Македонија
Доделена наградата „Жан Моне“ за 2020 година

Делегацијата на Европската Унија во партнерство со Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници денеска ја додели наградата „Жан Моне“, и тоа во три категории, за најдобра новинарска сторија, за најдобра професионална фотографија и за најдобра аматерска фотографија.
Новинарките Ивана Смилевска и Емилија Петреска од Радио МОФ ја освоија наградата во категоријата најдобра новинарска сторија во 2020 година за текстот со наслов „Од Вива ла Дива до победа во Стразбург – колку државата е отворена за транс права“ во кој се обработуваат предизвиците со кои се соочуваат трансродовите лица во Македонија.
Наградата, пак, за професионална фотографија ѝ припадна на Арбнора Мемети за фотографија објавена во Мета.мк, додека за наградата за најдобра аматерска фотографија му припадна на Виктор Поповски.
„Професионален и објективен медиумски сектор може да биде огромна сила којашто ќе придвижува промени кон подобро, обезбедувајќи транспарентност и отчетност, но исто така стимулира јавна дебата, креативност и иновативност. Секторот има должност да обезбеди почитување на највисоките професионални стандарди. Владата треба да гарантира постоење на средина каде што можат да напредуваат независни и професионални медиуми. И сите ние сме должни да зборуваме кога слободата на медиумите е оспорена“, рече амбасадорот Гир во својот поздравен говор.
Со жири-комисијата која одлучуваше за доделување на наградите претседаваше Марина Тунева од Советот за етика во медиумите во Македонија, а членови беа искусни новинари и фоторепортери, како и претставници на Делегацијата на Европската Унија.
„Ова 18-то издание на наградата Жан Моне уште еднаш ја покажа важноста на новинарството и медиумите за развој на демократијата. Исто така, за тоа е уште позначајна и поддршката на младите новинари и фоторепортери, кои и тоа како покажуваат чувство за вистински теми важни за општеството“, рече Дарко Дуридански од Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници.
Наградата се состои од статуетки за сите победници изработени специјално за оваа пригода, ваучер за техничка опрема во вредност од 1.000 евра за победниците во категоријата најдобра новинарска сторија и најдобра професионална фотографија, како и ваучер во вредност од 500 евра за победникот во категоријата најдобра аматерска фотографија. Статуетките за наградата годинава ги изработи ликовниот уметник Антонио Пирковски.
Темата на конкурсот за најдобра новинарска сторија и најдобра репортерска фотографија беше „Солидарноста на Европската Унија за време на пандемија – очекувања и можности”, а за аматерска фотографија „Заедницата – тоа сме ние“.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Филипче: Мицкоски е скапо платен спроведувач на интересите на држави кои не ѝ мислат добро на Македонија

За една година ВМРО-ДПМНЕ ја заглави државата на меѓународен план, станавме држава заложник на туѓи интереси, кажа претседателот на Социјалдемокртаскиот сојуз на Македонија, Венко Филипче, на вечерашната трибина „Мугра на Слободата“, во Крушево.
Тој рече дека Владата на ВМРО ДПМНЕ од држава со јасна иднина напред, ја направи држава заложник на туѓи интереси.
„За една година ВМРО-ДПМНЕ ја заглави државата на меѓународен план. Од држава со јасна иднина напред, станавме држава заложник на туѓи интереси кои што ја раководат оваа власт преку финансиско заложништво. Мицкоски е скапо платен спроведувач на политики на држави кои не и мислат добро на Македонија, туку ја гледаат само како поле за своите геостратешки интереси“, рече Филипче.
Тој обвини дека Мицкоски со новите задолжувања направил вистинско предавство на интересите на државата.
„Долговите од 7 милијарди евра ќе бидат камен околу вратот за секој млад човек и за развојот на државата во следните 10 години. Ова е вистинско предавство на националните интереси, вистинско предавство на државата“, рече Филипче.
Во обраќањето пред присутните граѓани во Крушево, Филипче рече дека премиерот Мицкоски ја турка Македонија во амбисот на криминалот, корупцијата, самоволието, киднапирајќи ја европската иднина за државата.
Македонија
(Видео) Филипче: Димитриевски му слугувал на Мицкоски за да се спаси од политички прогон

На вечерашната граѓанска трибина „Мугра на слободата“ која се одржа во Крушево, претседателот на СДСМ, Венко Филипче, во своето обраќање рече дека кумановскиот градоначалник Миксим Димитриевски му слугувал на Мицкоски за да се спаси од политички прогон.
„Максим Димитриевски конечно се потврди за што е влезен во коалиција со Мицкоски и која беше неговата цел. Не била само поделбата на СДСМ. Негова цел била да се спаси од правен прогон. Скандалозно е и преседан е во судството на само еден ден од носење на пресуда обвинението против него да се повлекува. И ова е јасен знак дека тој е политички заштитен од Христијан Мицкоски и дека е сега негов вечен должник. Јасно е зошто тројанскиот коњ Димитриевски беше задолжен да го дели СДСМ. Сега повеќе никој не му верува“, рече Филипче.
Оценувајќи ги меѓупартиските релации, тој во своето обраќање партиите ВМРО-ДПМНЕ и ЗНАМ ги нарече колаборациоалисти.
„ВМРО-ДПМНЕ и нивниот привезок ЗНАМ се колаборационисти. Со години лажат и шират хистерија дека тие ќе се „бореле со Бугарите“, а впрочем тие се тоа. Нема кој нема бугарски пасош од нив и не е проблем да имаш бугарски пасош, од било која причина – економска, социјална или лична – но лицемерно е да се правиш патриот дека ќе се бориш против „бугарски диктат“ а да имаш фирми во Бугарија, државјанства, и разни други интереси. За нив може ЕУ, за другите не може“, рече Филипче.
Македонија
Мицкоски: Ќе воведеме обврска институциите да одговорат на барањата на граѓаните, задолжително и во најбрз рок

Ќе воведеме обврска институциите да одговорат на барањата на граѓаните, задолжително и во најбрз рок, најави премиерот и претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски на денешната трибина во Струмица насловена „Една година ги градиме темелите на македонското земјоделство и храна“.
„Свесен сум дека мора да направиме и многу други работи. И работиме на тоа. Мора да се знае дека граѓаните ќе бидат на прво место. Затоа предвидуваме гаранција за услуга, во рок од 5 дена во сите општини и институции. Тоа нема да биде желба , туку закон. Секој граѓанин ќе добие одговор. Навреме, точно и без чекање. Ќе воведеме нова услуга каде администрацијата, за првпат, ќе биде таа што ќе го бара граѓанинот, а не спротивно. Ставаме крај на молкот, одложувањата и бирократската ароганција. Ќе обезбедиме гарантиран максимум на чекање во институциите. Ќе постојат јасни граници и секое прекршување ќе се казнува. Почит за времето на граѓанинот ќе биде основна вредност на новата јавна администрација. Ќе воведеме Јавна листа со времиња на чекање по сите здравствени установи. Транспарентноста ќе стане стандард, пациентите ќе знаат каде ќе добијат најбрза услуга“, кажа Мицкоски.
Тој истакна дека во образованието ќе се воведе предмет за изучување на вештачката интелигенција.
„Воведување предмет за изучување на вештачка интелигенција во образованието. Нема повеќе да учиме само за минатото, ќе ги подготвиме генерациите за иднината, за новата економија, за дигиталната ера што веќе тропа на вратата. Ова е визијата што ја градиме“, посочи Мицкоски.