Македонија
ДОМ: Потребен е посебен закон за Водно
Зелената партија – ДОМ, го подржува барањето на експертите, граѓанските здруженија и иницијативи за изработка на посебен закон за заштита на парк-шумата Водно.
Партијата смета дека тековниот процес на прогласување на Водно за заштитено подрачје нема да обезбеди интегрална заштита и неопходно е со закон да се заштити поголем дел од планината, особено северната страна.
„Законот мора да обезбеди спречување на ерозијата, заштита од поплави и стабилизација на свлечиштата, односно да оневозможи натамошна изградба на нови објекти за домување и хотели на падините на Водно.
Потребно е да се донесе Просторен план и План за управување со Водно со што прецизно ќе се дефинира кои активности се дозволени, а кои забранети“, додава ДОМ преку соопштение.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Декември со околу 60.000 туристи: најмногу пристигнале од Турција, Бугарија и Србија
Според податоците на Државниот завод за статистика, во декември минатата година, во Македонија престојувале 59.521 туристи, кои оствариле вкупно 112.001 ноќевање.
Од вкупниот број туристи, 63,3 се странски, а 36,7 проценти домашни. Кај ноќевањата, странските туристи учествувале со 57,6, а домашните со 42,4 отсто.
Во периодот јануари – декември 2025 година, вкупниот број на туристи е зголемен за 6,0% во однос на истиот период лани. Детално по сегменти: Домашни туристи: намалување за 2,2%, Странски туристи: зголемување за 10,3%.
Кај вкупниот број на ноќевања е забележан раст од 0,8%, при што: Ноќевањата на домашни туристи се намалени за 4,1%. Ноќевањата на странски туристи се зголемени за 6,4%
Најмногу туристи пристигнале од Турција: 7.303, Бугарија: 5.214, Србија: 4.736 и Грција: 3.438.
Премиерот Христијан Мицкоски денес, одговарајќи на новинарски прашања, изјави дека очекува Македонија да ја достигне бројката од пет милиони туристички преноќувања до 2028 или 2029 година, доколку сè се одвива според планот.
Тој рече дека минатата 2025 година, според бројките коишто ги објави Државниот завод за статистика имаме зголемен број на туристи, а она коешто посебно охрабрува е што е зголемен бројот на странски туристи над 10 отсто. Мицкоски рече дека се ближиме на бројката од три и пол милиона преноќувања, што исто така претставува многу значаен податок.
Македонија
Алиу: Владата донесе одлука за решавање на проблемот со паркингот во Клиничкиот центар „Мајка Тереза“
Министерот за здравство, Азир Алиу, информира дека Владата, на последната седница, донела одлука за решавање на проблемот со паркирањето во Клиничкиот центар „Мајка Тереза“ во Скопје.
Со оваа одлука, вели Алиу, се создава правна основа за потпишување договор меѓу Министерството за здравство и Градот Скопје и решавање на деценискиот проблем со паркингот кај клиниките.
„Станува збор за одлука за давање под закуп на недвижни работи со непосредна спогодба со Град Скопје заради организирање, управување, уредување и одржување на паркиралишта во просторот на Комплекс клиники ‘Мајка Тереза’ во Скопје. Во следната фаза, Град Скопје ќе започне со проектирање и изградба на катните гаражи и инфраструктурно уредување. Договорот ќе биде склучен на 15 години со закупнина во висина од 10 проценти од вкупниот проме“, рече Алиу.
Тој додаде дека со ова ќе се овозможи модернизација и зголемување на капацитетите за паркирање на клинички.
Македонија
Хоџа: Регионалниот систем за отпад е реалност
Министерот за животна средина и просторно планирање, Муамет Хоџа, се обрати на настанот „Патеки за вештини и инклузија во секторот за цврст отпад“, организиран од канцеларијата на Европската банка за обнова и развој (ЕБОР) во Северна Македонија, кој се одржа во хотел „Холидеј Ин“ во Скопје.
Во своето обраќање, министерот Хоџа се осврна на системските политики во областа на управувањето со отпадот, нагласувајќи дека Регионалниот систем за управување со отпад веќе преминува од концепт во реалност.
„Многу важно е што Регионалниот систем за управување со отпад веќе не е само идеја на хартија. Ние веќе градиме инфраструктура што е основа на овој систем. Затоа, 2026-та е годината на реална промена. Ова значи крај на импровизациите“, истакна министерот Хоџа.
Тој потсети дека уште од почетокот на неговиот мандат управувањето со отпадот го поставил како еден од клучните приоритети, потенцирајќи дека се неопходни долгорочни и одржливи решенија.
„Немаме повеќе време за привремени решенија. Ни треба траен систем што ќе го штити здравјето на граѓаните. Во градењето на тој систем, од суштинско значење е да имаме работна сила и вештини соодветни на потребите“, нагласи Хоџа.
Министерот ја истакна и значајната улога на европските партнери во процесот на воспоставување одржлив систем за управување со отпад.
„Нашето партнерство со ЕБОР и Европската Унија не е формалност, туку алатка за решавање на реални, децениски проблеми. Управувањето со отпад денес не е само еколошка тема-тоа е економска можност, прашање на достоинствена работа и социјална правда“, рече тој.
На крајот, Хоџа порача дека управувањето со отпад мора да стане извор на раст и иновација, наместо еколошки проблем, додавајќи дека зелената трансформација мора да се реализира на терен, преку изградба на современа инфраструктура, како единствен пат до почиста животна средина и подобар квалитет на живот за сите граѓани.

