните избори во 2028 година.
Филипче посочи дека работа е на премиерот да каже што мисли, но оцени дека, поради, како што рече, катастрофалното водење на државата, убеден е оти ќе има предвремени парламентарни избори.
Според него, не е важно дали изборите би се одржале на пролет, на есен или кон крајот на годината, бидејќи СДСМ е подготвена за изборен процес во секое време.

